Доза вести

„Трчаме – рецитираме“ – по втор пат во Струга

Време на читање: 2 минути

Во Струга, изминатата сабота, (22 мај), се одржа втората Трка на поезијата. Над 1000 учесници од земјава и странство зедоа учество на масовната спортска манифестација. Градот на мостовите успеа да направи спој на поезијата и спортот.  

Целта на оваа спортско- поетска  манифестација првенствено  е промоција на спортот, но и силна туристичка промоција за привлекување на повеќе гости во градот.

„Целта на овој настан е промоција на физичката активност пред сѐ, мотивација за луѓето да почнат да се занимаваат со некаква физичка активност и промоција на нашиот град Струга како туристички град. Преку спортот да направиме промоција на нашиот град“, вели Мими Стојаноска од здружението „Спортски мостови“.

Одржаната трка е од рекреативен карактер во должина од 5 км и од натпреварувачки карактер од 10 км, а за анимација на најмладите имаше  и детска трка од еден километар.

-По втор пат имавме ателетска трка, на 5 и на 10 километри. На наше големо задоволство годинава имавме над 1000  пријавени тркачи. Атмосферата беше одлична, сите имавме еден незаборавен спортски момент. Во детската трка учествуваат 120 дечиња, вели Стојаноска.

Оваа година трката беше под мотото „Трчаме – рецитираме“, бидејќи спортистите не само што трчаа, туку и твореа поезија на тема „Мојата трка“.

-Струга е град на поезијата и во склоп на трката на поезијата ден претходно имавме поетски конкурс, на необјавени творби. Всушност, трчањето е еден вид поезија, вели Стојаноска.

Три децении во Струга немаше градска трка. Спортските ентузијасти од градот, лани ја организираа првата спортска манифестација, која премина  во  традиција. Трката на поезијата  се одржа на 22 мај.

Новинар: Соња Рилковска
Фото: Порака Нова

Напишете коментар