Хуманитарна трка за собирање донации за Онколошкото одделение на Клиниката за детски болести ќе се одржи оваа сабота (28-ми Мај) на кејот на Вардар во Скопје. Трката ќе биде долга 1,5 километар и 3 километри, а стартот ќе биде пред хотелот „Парк” во 9 часот.
На трката може да се пријават сите заинтересирани лица постари од 13 години, како и помлади лица во придружба на возрасен придружник. Котизацијата за трката е 300 денари и се плаќа на самото место, пред почетокот на трката.
Како што соопштија организаторите, за првите тројца што ќе ја завршат трката предвидени се подароци, а сите учесници по завршувањето на трката ќе добијат освежување, свежо овошје и здрава енергетска храна. Сите средства собрани од котизацијата за трката ќе се донираат на Детската клиника.
![](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2022/05/20220525111527.jpg)
Трката наречена „Трчај за надеж” ја организира ученичката од Меѓународното училиште НОВА, Јована Крстевска преку училишниот клуб „Искра надеж” што го основала и чија цел е собирање на донации за маргинализирани групи преку различни видови на интерактивни настани.
„Секој човек заслужува да има еднакви можности, да живее убав и нормален живот. Затоа се трудиме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на оние на кои им е најпотребно и да им пружиме надеж”, вели организаторката на трката.
Заинтересираните за трката можат да се пријават на следниот формулар, или по мејл на [email protected] или преку инстаграм профилот @sparkofhope_club