„Лице в лице“ е улично списание за одржлив развој, кое е клучен елемент на истоимената Платформа за одржлив развој.
Излегува во Македонија од септември 2012 година, и е печатен медиум кој го промовира моделот на социјално претприемништво.

Продавачи 
на списанието  се претставници од најранливите групи во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е за продавачот, а останатата половина се насочува кон продукција на следно издание и  за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.

Содржините на „Лице в лице“  ги поттикнуваат компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира, кои како главна одлика го имаат одржливиот развој, се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина.

Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.

Списанието излегува периодично, до три пати во годината, на 52 страници во боја. Содржината на магазинот, во најголем дел, ја создава тим на волонтери, како и поддржувачи на мисијата на списанието.

„Лице в лице“ е член и на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов и на  националната Мрежа на социјални претпријатија (SEN.mk)

СО КУПУВАЊЕ НА СПИСАНИЕТО „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ” ИМ ПОМАГАТЕ НА МНОГУМИНА. ЧИТАЈЌИ „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ” СИ ПОМАГАТЕ СЕБЕСИ!