Доза вести

Чешка – земја во фокус на 13. издание на „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Во рамките на програмата Земја во фокус е Чешка, а почесен гостин на фестивалот е познатата чешка документаристка Хелена Тшештикова, која ќе одржи и мастерклас на 20 август во „Europe House Скопје“.

Програмата Земја во фокус ќе се одвива со тематски наслов „Чешки филмски експеримент – два, нула, два, два“ и ќе опфати осум долгометражни и неколку кратки, анимирани и доку-анимирани филмови кои ќе ја претстават најновата чешка документаристичка сцена, доловувајќи ѝ ги на публиката на „МакеДокс“ атмосферата и темите што ги интересираат авторите на чешките документарни филмови, нивниот начин на работа, како и односот кон протагонистите и развојот на првичната идеја до филм како целосно дело.

Време на промени, историски и политички превирања, пандемии, научни откритија, експерименти, авантури – се теми што ги обработуваат најновите чешки документарни филмови. Интересен е фактот што најголем удел при продукцијата на овие чешки документарни филмови има Чешката национална телевизија, која очигледно сè уште покажува особен интерес за презентирање на овие социјални и општествени проблеми и настани на граѓаните и се јавува како главен продуцент во најголем број од документарните филмови.

Програмата ќе почне на 19 август, со проекција на филмот „Рене – Затвореник на слободата“ (Чешка, 2021, 102’) на режисерката Хелена Тшештикова, една од најзначајните авторки во чешката документаристика и „мајка на тајм-лапс документарецот“. Таа на 20 август во „Europe House Скопје“ ќе одржи мастерклас на кој низ разговор со Туе Стен Милер ќе ги сподели своите тајни за тоа како ги снима своите документарци, чие снимање понекогаш трае и по 20 години.

Програмата Земја во фокус – Чешка е поддржана од Амбасадата на Република Чешка во Скопје, Чешки центар – Софија и Сивус – Групација „Арикома“.

Фестивалската програма на 13. „МакеДокс“ ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 13. „МакеДокс“ се: Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Еспресо.мк.

Напишете коментар