Доза вести

Нино Flooder и документарниот филм „Рене“ на Хелена Тшештикова – за загревање за 13. „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ на 12 август (петок) организира дружба за загревање за тринаесеттиот „МакеДокс“ во дворот на Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје.

На програмата има „размрдување“ со Нино Flooder, музички дел што почнува во 18 часот, и специјална проекција на документарниот филм „Рене“ (Чешка / 2008 / 83’) на режисерката Хелена Тшештикова, која е почесен гостин на овогодинешнето издание на „МакеДокс“. Проекцијата е планирана за 21 часот, а влезот е бесплатен.

Животот на Рене бил следен од камерата уште од 17-годишна возраст. Камерата го следела неговото безнадежно патување помеѓу затворот и надворешниот свет. Во 2008 година филмот завршува, оставајќи го Рене како болен 37-годишник кој е автор на две издадени книги и кој сè уште има проблеми со законот. Режисерката Хелена Тшештикова го документира личниот развој на Рене наспроти значајните политички промени кои се случуваат во Централна Европа.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје.
Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“.

Напишете коментар