Доза вести

Прв форум за иницирање практики на локално ниво: Одржливо Еко-филмско производство и диструбиција во Битола

Денеска од 18 часот во киното „Манаки“ во Битола официјално ќе биде отворен Првиот форум за иницирање на практики на локално ниво: Одржливо Еко-филмско производство и диструбиција, којшто се одржува во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ, во организација на „Балкан синема ситис“, а во партнерство со локалната самоуправа, Општина Битола и Културен и информативен центар –  Битола. Форумот ќе биде отворен со проекција  на играниот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ, кој е првата македонска продукција која користеше еко практики.

Форумот под слоганот „Дејствувај на локално ниво има за цел преку дијалог помеѓу повеќе засегнати страни од централно, општинско и секторско ниво да поттикне  идеи за градење на една визија за развој на силен локален филмски, културен и креативен сектор, како и визија за создавање и градење на т.н „пријателска филмска и аудиовизуелна околина на локално ниво“‚ која позитивно може да влијае како на заедницата, така и на локалната економија и економскиот раст на подолг период.

Иницирањето на Форум за локални практики во иднина треба да придонесе за создавање на подобра стратегија за децентрализација, локален економски раст, развој на филмската дејност и културната политика воопшто.

На Форумот ќе учествуваат повеќе засегнати чинители од областа, дел се од локално ниво, дел од централно ниво, и секако преставници – домашни и меѓународни професионалци од филмскиот сектор.

Работниот дел со гостите и учесниците продолжува утре на следниве теми:

  • Зелен аудиовизуелен сектор – можности и предизвици
  • Предизвици: Дигитализација на кината и поддршка на дистрибутивната инфраструктура

Здружението за поддршка и производство на долгометражни и краткометражни филмови и поддршка на развојот на филмската дејност Балкан синема ситис (БСС) е регионална филмска платформа која ја поттикнува меѓурегионалната и прекуграничната соработка. Освен стимулација во делот на уметничката и креативната размена низ цела Европа, Балкан Синема Ситис ги вмрежува домашните и странските професионалци и често отвара дискусии за значајни теми со кои се соочува аудиовизуелниот сектор во целина. За тоа говори и иницирањето на оваа идеја за одржување на овој Форум.

Форумот е поддржан од Општина Битола и Културно Информативниот Центар – Битола.

Напишете коментар