Доза вести

Од ранлив до вработлив – Валентин Ракип доби матичен број!

Конечно, имам документ со кој докажувам дека ме има. Постојам во овој систем! Мојот сон да станам готвач е поблизу до остварувањето, изјави Валентин Ракип, со широка насмевка, по добивањето на матичниот број.

Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ ја активираше јавноста во барањето матичен број за Валентин пред точно четири месеци (прочитајте повеќе за апелот овде). Ракип беше дел од продавачите на „Лице в лице“ со кои работи социјален ментор (повеќе за социјалното менторство на овој линк). Неговата социјална менторка, Магдалена Чадиноска Кузманоски, тогаш споделуваше дека детектирала кај него подготвеност за пазарот на труд. Соодветно беа мапирани и партнери кај бизнис секторот (кај кои тој изминатиов период посетува обука), но немањето матичен број и неговото непостоење за системот го оневозможуваа заокружувањето на процесот на вработување, и покрај отвореноста на бизнис секторот.

Ракип вели дека во процесот на социјално менторство влегол со недоверба, „затоа што мислел дека е уште еден обид за документи и за работа, меѓу многуте“, но, е среќен што таа прогноза не била точна. Туку, кончено се работи за обид што вродил со плод.  
– Излезе дека тоа што мојот социјален ментор, Магде, и Александра од Млади правници, се слушаа често и имаа иста цел, донесе успех. Јавноста ме знаеше како вреден продавач на уличното списание „Лице в лице“, и момчето без документи. Сега, конечно го добив и долгоочекуваниот матичен број, вели Валентин.

И Чадиноска Кузманоски е возбудена како и Валентин. Вели дека ова е заеднички успех на повеќе чинители: „Паблик“, како организација која ја имплементира методологијата социјално менторство, „Здружението на млади правници“, организацијата која му ја обезбеди правната поддршка низ административните лавиринти на системот и легислативата, на Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, за стекнатите навики и работната интеграција која ја зајакна ангажирајќи се во „Лице в лице“:
– Чувствувам  огромно задоволство бидејќи го истуркавме ова и покрај сите обесхрабрувања. Патот на Валентин, момче без документи и продавач на „Лице в лице“ да стане лице со документи и вработен онаму каде имаше најголема желба и амбиции, не беше баш лесен. Секаде каде што ќе „тропнев“ за да го разрешиме случајот на Валентин, ми велеа да се откажеме, дека е прекомплицирано и да најдам „друго дете, за да имам добар резултат“. Секако дека на памет не ми паѓаше да се откажам од него и навистина некое чувство од внатре ми велеше дека овој пат ќе му се посреќи на Вале. Мотивација црпев најчесто од него, односно од неговата свесност дека финансиите не треба да дојдат со питачање, туку со труд и работа од една страна и ноншалантноста на системот за вакви важни прашања, од друга страна, вели Чадиноска Кузманоски.
Валентин има 20 години, а 10 години води активна борба системот да го препознае. Половина живот му поминал во оваа борба.
– Многу често велиме системот ме заборави, за жал, Валентин ни тоа не можеше да го каже за себе, затоа што системот никогаш не го ни запознал. Сметам дека, заедно со Здружение на млади правници и Центарот за деца на улица од Шуто оризари, навистина покажавме дека меќусекторската соработка и искрената и вистинска намера може да помести планини! Денес Валентин има матичен број и извод, закажавме сликање за лична карта и посетува платена обука која полека но сигурно му го менува животот и го прави поконкурентен на пазарот на трудот, додава Магдалена.
Овој успех на Валентин, му даде и сила да не се откаже од оваа негова борба, која, гледана пошироко, е заедничка заложба за пофункционален систем кој ќе биде во служба на потребите на сите граѓани. Вреден, скромен, работлив и многу умен млад човек, тој е свесен за она што му било ускратено.
– Среќен сум и дека со ова отвораме и пат за многу други деца, кои не по своја вина, немаат документи, сега да можат да имаат матичен број. Верувам дека и моите браќа и сестри ќе имаат наскоро, врз основа на мојот случај. Ќе можам и да извадам и лична карта, пасош и сите потребни документи кои сите граѓани ги имаат. Ќе можам да се вработам и да примам плата на сметка, да напредувам… Ќе можам да прошетам и надвор од Македонија, затоа што веќе имав една шанса за тоа со клубор на извидници, меѓутоа токму дека немав пасош не можев да отидам. Едноставно сакам да уживам во сѐ што уживаат сите млади луѓе, открива Валентин.

Погледнете ја видео приказната на Платформата „Види вака“ за предизвиците со кои се соочуваше Валентин Ракип.




Напишете коментар