Доза вести

Започнува 10. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија”

Со проекција на филмот „Итало” на режисерката Алесија Скарсо, вечерва во Кино Милениум под мотото „Невидлива моќ” започнува 10-тото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија”. Фестивалот ќе го отвори амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри.

-Десеттата година на фестивалот се одржува во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ” е посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но моќ на која ќе се гради сегашноста и иднината за сите, изјави директорот на Фестивалот, Дарко Башески на денешната прес-конференција.

На прес-конференцијата отворањето на Фестивалот го најави и Јакопо Губитози, директор на Giffoni Experience во Италија.

Како што информираа, на Џифони ќе учествуваат повеќе од 500 ученици од Северна Македонија и шест европски земји. Поделени се во три возрасни групи, а предвидени се дискусии за филмовите, работилници, средби со успешни уметници. Меѓу другото, учениците ќе имаат можност да се запознаат со културата и традициите на учесниците од странство.

Фестивалските активности ќе продолжат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар, каде покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, ќе има и низа настани отворени за публиката како и интересни гостувана на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.

Деа Крстевска Тамборини, програмски директор на Џифони Македонија најави дека е организиран настан отворен за публиката посветен на Денот на италијанскиот стрип на 6 октомври.

— Настанот е организиран во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје, на кој ќе гостуваат двајца автори на познати стрипови, меѓу кои и „Дилан Дог”, Серџо Џерази и Алесандро Билота, а ќе биде поставена и изложба на нивни цртежи, истакна Крстевска-Тамборини.

Во сабота ќе гостуваат Сергеј, Наталија и Мартин од импров групата НАСТАП, а Роберто Геци и Антонио Масаруто од Италија ќе ја презентираат новопоставената изложба на нивни уметнички дела создадени во хармонија со природата во нашата држава.

Премиерно на 9 октомври ќе бидат прикажани првите две епизоди од новата македонската серија „Генерација Бушави”.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври, кога ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници. 

Напишете коментар