Доза вести, Час по родови прашања

Далеку од насилната средина, а близу до децата и до живот каков што посакувам

Време на читање: 2 минути

Јас сум мајка на три малолетни деца, од кои едното е со аутистичен спектар. Бев жртва на семејно насилство! Најпрво почна со психолошко. Секојднево навредување и убедување дека не вредам ништо, дека не знам ништо, дека не изгледам никако… Се обидував да не ги слушам овие навреди, а тој забележа, па почна и со тепање. Не можеше да поднесе што не му одговарам на навредите. Коа прв пат ме удри бев во шок. Се сеќавам дека не знаев што ме болеше повеќе, шамарот или понижувањето што го почувствував во тој момент.
Со ќотекот добивав и „совети“ дека, ако планирам да плачам да одам во тоалет, затоа што тој дома не сака негативна енергија.  
Сфатив дека до толку насилството влијаело на мене, што јас ја сменив сликата за себе си – се гледав како грда и неспособна жена! Тогаш одлучив дека морам да си одам. Но, знаев дека ме чека нова борба – да преживеам. Со мојата скромна плата и со три деца од кои едното со аутизам, не беше тешко – беше незамисливо.

Тоа што си ја напуштил насилната средина, не значи дека и насилникот те напуштил тебе. Тој и понатаму ме третираше како жртва, но промената беше што јас веќе не се чувствував така. Случајно дознав за социјалното менторство и се пријавив за повеќе информации. Добив социјална менторка со која темелно работевме на откривање на моите капацитети, квалитети и вредности.  Програмата има предвидено средства за обуки кои ние ќе ги видиме дека се потребни и кои подоцна можат да генерираат и приход. Но, првата и најголема цел на програмата е наоѓање соодветно работно место и задржување на истото. Работата со менторката ја доживеав како уживање, уважување на себе си. Конечно, правам нешто добро и за мене! Завршив обуки, а и се запишав на факултет.

Животот ми се промени на подобро! Не можев ни во најидеалните соништа и желби да замислам дека ќе стигнам до ова после такво насилство и таков живот. Се надевам и искрено верувам дека многу жени ќе имаат прилика да бидат вака поддржани. Најдобрата одлука која некогаш сум ја донела беше да го напуштам насилникот и да се приклучам на програмата Социјално ментоство, затоа што колку и да сме храбри за некои одлуки, сепак ако не сме соодветно поддржани при процесот на работна интеграција, немаме избор освен да се вратиме назад кај насилникот. Јас никогаш не сум била поблиску до децата, а сè подалеку од потребата и желбата некогаш да се вратам назад кај насилникот.

(Содржината e подготвена во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, кон која се приклучува и Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, преку проектот „Можности за економска реинтеграција преку #социјалноменторство за жени жрви на насилство“, што го спроведува Паблик преку регионалната програма на UN Women Skopje, финансирана од ЕУ, EU Neighbourhood & Enlargement, за ставање крај на насилството врз жените: „Спречување на насилството врз жените и девојките: Имплементирање на норми – промена на ставови“).

Илустрација: Зоран Инадески

Напишете коментар