Актив арт, Доза вести

Танц за вртоглавицата која ја живееме

Време на читање: 2 минути

Исцрпеноста и вртоглавицата кои ги живееме поради брзиот начин на живот беа инспирација за перформансот „Schwindel” на „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“, кој ќе се изведе за прв пат на 4-ти февруари 2023 со гостување во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Со ова започнува и националната турнеја на „Schwindel”
„Schwindel” доаѓа по едномесечната танцова резиденција на кореографот Тобиас Драегер од Хамбург, Германија, кој беше селектиран како првиот кореограф во програмата на „Танц.Трансформатор“. Тој, заедно со шестте танчари: Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Елена Стојкоска и Илина Костовска, во изминатите три недели работеа на оваа креација која ќе се прикаже во четири града кај нас. Терминот „Schwindel” доаѓа од германскиот јазик и има двојно значење – „измама“ и „вртоглавица“.

Од Културно-уметничкиот центар „Битрикс“, кои се организатори на турнејата споделуваат дека кореографот, поаѓајќи од неговата позадина во остеопатија и современ перформанс, ги комбинира двете практики, ангажирајќи се да ги истражува и адресира појавите на вртоглавица и исцепреност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес.

– Така, перформансот се занимава со анализа на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, разни состојби, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но, и со тоа како се преминуваат границите помеѓу овие. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со останатите и истрајност – споделува тимо тна „Битрикс“.

По гостувањето во Велес, предвидени се изведби во Младински Културен Центар во Скопје на 06 февруари, Н.У. Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип на 08 февруари и Народен театар „Антон Панов“ во Струмица на 09 февруари.

Проектот „Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ е едногодишен проект на „Битрикс“, чија цел  е да обезбеди континуитет на работата на локалната танцова заедница, креирајќи контекст за работа и соработка помеѓу локалните конституенти на сцената и со интернационални партнери.

Повеќе информации за Tanz.Transformator може да најдете на следните линкови:
https://tanz-transformator.beatrixcrew.com
https://www.instagram.com/platformbeatrix

02.02.2023

Напишете коментар