Во Кинотека на Македонија, денес, од 17 часот, ќе се одржи премиера на документарниот филм „Посеана надеж“. На премиерата ќе се обрати министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Дејвид Гир и тим лидерката на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, Барбара Садовска.
Режисер на филмот е Костадин Анастасов, а директор на фотографија е Фејми Даут. Документарниот филм е снимен на повеќе локации и во него учествуваат 15 социјални претпријатија, кои преку своите емотивни приказни нѐ уверуваат дека и во нашата земја постојат претпријатија кои се темелат на солидарност и желба да се помогне на маргинализираните групи, вклучувајќи ги во општеството. Социјалното претприемништво кај нас е во зародиш, но овие претпријатија се семки на надеж кои допрва ќе се развијат, овозможувајќи им на ранливите лица нови можности.
Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ е финансиран од ЕУ, имплементиран од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика.