Доза вести

Не престанувај да играш! Размислувај надвор од рамката!

Време на читање: 4 минути

Креативноста е вештина на иднината, која се поттикнува, учи и развива. Всушност, клучната карактеристика на т.н неавтоматизирани работни места во иднина е креативноста, велат Дарија Коркут и Роберт Копал, автори на книгата „Креативност, еволуција и револуција 4.0“. За една од креативните методи во неа, позната како „шест шешири“, пишува и наашиот читател, Марио Чобанов, магистер по економски науки. Овој метод е погоден за сите видови организации и деловни ентитети, од причина што како и останатите методи за развивање на креативноста не побарува дополнителни финансиски средства, па така може да најде свое место и во социјалното претприемништво и организациите кои се насочени кон одржлив развој, особено сега во ерата на инфлација и економска криза.

Ако сакате од улога на читател, да влезете и во улога на автор, ве каниме да ни се приклучите со содржина од областа која добро ја познавате, имате страст да ја работите, и сакате да ја „заразите“ и пошироката околина. Ве очекуваме, се читаме.

Марио Чобанов

‘’Креативноста е заразна. Пренеси ја!’’
(Алберт Ајнштајн)

Важноста на размислување „надвор од рамката“ се покажува како важно и клучно во многу сфери во живеењето и во работата.
Методот на „шест шешири“ е техника на креативно размислување чија основна функција е да овозможи набљудување на проблемите и донесување одлуки од неколку различни перспективи. Техниката го принудува поединецот да размислува надвор од рамката, односно да ја набљудува ситуацијата од шест различни гледишта. Тие шест погледи не ги опфаќаат сите можни начини на размислување, но, тие ги дефинираат тие шест мисли кои се сметаат за најважни. Автор на методот на шест шешири е Едвард  де Боно, светски експерт за креативно размислување, кој ја донесе идејата за оваа техника во осумдесетите години од минатиот век. Тој веруваше дека луѓето размислуваат на збунет или нејасен начин, игнорирајќи го емоционалниот и креативен пристап кон проблемот.

Прaвила на „играта“

Како главни предности на оваа техника, авторите на книгата „Креативност, еволуција и револуција 4.0“, Дарија Коркут и Роберт Копал (2018), ги наведуваат: заштеда на време, намален број на аргументи, подобро истражување, брза размена на мислења, подобрување на креативноста и иновативноста кај поединци и тимови, поттикнување на соработката меѓу членови и размена на идеи, висок квалитет и резултати.
Како недостаток и опасност, пак, од примена на овој метод се издвојува неопходноста од примена и на други методи и техники за целосно развивање на креативноста во организациите. Тимот во организациите овој метод може да го разбере како детска игра.
Оваа техника се состои од шест шешири со различни бои, а секоја боја претставува еден од шест погледи: негативен и позитивен поглед, факти, чувства и интуиција, креативност и креација, иновации, процес на размислување и ризици и недостатоци.

Во оваа техника на паралелно размислување, секоја капа, односно шешир претставува различен стил на размислување. Техниката ги дели учесниците во шест тима во кој има најмалку два, а најмногу четири члена. Темата, односно предизвикот, се презентира пред членовите, а потоа на екипите им се доделува по еден шешир. Секоја капа во оваа техника со себе носи различна боја и поинаков начин на размислување. Членовите на тимот заедно со менаџерот разменуваат различни мислења во зависност од бојата на капата што ја имаат. Потоа тимовите ги презентираат своите мислења.

Толкување на боите на шесте шешири

Според професорите Коркут и Копал (2018), шеширите го претставуваат следново:
Жолт шешир претставува оптимизам, односно логичен и позитивен начин на размислување. Овој шешир претставува чекор во кој треба да се понудат логични и образложени причини за некои сегменти од побарувањето. Размислувањето со жолта капа го води тимот напред дури и во навидум ќорсокак, односно тешки ситуации.
Белиот шешир претставува факти и бројки или го насочува тимот кон она што е достапно, односно достапни информации и оние информации што им недостасуваат. Делот што недостасува мора да се пополни со дополнителен мисловен ангажман или повторно набљудување.

Црвениот шешир претставува емоции, ставови и интуиција. Основата на црвениот шешир е предвидување на емоционалната реакција на другите луѓе во тимот и разбирање на интуитивната реакција на членовите кои не се целосно запознаени со ставовите на другите. Како и во секоја техника за поттикнување на креативноста не е дозволено критикување и често се користи црвената шапка со временско ограничување.
Зелениот шешир е најкреативниот дел од техниката што гледа на решението на проблемот, неограничено и од повеќе агли. Ова е фазата во која се раѓаат најмногу идеи и изјави, односно позитивни алтернативи. Исто така, оваа фаза е обележана со забраната за критикување на туѓи идеи.

Синиот шешир претставува контрола, разбирање, организација, лидерство, поддршка. Тоа е фаза која се користи или на почетокот или на крајот на процесот и оваа фаза ја носат лица кои имаат стручно знаење за разгледуваниот проблем т.н модераторите. Во моментот кога се јавуваат тешкотии поради стагнација на идеи, модераторите ги насочуваат активностите кон мисли кон зелениот шешир или во моментот на потреба од алтернативен план тие може да побараат користење на црниот шешир. Црниот шешир претставува страв, појава на песимизам и ограничувања. Со користење на црниот шешир се обидува да даде увид во причините зошто плановите и идеите можеби не функционираат. Се истакнуваат најслабите точки на идеи и планови и нивно елиминирање. За разлика од жолтиот шешир, црниот шешир претставува логичен и претпазлив начин на размислување, со цел да се ги претстави логичките причини за грешките и проблемите, што е исто така неопходно за секој тип на тимска анализа. Треба да се воведе таков начин на логично укажување на причините за грешките и проблемите во вистинско време бидејќи спротивното може да доведе до создавање на прекумерен песимизам.

Метод погоден за организации и за деловни ентитети

Со техниката „шест шешири“ навреме се забележуваат грешки поради кои потребно е  да се откаже од насоката на делување или таа насока навреме да се промени. Во прилог на нашава студија, може да се примени и некоја друга метода или техника од оваа област. Имено оваа метода се изучува во менаџментот и неговите сродни доктрини како што се:  менаџмент на иновации, претприемништво, менаџмент на квалитет, примена на методи и техники во системи, организациско однесување, итн.
Така, освен овој метод, во групата на методи и техники кои ја развиваат креативноста во компаниите се изучуваат и следниве: бура на идеи и запишување на идеите, мапирање на умот, Делфи методот, Scamper методот,  за кои ќе зборуваме во некоја идна прилика.
За крај, може да се констатира дека овој метод е погоден за сите видови организации и деловни ентитети, од причина што како и останатите методи за развивање на креативноста не побарува дополнителни финансиски средства, па така може да најде свое место и во социјалното претприемништво и организациите кои се насочени кон одржлив развој, особено сега во ерата на инфлација и економска криза.

Photo: Freepik

(Авторот е магистер по економски науки)




Напишете коментар