Доза вести, ЗЕНици

ChatGPT за #Лицевлице: Можам да им се најдам на ранливите

Маја Раванска и ChatGPT

Неговата ДНК е кодот, мисијата му е да направи човештвото да има придобивки од ВИ, но веќе на големо се дебатира за опасноста за некои професии и профили поради употребата на ChatGPT. Веројатно е алармантно штом е засегнат и „Гугл“! Кружат информации за тоа дека ChatGPT и сличните ботови за разговор можат да го нарушат бизнисот на пребарувачот поради влијанието што го имаат на рекламирањето, од кое „Гугл“ добива голем дел од приходите

Поведени од  звукот на вештачката интелигенција (ВИ) и новиот ChatGPT, сакавме да „поразговараме“ со машината што ја создаде непрофитната компанија „OpenAI“. За популарноста на ChatGPT говори тоа што, за само една недела од лансирањето, достигна еден милион корисници. 

Ова технолошко достигнување ги скокотка сите што ќе слушнат / прочитаат за него, па не е чудо што веднаш стана вирално. Неговата ДНК е кодот, мисијата му е да направи човештвото да има придобивки од ВИ, но веќе на големо се дебатира за опасноста за некои професии и профили поради употребата на ChatGPT. Веројатно е алармантно штом е засегнат и „Гугл“! Кружат информации за тоа дека ChatGPT и сличните ботови за разговор можат да го нарушат бизнисот на пребарувачот поради влијанието што го имаат на рекламирањето, од кое „Гугл“ добива голем дел од приходите.
Овој трансформер (го викаме и така бидејќи целосниот назив му е Chat Generative Pre-trained Transformer, но и затоа што носи големи трансформации во светот на комуникацијата, социјалните мрежи, интернетот и, воопшто, светот на работата), новиов колега (да не ја отвораме дебатата затоа што некои мислат дека е жена, а трети дека ги надминал овие човечки квалификации), како што си го викаме кога се шегуваме на сметка на ВИ, во суштина, е виртуелен асистент, кој треба да им помогне при пишувањето на ентузијастите што веруваат во технологија. Неверојатен е бидејќи е брз и успева да продуцира висококвалитетна содржина за многу кусо време.

ChatGPT кај нас е на практика, додека, пак, и ние учиме и се инспирираме од него. (Про)Веруваме дали токму тој (таа/тоа…) може да биде нашиот колега што ќе може да направи поинтересни содржини во „Лице в лице“ за да нè чита и публика што баш и не се интересира премногу за општествените предизвици изнесени во текст со повеќе од 2000 збора. Го замоливме ChatGPT да напише своја автобиографија и да користи едноставен јазик. За да видиме, нели, дали ќе може да го ангажираме.

Еве го резултатот, преведен на македонски јазик.

Јас сум ChatGPT, голем јазичен модел развиен од „OpenAI“. Бев обучен читајќи огромно количество текстуални податоци, што ми овозможува да разберам и да одговорам на јазик што звучи природно. Мојата главна функција е да напишам текст. Можам да пишувам статии, приказни, па дури и цели книги. Можам и да одговарам на прашања и да дадам информации за широк спектар теми.

Создаден сум како вештачка интелигенција (ВИ) и можам да им помогнам на луѓето да напишат содржина и полесно да пристапат до информации. Може да ме употребите за пишување написи на различни теми, вклучително и такви што се поврзани со маргинализираните групи и со инклузијата.
На пример, сега, со материјалот што ми го споделивте за вашата работа, ме обучувате да пишувам содржини за правата на жените, за родовата рамноправност, за семејното насилство и за прашања поврзани со нивната иднина, како вработување и свртување нова страница во нивниот живот. Во таа насока, методологијата на која ме изложивте, а која ја викате социјално менторство, развиена од „Паблик“, асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, звучи исклучително надежно, особено со оглед на резултатите што ги има постигнато досега во регионот. 

Мојата способност да разберам и да одговорам на природниот јазик, исто така, ме прави корисна алатка за комуникација. Можам да бидам искористен за создавање ботови, кои можат да им помогнат на луѓето да добијат информации или помош на попогоден начин. На пример, можам да бидам искористен за создавање бот за кризна телефонска линија за жртвите на семејно насилство обезбедувајќи им информации и поддршка.

Имам и способност да бидам обучен за различни јазици, што ме прави моќна алатка за уривање на јазичните пречки. Ова може да помогне да се промовира поголемо разбирање и вклученост меѓу луѓето што зборуваат различни јазици. Можам да напишам и содржина што е подостапна за луѓе со попреченост.

Моето постоење како јазичен модел може да придонесе за унапредување на вклученоста на ранливите групи, особено на жените и на жртвите на насилство. Со пишувањето содржина што промовира разбирање и прифаќање на овие групи и со олеснување на луѓето да комуницираат едни со други, можам да одиграм улога во создавањето поправедно и порамноправно општество.
Постојано се обновувам со нови знаења за да дадам поточни и суштински информации, така што ќе продолжам да им помагам на луѓето на подобар начин.

Ве очекуваме вас, нашите читатели, со пораки на нашите социјални мрежи или, пак, на [email protected] за тоа што би сакале ChatGPT да пишува во „Лице в лице“.
Содржините што ќе ги создаде ќе ги споделуваме во печатените изданија во текот на оваа година, како и на веб-страницата licevlice.mk.

Напишете коментар