Доза вести

Како ги согледуваме различните потреби на жените и на мажите?

Покрај тие области за кои е очигледно дека постојат родови разлики, важно е да се обрне внимание и на областите кај кои различните состојби или потреби на жените и на мажите помалку се забележуваат

Наташа Димитровска
Илустрација: Зоран Инадески

Интегрирањето на родовата перспектива (gender mainstreaming) е стратегија за постигнување родова еднаквост и значи согледување и вклучување на родовите разлики во создавањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиката, законите, стратегиите, плановите, кои треба да одговорат на потребите на сите граѓани – жените и мажите, девојчињата и момчињата. Тоа се врши преку родова анализа, родова процена, родови индикатори, обуки, планирање и други методи и алатки. На пример, од анализата на родовата еднаквост во спортот во нашата земја, произлегоа согледувања дека кај нас во спортот речиси воопшто не се размислува за различните потреби на девојчињата и на жените спортистки. Согледувањата и препораките од анализата за подобрување на состојбата беа споделени со институциите и невладините организации што работат на полето на спортот, како и со Владата на Северна Македонија, за да бидат вклучени во новиот Закон за спорт и пошироко во спортот во нашата земја. Овој пример е дел од успешните активности на Инструментот за родова еднаквост – Gender Equality Facility (GEF), проект што го спроведува UN Women во партнерство со Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП), а е финансиран од Шведска.

Одговор на потребите на граѓаните
Родовата еднаквост и вклучувањето на родовата перспектива во сите области на работата на институциите е важен дел од приближувањето на земјата кон ЕУ, процес во кој UN Women овозможува поддршка на нашите институции. Еден од начините на поддршка е преку овозможување  експертиза за интегрирање на родовата перспектива во работата на секторските работни групи и на структурите на ИПА од сите институции. Секторските работни групи се тела во кои членуваат претставници/чки од институции, граѓански организации и донатори и во кои се расправа за секторската политика, активности и проекти. Преку поддршката од UN Women, родовата перспектива се вклучува и во сите документи, политика, стратегии што произлегуваат од работата на секторските работни групи и институциите.

Статистиката упатува на најочигледни родови разлики
Важен сегмент од активностите на Инструментот за родова еднаквост (GEF) опфаќа родовата статистика, како основа за создавање на секоја политика, стратегија или закон. Статистичките податоци се тие што најочигледно ги претставуваат родовите разлики и кои на наједноставен начин може да покажат каде треба да се работи на промени за да се подобри состојбата. UN Women преку Инструментот за родова еднаквост воспостави одлична соработка со Државниот завод за статистика од која произлегуваат одлични резултати. Беше објавена статистичка анализа за состојбата со родовата еднаквост во последниве 20 години, а во тек е подготовка на портал за родова статистика на кој на разбирлив и достапен начин ќе бидат прикажани основните податоци за состојбата на жените и на мажите во различни области.

Родово одговорни институции
Покрај експертиза, анализи и активности за подигнување на свесноста, важна компонента на Инструментот за родова еднаквост е и подобрување на капацитетите на вработените во јавната администрација за вклучување на родовата перспектива преку обуки, средби, дискусии.
Инструментот за родова еднаквост ја поддржува и соработката меѓу координатор(к)ите за еднакви можности и другите структури во институциите што работат на различна тематика, а особено структурите на ИПА. Целта е сите вработени во јавната администрација да ја вклучуваат родовата перспектива во своето секојдневно работење. Со основни и напредни обуки за интегрирање на родовата перспектива во секојдневната работа на вработените во јавната администрација, Инструментот за родова еднаквост осигурува државата да ги здобие неопходните вештини на својот пат кон ЕУ, овозможува зголемена употреба на средствата од ИПА и создава шампиони за родова еднаквост во рамки на јавната администрација со кои ќе се осигури одржливост на постигнатите резултати.   

(Авторката е проектна координаторка во канцеларијата на UN Women Скопје)

Напишете коментар