Лице в лице тема, Магазин, Час по родови прашања

Цели 132 години за целосна рамноправност меѓу жените и мажите

Чесно е да се препознае трудот на сите општествени фактори: државата, академијата, приватниот сектор, со помош на иницијативи на граѓанскиот сектор во насока на поттикнување на женското претприемаштво и градење капацитети преку кои жената се поставува како еден од носечките столбови на секое развиено општество

Симона Чаминска

Според последниот глобалниот извештај за родова нееднаквост на Светскиот економски форум од 2022 година (Global Gender Gap Report), се смета дека целосна рамноправност меѓу жените и мажите би се постигнала за 132 години отсега.
Идејата за почнување со работа во мала компанија што развива производ од почеток до крај, а кој потенцијално достигнува глобална експанзија, се чини сè попривлечна за голем број млади лица или, пак, реализирани професионалци, кои се во потрага по поголема флексибилност при работењето, можност за негување на креативноста и поттикнување поголем развој на знаења и вештини. Ова e особено значајно за жените, кои се чини дека имаат потреба од дополнителна флексибилност на работното место со оглед на потребите што ги налага улогата на мајка во модерно време. 
Но, дали може да се говори за целосна рамноправност меѓу жените и мажите во светот на стартапите и што значи оваа рамноправност? 

Сè поголем број жени се носители на извршни позиции 

Доколку се земе предвид дека 2021 година беше година во која пандемијата на ковид-19 го зеде својот најсилен замав, токму оваа година може да се смета за „период во кој жените зедоа замав“, во насока на отворање нов и сопствен бизнис. Секако, не секој бизнис може да се смета за стартап. Оттука, не би било точно да се говори дека порастот на жените претприемачи е само во секторот на стартапите. Но, тоа што може да се смета за точно во однос на стартапите е дека сè поголем број жени се регистрираат како носители на извршни позиции и имаат пристап до разни фондови. Ова делумно се должи на фактот што постојат голем број дедицирани фондови за поддршка на жени претприемачи.

Во Богота, Колумбија, дури 70 проценти од стартапите имаат жени во извршните тела (бордови на директори и слично), додека, пак, Северна Америка (Соединетите Американски Држави) е регион каде што постојат најголем број стартапи основани од жени. Во однос на Балканот како регион, една третина од гејминг-секторот во Србија (како индустрија што вработува 2.200 лица и генерира 200 милиони евра во 2021 година) се токму жените.

Пристап до образование, породилно отсуство, право на сопственост  – дел од предизвиците

Постојат неколку причини што провејуваат како главни предизвици што треба да се надминат за да се постигне конечна родова рамноправност, а кои имаат индиректна поврзаност и со порастот на жените во стартапите. 

Прво, во некои делови од светот жените сè уште немаат пристап до основно образование или нивниот образовен процес завршува многу рано поради други семејни обврски. Оваа негативна појава има директна последица во создавањето основа и градењето кадри и капацитети што понатаму би можеле да се занимаваат со решавање потенцијални општествени (а со тоа и кориснички) предизвици, преку градење стартапи и развивање екосистеми низ светот. 

Следно, остварувањето на жената во улогата на мајка налага користење породилно отсуство. Во најголем број земји во светот, ова налага жените почесто да имаат потреба од долго отсуство за да обезбедат нега за своите деца. Со тоа губат определен период на професионално усовршување и напредок, на сметка на нивните машки колеги. Ова делумно ја ограничува и можноста за добивање повисока (или иста) плата по определен временски период, што има директно влијание врз нееднаквоста во однос на платите на глобално ниво. Покрај нееднаквоста во платите, оваа појава има директно влијание врз можностите за добивање водечки позиции за жените, но благодарение на кревањето на свеста за важноста на промовирањето на жените на водечки позиции, во 2022 година уделот на жените во лидерски позиции достигна рекордно ниво од 42,7 проценти на глобално ниво. 

Многу држави и општества со поконзервативни сфаќања имаат ограничувачки одлуки во однос на пренесување на правото на сопственост врз имот кај жените. Оваа појава е особено истакната во областа на земјоделството и во културите каде што наследството најчесто се пренесува на машките потомци. Со ова, до одреден степен жените се ограничуваат во подигање првичен капитал со цел почнување бизнис. Секако, најголем дел од државите и, воедно, политичките лидери се свесни за недостигот на системите во кои жените се оневозможени да го дадат својот максимум во општеството и со тоа да поттикнат отворање нови работни места и нудење решенија за комплексни проблеми. Затоа, донесуваат стимулативни мерки со кои помагаат жените полесно да здобијат потребен капитал за основање и водење бизнис. Ова го потврдуваат многу иницијативи на национално и наднационално ниво, како на пример иницијативата на Европската комисија позната како WomenTech EU преку која жени добиваат пристап до финансии, менторство и помош при вмрежување за водење бизнис. Ваквите заложби даваат плод, па така, според European Innovation Council, бројот на жени што добиваат средства за почнување бизнис е во пораст од осум проценти на 29 проценти во изминатите две години. 

Оттука, чесно е да се препознае трудот на сите општествени фактори: државата, академијата, приватниот сектор со помош од иницијативи на граѓанскиот сектор во насока на поттикнување на женското претприемаштво и градење капацитети преку кои жената се поставува како еден од носечките столбови на секое развиено општество. Во надеж дека нема да се потребни 132 години за постигнување целосна рамноправност, останува на факторите и, секако, жените да продолжат со успешните чекори во основање и водење бизнис, како значајни актери во светот на стартапите.

Женско претприемаштво – една од темите на Глобалната недела

Во ноември 2022 година се одржа 15. Глобалната недела на претприемаштвото во 200 држави во светот, меѓу кои и во Македонија, во организација на Стартап Македонија и 50 други партнери од екосистемот. Оваа светска иницијатива, која поврзува партнери од приватниот, јавниот, академскиот и од граѓанскиот сектор во насока на организирање активности и настани од областа на претприемаштвото, своевидно претставува можност за обработка на многу аспекти што придонесуваат за развој на екосистемот и бизнисот во една земја. Една од четирите глобални теми е токму женското претприемаштво, која има цел да ги претстави главните предизвици, предности и факти за улогата на жените во бизнисот. Во Македонија, интересни настани на оваа тема имаа Универзитетот „Американ Колеџ Скопје“ каде што преку дискусија со студентите, жените учеснички во панел-дискусијата имаа можност да ги споделат најголемите предизвици со кои се соочиле додека ја граделе својата кариера. Беа организирани и настаните на „Women in Tech Macedonia“ и „Импакт фондација“, кои имаа фокус на жени-мајки, кои се успешни претприемачки, со посебен осврт на семејниот елемент во градењето на нивната успешна кариера. Овој тренд на позиционирање на жената како успешен пример на посветен претприемач или вработен со нагласување на важноста на семејството и неговото усогласување со работните обврски во нејзината животна приказна дава простор за придвижување дебатата за родова рамноправност на работните места, која сè почесто добива поголемо значење во најголем број земји.

(Авторката е национална координаторка на Глобалната недела на претприемаштвото во Македонија)

Напишете коментар