Доза вести, Лице в лице тема

Економски силна жена – за поправедно и силно општество

Илустрација: Зоран Инадески

Економското насилство е една од најчестите форми на насилство врз жените и, обично, тоа е придружено со други видови насилство. Жените што се во насилни врски најчесто се економски зависни од сторителот. Изминатата година UN Women Скопје, во партнерство со „Паблик“, ја спроведе програмата за економско засилување на жените што преживеале насилство, социјално менторство, преку сеопфатен и темелен индивидуален пристап. Се работеше со 15 жени, од кои 13 се вработија и го задржаа вработувањето. Пристапот се покажа како многу успешен, а најголем доказ за тоа се личните сведоштва на жените

Автор: Анета Ристеска

Претприемачка. Земјоделка. Дизајнерка. Сметководителка.
Жртва на семејно насилство.
Невработена, со неплатен домашен труд. Самохрана мајка.

Продолжи ја низата…

Целиот нивни ангажман дава огромен придонес во економијата. Во исто време, пак, процесите што го овозможуваат нивното економско засилување придонесуваат кон создавање почва за унапредување на родовата еднаквост, инклузивен пораст, искоренување на сиромаштијата.

Процесот на трансформација што ги поддржува жените да направат премин од позиција на ограничена моќ и глас во позиција што подразбира вештини, ресурси и можности за рамноправна конкуренција на пазарот на трудот е во суштината на процесот на економското засилување на жените. Но, за тоа се потребни и соодветна политика, свесност и отвореност за можности.
Најмногу – дејствување.

Луѓето што претрпеле насилство не бараат сожалување, туку поддршка

Јана Н. од Битола беше (веќе не е) жена жртва на семејно насилство, која реши својата, навидум, безизлезна ситуација да ја менува со влог во иднината. Своја, но и на своите деца.
Сигурен влог во иднината е само влогот во себе, во своите вештини, во својот личен развој. Но, подобро и посигурно се оди по патот кога имате поддршка, ветер в грб, глас што ги буди вашите потенцијали или ви ги потврдува добрите одлуки.
Оваа улога во животот на Јана ја има(ше) социјалното менторство. Уште поточно, и поважно, нејзината социјална менторка Ирена Стојчевска. И двете, велат, учеле низ заедничкото чекорење кон промената.
Но, најважно е што таа не е со краток рок на траење, туку означува раѓање на една нова вредност таму каде што долго време била потиснувана. Себевреднување. Свесност за сопствените капацитети. Апетит за живот по свое. Самодоверба. Желба за успех.
– За првпат, по вклучувањето во социјалното менторство, имав можност да отидам на интервју за работа. Дотогаш тоа не ми се случило. Беше нешто сосема ново. Посетував обука за компјутери, но и обука во фризерница, каде што ги усовршував и моите други вештини. Потоа, научив како да се снаоѓам на социјалните медиуми за полесно да промовирам дел од мојата работа… Мојата самоувереност растеше. Во сето тоа од особено значење ми беше менторката, која за сѐ успева(ше) да најде решение. Со неа и најтешкото стануваше лесно – вели Јана Н.
Таа во моментов студира, но и го реактивира својот мал бизнис, фризерски салон. Слободното време го користи за да им биде поддршка на своите деца низ училишните обврски, но и да ужива со нив. Вели дека планира во иднина да се надоградува и да биде во тек со сите новитети поврзани со нејзината работа.
– Имам многу желби, сакам да учам нови работи. На луѓето што претрпеле насилство, како мене, не им треба да бидат сожалувани, потребна им е поддршка. Па макар тоа да е и еден обичен разговор. На сите што сме излегле од насилна средина, од еден вид затвор, потребна ни е работа што ќе ни обезбеди мирен, скромен живот – вели Јана Н, која неодамна се здоби и со сертификат за личен асистент на лица со попреченост, што, секако, отвора и нови можности за нејзината економска состојба. 

Инклузивното работно место е комплексна категорија

Социјалното менторство (социјална иновација на „Паблик“) при влезот на пазарот на трудот опфаќа уште една важна улога. Станува збор за менторот за професионална вклученост на работното место, кој овозможува одржливо вработување. Во триаголникот со лице што треба да се вработи и социјалниот ментор, за подолгорочен и поголем успех, важен е аголот што го држи оваа позиција.
Менторот за професионална интеграција е првото добредојде на новото работно место. Тонот му е емпатичен, инклузивен, полн со разбирање и свесност за предизвиците што треба да се пресретнат.

– Некако, на почетокот, постои мала скепса… и од двете страни. Од компанијата – како ќе се снајде ова лице, а од негова страна, пак, дали ќе одговори на сите работни задачи. Особено ако се работи за самохрана мајка, и, уште посериозно, ако има и болно дете. Во овој контекст, ним им е потребна наменски приспособена поддршка. И, пред сѐ, разбирање на потребите. Тогаш чувствуваат уште поголема одговорност. Затоа што постои искрен однос. Во соработка со социјалната менторка примивме на работа лице што се покажа како извонреден работник и човек. Би биле среќни да се сите како неа, вели претставничка на одделот за човечки ресурси во една кумановска компанија, која има улога на ментор за професионална интеграција.

Вакво искуство споделува уште една менторка за професионален развој, која беше поддршка при вработување лице во една скопска институција.

– Овој чекор ми овозможи поинакви видици. Запознавање и соработка со исклучително подготвени, добри, позитивни и стручни луѓе, кои постојано тежнеат кон најдобро не прифаќајќи не за одговор бидејќи, како што велат N.O. – значи Next Opportunuty. Соработката со социјалниот ментор, која е исклучително важна во текот на целиот процес, е токму таа нишка што го води ранливото лице кон таа следна можност, кон подобар живот и подобро утре – вели менторката за професионален развој.

Инклузивното работно место, само по себе, додава таа, е една исклучително комплексна категорија и треба да се внимава на секој сегмент овозможувајќи му на лицето топол прием, пронаоѓање, како во средината, така и во работата.

– Тука продолжува менторот за работна интеграција. Лицето сега треба да ја чувствува истата сигурност и од менторот за професионална вклученост, како што ја чувствувал поддршката од социјалниот ментор на патот на наоѓање нови можности. Треба да се внимава лицето никогаш да не се почувствува поразлично од кој било друг вработен, да се чувствува еднакво со сите колеги. Во еден ваков процес институцијата добива вреден вработен, желен за нова можност, за нови искуства и  напредок, а лицето добива можност професионално, економски и социјално да се засилува и да напредува – објаснува менторката за професионален развој.

Работата на менторот за професионална вклученост не завршува со самото вработување, нагласува, туку со вработувањето се затвора еден циклус, а се отвораат повеќе нови каде што лицето водено од менторот за професионален развој треба да верува во себе, во своите можности и да работи на тоа да биде дел од тимот работејќи и надоградувајќи се, да ја изгради својата самодоверба и да верува дека е единствениот одговорен за задржувањето на работното место и за можностите за напредување во кариерата.
– Менторот за професионално вклучување е присутен во секој сегмент од тоа растење на ранливото лице. Социјалниот ментор, ранливото лице и менторот за професионална вклученост заеднички го затвораат кругот на нова можност и подобро утро за едно лице на кое му била неопходна соодветна поддршка за да чекори сигурно и самостојно во животот.

Дизајн: Контура

Социјалното менторство создава силни и незапирливи жени

Според официјалната статистика, 54 проценти  од жените во нашата земја се економски неактивни. Економското насилство е една од најчестите форми на насилство врз жените и, обично, тоа е придружено со други видови семејно насилство. Жените што се во насилни врски најчесто се економски зависни од сторителот.
Изминатата година UN Women, во партнерство со „Паблик“, ја спроведе програмата за економско засилување на жените што преживеале насилство, социјално менторство, преку сеопфатен и темелен индивидуален пристап. Се работеше со 15 жени, од кои 13 се вработија и го задржаа вработувањето. Пристапот се покажа како многу успешен, а најголем доказ за тоа се личните сведоштва на жените.

– Целата индивидуална поддршка што ја добија овие жени преку социјалните менторки е, навистина, сеопфатна. За секоја жена беше направен индивидуален план, посетуваа обуки, ги подобрија своите вештини и добија сертификати. Некои продолжија со формално образование, им беше обезбедена грижа за децата, помош за домување, психо-социјална поддршка итн. Економската реинтеграција на жена што преживеала насилство овозможува да се врати во општеството, да биде финансиски независна, да има безбедно домување за себе и за децата, доколку ги има, да ја здобие или врати довербата во себе дека е способна да се грижи за себе и за семејството и да живее нормален живот, без да биде изложена на насилство – вели Ирена Спирковска-Лукровска, програмска аналитичарка во UN Women Скопје.
Жените, освен со вработување, се здобија и со зголемена самодоверба и веќе не се гледаат како жртви на насилство, туку се способни професионално да растат и да напредуваат во својата кариера.
– Клучни во целиот овој процес беа социјалните менторки што работеа со овие жени, како и целиот систем на поддршка што беше испреплетен околу нив. Успехот на оваа пилот-програма ни покажа дека за успешно економско засилување на жени што се жртви на насилство се потребни обучени менторки за работна интеграција, или социјални менторки, кои умеат да ги препознаат силните страни на жените и да ги насочат кон соодветна едукација, да им обезбедат дополнителни услуги за заштита доколку е потребно и кои умеат да комуницираат со соодветни институции и приватниот сектор со цел обезбедување работа за жените, односно квалификуван кадар за бизнисот. Затоа, поддршката е многу важна. Жените се силни, но, со поддршка, кога им е најпотребна, стануваат незапирливи – нагласува Спирковска-Лукровска. 

Добро организирана менторска поддршка е клучна за стабилно економско засилување

Еден од главните предизвици со кои се соочуваат жените жртви при одлуката да го напуштат насилникот и насилничката средина е немањето поддршка од постојни сервиси што би ги одмениле во грижата за децата – и при процесот на работната интеграција, но и во активностите што претходат, а се поврзани со засилување на нивните капацитети и можности. 
Психологот Фросина Ивановска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“, која има големо искуство во работата со оваа група, вели дека пандемијата го нагласи предизвикот за жените што преживеале насилство во однос на грижата за децата:
– Се намалија капацитетите на градинките и можностите за користење дневен престој кај децата на училиште, а и долг период наставата се одвиваше преку интернет, што, во практика, многу често влијае негативно на нивниот процес на работна интеграција, односно не можат да прифатат некое работно место поради работното време – вели Ивановска.
Посочува дека ова е голем предизвик.
– Тоа значи постојано да се плашат да не ја загубат работата поради тоа што мора, на пример, да излегуваат порано или, пак, да земаат слободни денови кога децата се болни и сл. Решението не е едноставно. Потребно е Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука  и локалната самоуправа сериозно да посветат внимание на процена на потребите на овие жени и на други жени од ранливите категории, да создадат  можности за бесплатна и квалитетна грижа за децата во рамки на постојните капацитети (проширување на работното време, ангажирање дополнителен кадар, осмислување активности за децата во согласност со возраста). Но, секако, и да создадат услови за  дополнителни услуги за поддршка на деца и млади – децидна е  Ивановска.
Таа додава и дека добро организираната менторска поддршка за работна интеграција е клучна за долгорочно одржување на направените промени и за вистинско засилување на жените во насока на пошироко идентификување и дејствување во согласност со нејзините потреби. 

Инклузивните работни места се пат кон поквалитетна работна сила

Колку едно работно место е привлечно не зависи само од името и од висината на платата, туку сѐ повеќе и од инклузивноста, вели Климентина Илијевски, извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“. Тоа подразбира, вели таа, чувство на припадност кај лицето, уникатност, учество во организацискиот процес на донесување одлуки, инклузивна организациска практика, инклузивно лидерство, создавање клима на инклузија во организацијата.
– Во ваквите организации сите вработени имаат еднакви можности и се чувствуваат интегрирано, без оглед на разликите во однос на пол, возраст, етникум, сексуална определба или каква било друга карактеристика / определба што лицето го прави различно од другите – вели Илијевски.

Посочува дека станува неопходност претпријатијата да создаваат инклузивни работни места не само затоа што така придонесуваат кон создавање подобро општество (тоа е колатерална придобивка) туку затоа што така привлекуваат поквалитетна работна сила. Но, и дека постои разлика меѓу диверзитетот и инклузијата на работното место.

– Диверзификацијата може да биде наложена и законски регулирана, како, на пример, на одреден број вработени, да има вработено по едно лице со попречености или, пак, да биде дефиниран бројот на малцински групи што треба да бидат вработени. Но ова не значи инклузија. Инклузијата доаѓа од состојбата на умот, од индивидуални, доброволни дејства, преку дефинирана организациска и менаџерска практика што овозможува секој поединец на работното место да се чувствува исполнето, прифатено, вклучено, а тоа носи придобивки и за работникот, и за компанијата, а и за пошироката заедница – објаснува Илијевски.

Инаку, истражувањето на Светскиот економски форум, спроведено на глобално ниво, вели дека 80 отсто од вработените сметаат дека инклузијата станува значаен фактор при изборот на работодавец, додека 72 отсто би го смениле работното место за работодавец што е поинклузивен.

„Паблик“ веќе подолго време го истражува ова прашање и во партнерство со „Холистик“ почна да применува програма приспособена на специфичните потреби на секоја компанија насочена кон менување на културата на функционирање во организацијата – преку промени на индивидуално ниво што придонесуваат кон градење квалитетни релации во тимовите и меѓу тимовите. A, сите тие имаат разбирање за улогата на компанијата на локалниот или глобалниот пазар на кој настапува, нејзината мисија и предвидените цели.
Сето ова придонесува кон поголема ефикасност што директно влијае на резултатите што ги постигнува компанијата.

(Актуелното 52. издание на „Лице в лице“ се фокусира на економското зајакнување на жените и на предизвиците при решавањето на родово базираното и семејното насилство. Достапно е кај продавачите на списанието како и во онлајн продавничката која е достапна со клик на сликата подолу)



Напишете коментар