Лице в лице, Лице в лице тема, Магазин, Час по родови прашања

Социјалните менторки – четири столба на економското засилување на жените

Време на читање: 4 минути

Споделуваме клучни согледувања на четирите социјални менторки, кои 12 месеци работеа со 15 жени што преживеале насилство
- банер -

Маја Раванска
Анета Ристеска
Фотографии: Александар Ристовски и Томислав Георгиев 

Преку обезбедување на услугата социјално менторство, постигнати се значајни успеси во текот на минатава година: 13 вработени жени, сите 15 се задоволни од својот живот по социјалното менторство, со нови вештини за работа и напредок, подобрен квалитет на живот и самодоверба. Ниту една од нив не се врати кај сторителот на насилството. Споделуваме неколку клучни согледувања на четирите социјални менторки, кои 12 месеци работеа со 15-те жени што преживеале насилство. 

Бришевме етикети – неквалификувани и добивме статус – бесценети

Социјалната менторка Драгана Лазаревска работеше со три жени од Скопје

Промената на перцепцијата кај жените со кои работев беше во бришење на сопствените и на општествените етикети како неквалитетни, неквалификувани, непожелни лица, лица неспособни за работа на пазарот на труд. Целиот процес беше борба за промена од статус безвредна во статус – бесценета. Навистина, тие се бесценети личности! Со вклучени орудија на желба за доживотно учење, подобрување и засилување на финансиската писменост, квалитетно водење домаќинство, посветена грижа за децата, мотивираност за финансиска независност, препознатлива како одговорен работник, со остварени здравствени, социјални, правни, работнички и материјални права.
Најголемиот успех  за мене од овој циклус и работата со овие лица е комплетната сензибилизација на нивната дотогашна распадната персонална инфраструктура.
Успехот во групата низ целиот циклус се реализираше во лоцирање нови работни места соодветни за нивниот профил. Во недостиг од соодветни сервиси, исто така, работевме и на градење и наоѓање алтернатива за давање поддршка во плаќање кирии, трошоци во детска градинка, формирање група за поддршка и самопомош, решенија за отплаќање на долговите кон извршителите. 

- банер -

Овозможуваме да видат светови што не ни знаеле дека постојат

Социјалната менторка Ирена Стојчевска работеше со две жени во Битола и споделува дека се забележливи промените со кои е постигната нова слика за себе, за своите капацитети, можности и квалитети

Кога ќе се навратам на почетокот од процесот, денес имам чувство дека се поминати неколку години, а не само 12 месеци. Лицата со кои работев се нахранети со голем број корисни информации со кои досега немале можност да се здобијат – од процес на барање работа, пишување работна биографија и мотивациско писмо, аплицирање за работа, па сè до нивно запознавање и информирање за надлежностите на институциите и за начините како и каде да ги бараат своите права за кој било проблем во нивниот натамошен живот. Денес се охрабрени да се обратат и да побараат информација без да се чувствуваат засрамени, виновни за ситуацијата во која се наоѓале и со наведната глава. Самодовербата им е значително засилена и нивните видици се многу пошироко отворени. Самите размислуваат како да се подобрат на работната позиција што веќе ја имаат или што да направат за да се здобијат со подобра. Сите овие промени заедно кај нив прават една нова слика за себеси, за своите капацитети, можности и квалитети, што е и самата цел на социјалното менторство. Менувањето на нивниот живот би го опишала со две фрази, кои произлегуваат од самите жени: „Сега живеам во многу пошарен и потопол свет за кој претходно не знаев ни дека постои“ и „Станав свесна дека вредам и имам квалитети и можам да напредувам“.

Жените не се веќе жртви, туку победнички!

Не вработуваме по отворено работно место, туку по соодветно и за двете страни – за лицето и за работодавецот, вели социјалната менторка Магдалена Чадиноска-Кузманоски


Социјалното менторство се издвојува по тоа што не вработуваме по отворено работно место, туку по соодветно и за двете страни – за лицето и за работодавецот.
Најзначајната промена се случува кога самата жена е уверена дека, соодветно поддржана, може и сама. Нашето општество наметнува жртвата да се срами, место насилникот. Се радувам кога жената се ослободува од сите овие стеги, кога ќе се види со поинакви очи и кога ќе го земе животот во свои раце. Овие жени станаа свесни за своите квалитети, горди на храброста да излезат од таква насилна средина и да продолжат и да успеат сами. Станаа поконкурентни на пазарот на трудот. Накусо, станаа луѓе со еднакви можности како и другите. Не се веќе жртви, туку се победници!
Претпријатијата го почитуваат искрениот пристап кон нив. Колку и да е привлечно некое вработување за жената, ако сметам дека нема да се снајде на такво работно место, или во таква работна атмосфера, не ја земам предвид таа можност. Мислиме и на работодавецот, не смееме кај него да направиме штета на сметка на тоа да ја искористиме добрата можност за лицето со кое работиме. 

Метаморфоза во пеперуга 

 Сандра Крстевска-Саревска работеше со пет жени од Куманово и е задоволна што беше дел од ваков процес, кој ѝ е огромен мотив за понатаму

Успесите што ги имаме со менторираните жени покажуваат дека сме на вистинското место. Тие имаат можност повторно да живеат вистински. Ги доживувам како пеперуги, кои ги рашируваат своите крилја.
Сведок сум на промената на една од нив. Таа беше затворена, не воспоставуваше контакт со очи кога разговаравме. Се срамеше да зборува со некој за да не забележи дека е жртва на насилство. Сега е  комуникативна личност, која храбро си оди по својот пат. Отвори сопствен бизнис, се едуцираше многу на полето на маркетингот. Се чувствува како силна жена, која ги пребродува пречките на животот.
Социјалното менторство отворанова врата и кај бизнис-секторот за потребата од отвореност на пазарот на трудот. Оваа соработка е во вид на триаголник. Социјалниот ментор од една страна,  бизнисот од друга и работникот од трета. Бизнисот добива квалитетен работник, а лицето со кое се работи чувство на исполнетост, задоволство и станува рамноправен член на општеството.

Напишете коментар