Доза вести

Mакедонската современа сликовница во фокус на конференцијата на „Литера 2023“

Македонската современа сликовница ќе биде во фокусот на конференцијата што Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ ќе ја организира на 25 мај во Музејот на град Скопје. Конференцијата што ќе биде составена од два панела е дел од програмата на петтото издание на фестивалот, што годинава се одржува под мотото „Свет со љубов“.
Каде е позиционирана македонската современа сликовница денес? Кои се најголемите предизвици на илустраторите, кои на писателите, кои пак на издавачите? Ова се само дел од прашањата што ќе бидат начнати на конференцијата на која ќе дебатираат истакнати илустратори, професори, писатели, издавачи.

Првиот панел го нарековме „Од точка до илустрација“ и фокусот ќе биде ставен на тоа какви визуелни приказни раскажуваме денес. На панелот ќе учествуваат илустраторот Димче Исаиловски, мултимедијалната уметница и деканка на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, Славица Јанешлиева, мултимедијалната уметница од Хрватска, Николина Манојловиќ Врачар, Софија Семенпеева, графички уметник. Модератор е проф. д-р Марија Ветероска од Факултетот за дизајн и мултимедија ФОН.

Вториот панел „Од буква до приказна“ ќе биде посветен на текстот во сликовниците, а учесниците ќе се осврнат на тоа како се создава приказна, како се пакува во финален продукт, кои се најголемите предизвици за издавачите. Ќе учествуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, писателката Бистра Георгиева, Ника Гавровска, авторка и издавач „Гаврош“, Бојан Саздов од Издавачката куќа ТРИ и претседател на Македонската асоцијација на издавачи. Модератор на панелот ќе биде Сребра Ѓорѓијевска од Умно.мк.

Конференцијата ќе биде од отворен карактер. Главен поддржувач на фестивалот е Министерството за култура, а фестивалот го поддржуваат Халкбанк, Органик нар, Скопска пивара, Ефектива, Умно.мк.

Фестивалот „Литера“ годинава ќе се реализира од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје. Петте дена ќе бидат исполнети со богата програма – изложби, работилници, предавања се само дел од содржините.

Напишете коментар