Жени Херојки

Се сеќавате на Ана Михајлоска? Жената која со својот живот спаси два други живота

Време на читање: 2 минути

ЖЕНИ – ХЕРОЈКИ

Имаше широки сфаќања и далекусежни погледи. Често изјавуваше дека би сакала, кога ќе почине, нејзиното тело наместо да биде погребано, да им биде дадено на студентите по медицина за да се обучуваат. Жестоко и гласно реагираше на расистички, шовинистички, верски, полови и други видови предрасуди и поделби, на секаков вид дискриминација. Беше исклучително правдољубива, слободоумна, самосвојна, сомилосна и дарежлива (беше меѓу првите што вдоми две босански семејства побегнати од бомбардирањето на Сараево). Бесценетата, врвна дарежливост на Ана секако е подарувањето два живота (на Тино З. од Скопје и Мејреме А. од Тетово) во „замена“ за сопствениот. И двајцата, веќе 18 години водат нормален живот, или како што има речено Тино, се во најблизок вид соживот со Ана – раскажува нејзината сестра, писателката Јагода Михајловска – Георгиева чиј роман „Индиго Бомбај“ е инспириран од приказната на Ана.

Било за семејство што донирало органи и било за тој што заминувајќи од својот, оставил зад себе живот, чувствувам длабок порив до земја да се поклонам пред него. Сите тие до солзи ме трогнуваат и ме одушевуваат. Имам желба да ги запознаам, да ги прегрнам, да им кажам дека знам низ што сè поминуваат, дека ми е познато колку храброст и емпатија се потребни за да се донесе таква одлука, дека ја чувствувам нивната болка по заминатиот близок, но истовремено и нивната радост што, на некој начин, тој продолжува да постои во нечиј друг живот. А најмногу од сè имам потреба да им се заблагодарам што се светли точки на човечност во она што го нарекуваме човештво – нагласува Михајловска – Георгиева.

Напишете коментар