На мое големо изненадување, сè се случи брзо. Тоа беше фирма која требаше да прими нови работници. Ги слушнав сите обврски и задачи кои треба да ги завршувам, а кои веќе, и од претходно искуство, ми беа познати. Со огромна радост, без размислување, ја прифатив работата. Од канцеларијата на менаџерите излегов со скокање од радост. Дури и на социјалната менторка ѝ реков, „Ајде да почастам едно кафе“. Тоа беше еден од моите најсреќни денови во животот, споделува Неџат Бајрамовски, лице кое поминува низ програмата социјално менторство за успешна интеграција на пазарот на трудот
Анета Ристеска
Бездомничкиот живот ми стана минато. Не преку ноќ, туку со сериозна и постојана работа на себе, благодарение на мојата социјална менторка, Драгана Лазаревска, која неуморно ме водеше низ процесот кој ми обезбеди сигурност во секојдневието, доверба во себе, но, и верба во една поинаква иднина.
Вака Неџат Бајрамовски, најкратко, го опишува своето искуство низ програмата социјално менторство, која, како што вели, му овозможила да го надмине својот несреден бездомнички живот.
Зацртани планови – подобро ја трасираат патеката на движење
Наоѓањето соодветна работа, редовни примања, а потоа и соба под кирија, која ќе му донесе безбедност во живеењето, биле најголемите предизвици кои со години стоеле пред Неџат.
– Долги години бев невработен и живеев под линијата на достоинствен живот. Улогата на Драгана во мојот живот ми донесе вистинска промена. Се сеќавам, при средба во нејзината канцеларија, ми рече дека ако не сум сериозен, и ако не сакам да се вклучам во програмата, подобро и да не почнувам. Бев подготвен за нов чекор. Ова ми делуваше како ветер во грб да си ја исполнам најголемата и долгоочекувана желба, да си најдам работа, на добро и стабилно место – раскажува Неџат.
Зацртани планови – подобро ја трасираат патеката на движење. Следуваат чести средби меѓу социјалната менторка и менторираното лице. Се прави јасна слика за најсоодветната работна позиција за Неџат. После само три месеци, замислата за работното место е пред остварување.
– На мое големо изненадување, сè се случи прилично брзо. Тоа беше фирма која требаше да прими нови работници, хигиеничари. На заедничкиот состанок ги слушнав сите обврски и задачи кои треба да ги завршувам, а кои веќе, и од претходно искуство, ми беа познати. Со огромна радост, без размислување, ја прифатив работата. Од канцеларијата на менаџерите излегов со скокање од радост. Дури и на социјалната менторка ѝ реков, „Ајде да почастам едно кафе“. Ова беше еден од моите најсреќни денови во животот – споделува Неџат.
Оваа новост, вели, му донела едно ново спокојство. Но, пред сè чувство на среќа.
– Ова е работа што ме исполнува. Навистина ми значи што досега не ни имало сериозни забелешки за завршените задачи. Среќен сум што полека, но, сигурно почнавме и да си веруваме меѓусебно со колегите. Јас и по природа сум човек кој си ја гледа работата, и не сакам многу озборување. Сега за сега сè е во најдобар ред. Единствено што се трудам е да се заштитам себе си, да не ги слушам сите барања на станарите, кои често знаат да се мешаат. Ги слушам само мојот ментор и шефовите – додава Бајрамовски.
Ова ново работно поглавје во животот на Неџат трае веќе осум месеци. Вели дека едвај се препознава себе си. Плановите за иднина се редат секојдневно…
– Како да сонувам. Исполнет сум со позитивна енергија. Ја нема депресијата, ниту лошите мисли, кои, понекогаш, ме тераа и на најлошото. Мојата менторка ми најде работа која ми го промени животот од корен. Сега, на секој први си плаќам кирија, без доцнење, си купувам сè што ми треба и сè што ми фалело низ годиниве наназад. Се чувствувам убаво и сигурно да донесам и партнерка во мојот живот, затоа што сум спремен да ѝ дадам сè што и неа ѝ треба. Сакам и во иднина да ја задржам оваа работа, која многу ми значи. Со време верувам дека ќе ми се покачи и платата. Би бил уште посреќен со тоа, затоа што знам дека сум вреден и посветен на обврските. Тоа би ме направило уште поподготвен да бидам и родител- искрен е Неџат.
Преку работа – до покрив над глава!
Познанството на Неџат и социјалната менторка Драгана датира уште пред 10 години. Тоа беше период кога Неџат беше вклучен како продавач на „Лице в лице“, преку координација на Црвениот крст на Град Скопје и токму Драгана, која му беше социјална менторка, тогаш му беше координаторка. Тогаш тој побарал помош во Пунктот за бездомници за покривање на основните човекови егзистенцијални потреби, знаејќи дека овој Пункт во градот е единствениот што овозможува згрижување и реинтеграција на оваа група ранливи граѓани.
– Се сеќавам дека секогаш кога ќе дојдеше во Пунктот имаше трпение да поминат сите други бездомни лица за консултација, за потоа „на раат“ да поразговара со мене за проблемите кои го правеа несреќен. Низ сите средби и разговори, секогаш ми се провлекуваше мислата: Како ли овој човек е сè уште жив, после сите турбуленции што му се случуваа? Меѓу сите негови победи над суровоста на животот, е онаа која ја извојувал после сообраќајната несреќа што му се случила, и излегувањето од кома во која западнал подолг период – раскажува Драгана.
Уште од тогаш, вели таа, датира и неговата желба за стабилна работа, која ќе влијае на сите сегменти од живеењето.
– Животот на улица во голема мера му го имаше нарушено физичкото и менталното здравје. Затоа, посакуваше работа во која ќе се реализира себе си, и каде што ќе биде почитуван и вреднуван. Но, пред сè – ќе има покрив над глава – се навраќа Лазаревска.
Токму затоа, во април изминатата година, таа му понудила да биде дел од програмата „социјално менторство“, со цел да ја решат една од најважните алки во кругот на животот, а тоа е работата.
– Откако разговаравме за бенефитите што може да ги донесе оваа иновација на „Паблик“, предлогот да се вклучи во нешто ново беше многу брзо прифатен. Сите разгледани аспекти што можеше да ги донесе програмата, му беа неопходни, и долго посакувани. И за него, и за неговото опкружување – додава Драгана.
Таа направила добра и јасна проценка на неговите вештини и способност за работа, на квалитетите и афинитетите кои ги поседува, и потоа, заеднички направиле индивидуален план за развој и вработување.
– Во потрагата по работно место, гледавме да биде во допир со неговите потреби, но, и со неговите желби. Нешто што многу ми помогна во целиот процес на барање работа беше неговата истрајна и сериозна намера да работи како хигиеничар во канцелариски простории или во станбени згради. Тука и го насочив вниманието. Упорно барав, договарав и организирав средби со компании на кои дејноста им е одржување хигиена. На мое и негово огромно задоволство, по три месеци, се случи вработување во „Мој куќен совет“, компанија која дава силна поддршка за ранливите лица да ги напуштат маргините преку работа – раскажува Драгана за текот на процесот на менторирање.
Горда е, вели, што сега нејзиното менторирано лице, после осум месеци работа, има целосно променет живот.
– Сега, неговата финансиска писменост, се подобри до толку што мошне тактички ги распределува средствата од платата – да му се доволни за кирија, да се грижи за здравјето, да плати комуналии, да се дружи со саканите луѓе. И мене, лично, многу ме мотивира успехот на Неџат изминатиов период, и ми дава сила, енергија, но, и верба дека со соодветна поддршка од социјален ментор, ранливите сограѓани со сигурност може да прераснат во продуктивни, проактивни и солвентни лица – децидна е Драгана.
Социјалниот ментор – линк до нова работна сила
Од „Мој куќен совет“ велат дека соработката со социјалната менторка била од клучно значење за професионалното оспособување на Неџат на неговото работно место.
– Како специфични вештини и квалитети би ги издвоиле неговата мотивираност за работа, тимскиот дух и желбата за напредок и успех. Исклучителната храброст и волја за интеграција во социјалниот живот за да ги преброди сите различни бариери и предизвици кои ги носи секојдневниот живот, вели тимот од „Мој куќен совет“.
Во оваа насока порачуваат дека бизнисите треба да им веруваат на социјалните ментори кои работат со ранливи групи, ги насочуваат и подготвуваат при влезот на пазарот на труд.
– Ова е навистина огромна помош во потрагата по стручен кадар, во време кога речиси сите бизниси се соочуваат со недостиг на работна сила, нагласуваат од компанијата.