Млада девојка и бестрашна писателка која преку своите стихови сака да зборува за теми кои општеството сè помалку има храброст да зборува! Зборувавме за нејзианта збирка „Утроба од јаготки“ каде се нанижани стихови за женската болка, телесната автономија и македонските традиции, давајќи им глас на маргинализираните и создавајќи простор за нивните приказни!
Инспирацијата кај неа доаѓа од тишината и мирот од Охридското Езеро и пишувањето на нејзиниот дедо Видое Видически.
Читајте ги нејзините зборови, седнете во вашето најмирно катче и уживајте во „Утроба од јаготки“.
Гори
И еве го,
гори.
Пуштило коси
до Езеро,
божем обвива
среќа исцедена
во пламен.
Зборувај ми за љубов, Небо,
зашто само ти искрено
знаеш да го љубиш Сонцето,
та поцрвенуваш од возбуда,
та посинуваш од нежност,
та потемнуваш од мака.
Јас не знам за љубов,
јас само горам
и гледам во тебе,
ти љубоморам,
сакам и јас да пуштам коси,
да почувствувам длабочини,
да знам како е да си високо
Високо во облаците и
со облаците,
Да љубиш, да црвенееш,
кажи ми те молам,
како е?
Зашто еве ме,
горам.