Лице в лице интервју

Со бегство се спасуваме себе, со отпор делуваме за колективот

Време на читање: 9 минути

Во неговиот последен роман „Случај на самоуништување“, Новак тргнува од вистинска приказна за полицаец кој се самоубил бидејќи не можел да го издржи мобингот од неговите колеги, кој пак го доживувал само затоа што сакал да си ја работи работата во јавен, а не во туѓ интерес.
Интервјуто го работеа колегите од српското улично списание „Лицеулице“ а ние го објавуваме во пресрет на Фестивалот на европска литература „Букстар“ кој ќе се случува од 30-ти септември до 3-ти октомври, во чии рамки ќе гостува писателот Кристијан Новак.

- банер -

разговорот го водеа: Тијана Спасиќ и Бојан Марјановиќ
Фотографии: Ива Перковиќ

Кристијан Новак е писател кој во последната деценија се етаблира како еден од најважните и најсвежи гласови на современата регионална проза. Во неговите романи „Црна мајка земја“ (на македонски јазик го објави „ПНВ Публикации“), „Циганин, ама најубавиот“ (во издание на „Готен“ на македонски јазик) и „Случај на самоуништување“ вешто се исткаени приказни кои, иако сместени во хрватскaта област Меѓумурје, длабоко осветлуваат низа невралгични точки на постјугословенскиот простор – од сеприсутното насилство, преку (не)скриената нетрпеливост кон сите кои на било кој начин се различни, до корупцијата, која и во економски, политички и во секој друга поглед, ја прави вербата во системот ништовна.
Во минатогодишниот роман „Случајот на самоуништување“, Новак тргнува од вистинска приказна за полицаец кој се самоубил бидејќи не можел да го издржи мобингот од неговите колеги, кој пак го доживувал само затоа што сакал да си ја работи работата во јавен, а не во туѓ интерес. Оваа застрашувачка вест од нашето секојдневие стана појдовна точка за приказна која темелно ќе анализира два многу важни системи – полицијата и образованието – но и тоа што бунтовниот поединец (не) може да го постигне во рамките на тие системи.
Новак ќе биде меѓу гостите на Фестивалот на европска литература „Букстар“ кој ќе се случува од 30.9.2024 до 3.10.2024 на повеќе локации во Скопје. Повеќе за богатата програма на фестивалот, најдете на овој линк.


Корупцијата спаѓа во самиот врв на проблемите во нашите општества, но се чини дека нашата современа книжевност релативно ретко се занимава со неа. Зошто е тоа така? Што  ви помогна вам да се справите со оваа тема во романот „Случај на самоуништување“ на книжевно убедлив начин, избегнувајќи ги општите места?

Можеби затоа што сите сме по малку дел од корумпираниот синџир. На оние кои учествуваат во тоа, може да им се чини дека тоа е форма на борба против државата, против оние од врвот, кои секогаш се корумпирани, а нам не ни даваат ништо. Ми се гади од тоа, но само со добра доза на саморефлексија успевам да забележам дека не се разликувам многу. Кога моето дете тешко се разболе, дали тогаш мислев дека треба да останам праведен и чесен или бев подготвен да му го тутнам пликот кому и да требаше, само за да го спасам моето дете? На крајот не беше ни потребно, но да бидеме реални, немаше ни да трепнам. Дали се развеселувам кога келнерот во ресторанот ми намигнува дека и обајцата ќе заштедиме пари ако не ми даде сметка? Или велам „брат, не е во ред, треба и државата да си го добие своето, за патишта, градинки, образование, здравство, дај ми ја сметката“? Мислам дека треба да немаш образ, ако почнеш да пишуваш за дилањето со такви ситни синекури, колку се тие штетни, а да си се сврстуваш во оние кои се секогаш во право. Тогаш, зошто ми беше лесно да ја напишам оваа приказна? Работите беа толку јасни, што не можеа да бидат појасни. И затоа што тој мал пример покажа како создавањето локални елити преку меѓусебни услуги, не е никакво праведништво од типот на Робин Худ, туку дека чесни луѓе може да страдаат. Дали е книжевно убедливо или не, никогаш не можам да проценам од сопствениот текст. Да речеме дека е така – до тоа дојдов едноставно, како и секогаш, преку долго истражување на фактите, а потоа и преку долга интроспекција. Така се погодува, па моите негативци никогаш не се карикатурални психопати. Многу ми е поинтересно да набљудувам лик кој може да направи нешто добро, но одлучува да го направи спротивното. И тогаш се обидувам да проникнам во механизмот на таа одлука, кој, делумно е индивидуален, но, во добра мера произлегува од колективното.

- банер -

Двајцата протагонисти во романот се различни во сè, освен што на некој начин се спротиставуваат на авторитетите, секој во својата област. Зошто ги избравте токму образованието и полицијата и што, овие две професии, кои треба да му служат на јавниот интерес, носат важно, во симболична и во фактичка смисла?

Тоа ми се наметна од самиот почеток. Ни требаат двата системи, и двата се чувствителни на преиспитување на авторитетите и двата треба да бидат независни, но не се. Да беа, сите ќе беа еднакви пред законот, а опскурните ликови и организации немаше да имаат влијание врз тоа што се учи и како се работи во училиштата. Во полицискиот систем се случи трагичен настан, а образовниот систем ми беше интересен како контрапункт. Таму настанот се претвора во наратив, префинет и погоден за средношколците. Човек би посакал наставничката да има слобода да ги претстави фактите и да поттикне дискусија. Но, не е така, особено кога во настанот се вклучени луѓе од локалните елити и нивните деца. Откако излезе книгата, токму од тие два система, полиција и образование, најмногу ме контактираа луѓе кои се препознаваа во ликовите, на овој или оној начин. И од уште еден друг систем – здравство. Во него, се чини, особено доаѓа до израз нееднаквоста и тоа дека немаме сите еднаков третман и пристап до помош.

Бунтот на поединецот против гнилиот систем е чест мотив во книжевноста. Каква е врската помеѓу пишувањето за тоа и вистинскиот бунт, односно активизмот од секаков вид?

Едно е да се пишува за тоа, друго е граѓанскиот активизам. Ова го кажав многу пати и сигурен сум дека на многумина воопшто не им се допадна: ако сакаш промени веднаш и сега, не пишувај книга, не прави претстава или филм. Се знае кои се модусите на политички и граѓански активизам. Со литературно дело, драма или филм, се обраќаш на многу тесен круг луѓе склони кон саморефлексија, се обраќаш речиси на истомисленици. Бунтот на поединецот против гнилиот систем е легитимен и чест мотив во книжевноста и е неисцрпен. Го има од времето на Софокле до денес, а ќе го има и за илјада години. Едноставно е така, сè додека живееме во вакви заедници и додека има асиметрии на моќ. Со пишување за тоа, само може да се осветлат слепите точки, да се артикулираат сите неслободи за кои не сме свесни во секојдневниот живот. И тука е моќта на уметноста. Но,  тоа функционира многу побавно од граѓанскиот активизам.

Романот се занимава и со прашањето колку на поединецот му е тешко да донесе етички правилна одлука, особено во нашите општества каде што не се оди против „своите“, а во кои еднаквоста пред законот е само претстава за наивните. Ако барањето правда нè соочува со целото опкружување и нè лишува од систем за поддршка, како можеме да продолжиме да се стремиме кон тој идеал?

Мислам дека сите од овие простори се соочуваат со ова прашање и тоа најдоцна до крајот на средното образование. Во тоа има елемент на страв, бидејќи ретко кој е подготвен да биде целосно сам. Стравот ми е многу интересен елемент, наратолошки. Кога ќе се сведе на некоја ситуација, ги сведува можностите на само две – бегство или соочување. За мене, во тоа е финтата. Ако избегаш, си ја решил ситуацијата, си останал жив и си ја избегнал смртта, барем некое време. Ако пак се конфронтираш, каков и да е исходот, си направил нешто за колективот. Секој чин на отпор, дури и ако заврши трагично, го шири своето влијание врз околината и им дава дозвола на другите да бидат храбри. Со бегањето си се спасил себе, но со отпорот делуваш за колективот.

Една од иконичните слики на бунтот на поединецот, е токму „Антигона“, која е важен мотив во романот. Преку овој класик ги воведувате ликовите на средношколците во приказната. Тие штотуку почнуваат да откриваат во каков свет влегуваат и ја гледаат врската помеѓу ликовите од античките драми, кои им се лектири, и стварните дилеми кои се прекршуваат и преку нивните глави. Системот непогрешливо ги насочува младите да ја отфрлат идејата за бунт, но се чини дека гласовите што ги повикуваат да го преиспитаат авторитетот се ретки, но баш поради тоа се и повредни?

Се согласувам. Ми текнува колку често се користи фразата „критичко размислување“ во нашето образование. Кон тоа треба да се стреми секој кој на некој начин учествува во воспитно-образовниот процес. Само, никој да каже како точно се работи со нашите млади луѓе. Делумно затоа што и самите потекнуваме од генерации од кои се бараше послушност. Да, и ние што пораснавме во Југославија бевме така индоктринирани, без разлика какви митови измисливме за тоа време. Делумно тоа е така и поради тоа што создавањето наставен процес кој води кон критичка рефлексија на учениците бара посебен ангажман, понекогаш и жртва од страна на наставникот. Тоа никој не го спомнува. Се трошат огромни пари за реформи (ми се чини дека правиме реформи во образованието веќе две децении), наставни помагала, сè и сешто. Никој да се сети на едноставната работа – треба чесно и праведно да ги платите учителите, наставниците, професорите, бидејќи во спротивно, преку негативна селекција, ќе дојдат луѓе на кои баш им е гајле, кои фино детално ќе си работат според наставната програма и ќе ја чекаат својата пензија, но кои никогаш нема да израснат граѓанин кој знае критички да размислува.

Друга важна тема што ја отворате, покрај полицијата и образованието, се медиумите, со фокус на влијанието на владејачките кругови врз известувањето за одредени настани, креирање афери и дискредитацијата на противниците, нешто што гледаме секој ден. Може ли да се прецени влијанието на медиумите врз тоа како луѓето го толкуваат светот околу нив?

Не може. Е, а да ми кажеше некој пред 25 години дека ќе дојде време кога буквално секој човек ќе може да биде кокреатор на вести, дека ќе има суперпроток на информации, ќе го дочекав со воодушевување. А глејте нè сега, погледнете што направивме од тоа. Повремено одам на „Твитер“ по 15 минути, и после тоа веќе не знам дали Земјата е рамна или тркалезна и по правило, посакувам да купам некое оружје. Склони сме да ја потценуваме вештината со која човекот лаже за да го потврди својот светоглед, а да го побие туѓиот. И во исто време, ширејќи страв, ги става луѓето на своја страна. Се спасувам себеси приврзувајќи се кон новинари, кон коментатори на општеството во кои имам доверба и понекој медиум.

Во одредена смисла, вашите романи флертуваат со шаблоните на жанровската литература, на ниво на мотив, и на ниво на атмосфера. Иако не е ништо ново да се спојуваат т.н висока и т.н жанровска книжевност, кои се вашите причини и примери кога го правите тоа?

Како прво, јас сум голем љубител на добра жанровска литература и филм. Секогаш ќе бидам понаклонет кон врвен хорор, трилер, криминалистичко дело или романса, отколку на уште една книга со некаква литературна величина во која, да речеме, некој циничен лик шета по пабови и разговара за животот со други цинични ликови, а завршува шетајќи по мрачна цинична улица. Да се ​​направи добро жанровско остварување, бара голема вештина. Да кажеме и дека моите дела, ако се гледаат од жанровски аспект, се лоши остварувања. Крими-приказните по правило немаат класично разоткривање, а понекогаш и не ми е гајле кој е сторителот. Од жанрот го земам тоа што ми треба за да не ми се распадне наративот. Земам цврста структура. За Американците можеме да мислиме вака или онака, но некои работи баш ги поставуваат здраворазумски. Затоа, додека пишувам, во голема мера ја користам нивната литература за структурата на фикционалниот наратив. Не се срамам да го признаам ова, не е никаков допинг. Напротив, ме става пред многу поголем предизвик, отколку кога си дозволувам да имам целосна слобода да го замислам дејството.

Како и во романот „Циганин, ама најубав“, се занимавате со мотивот на љубовта која е на некој начин забранета или општествено непожелна. Овој стар мотив, во денешниот етнички, верски, класно и економски поделен свет, сè уште ја носи тежината и патосот на обидот за помирување на завојуваните страни. Дали тоа го имавте на ум, во двата случаи?

Не би рекол дека љубовта во „Случај на самоуништување“ ми беше важна во однос на помирувањето на конфликтните страни. Во некои случаи, таа може да има таков потенцијал, но овде – и во литературниот текст и во вистинскиот настан што го инспирираше – помирувањето е невозможно бидејќи имаме две гледишта на правдата кои се фундаментално спротивни. Помирувањето може да се случи кога, барем навидум, се прифаќа одговорност за стореното дело. Кога го нема, на жртвата ѝ останува или прошка или одмазда.
Главниот протагонист во романот го има секое морално право да направи масакр, да биде крв до колена. Еден дел од мене посакуваше таква разрешница. Меѓутоа, стварноста ме демантираше и ни даде, според мене, полнокрвен јунак на човештвото. Човек кој имаше сила да ги закопа своите мртви и да си ги закрпи живите и кој остатокот од својот живот го посвети на спасување животи. Засекогаш ќе бидам импресиониран од тоа. Тој е интервентен полицаец, кој по природата на својата работа не зборува многу, и е тука за да спречи насилство или да користи насилство врз криминалците. По личната трагедија станува преговарач, бидејќи сака да спречи некој друг да ја доживее судбината на неговиот помладиот брат, кому не можел да му помогне. Сè додека има такви луѓе, имаме право на надеж. Љубовта, во мојата концепција на приказната беше таа што, во момент на двојба, го спречи да направи масакр и го насочи да го избере животот.

Сите ваши романи се сместени во Меѓумурје и се силно локално ориентирани,  далеку од големите културни центри како што се Загреб, Риека или Сплит. Што носи со себе пишувањето за просторот, луѓето, па дури и јазикот, кои не се често во центарот на вниманието на доминантната култура?

Постои ризик кога првпат ќе тргнеш по тој пат. Секогаш се наметнува прашањето „Ма, кому ќе му е гајле за некој сељак што живее кај унгарската граница“? Сепак, олеснителна околност е што во нашиот литературен свет не ризикувате огромно богатство и милиони продадени примероци затоа што не сте избрале поатрактивна средина за дејствието. Од друга страна, кај читателите во нашите земји постои наклонетост кон аутсајдерски приказни, ликови и места. Штом е така, можам да пишувам за тоа што длабоко ме погодува, за она што сакам да го разберам, затоа што ми помага да се разберам себеси. А тоа е да пишувам за луѓето и за местата кои го одбележаа моето растење. Додуша, така беше во овие три книги досега. Ми се чини дека во следната приказна која ја скицирам, ќе се движам далеку на север. Иако, можно е всушност, пишувајќи за други места, засекогаш да пишувам за мојот роден крај. Нека биде како што мора да биде.

(интервјуто е преземено од актуелното издание на српското улично списание „Лицеулице“ број 105, кое е достапно на овој линк)




Напишете коментар