Актуелно, Доза вести

Трикратната „Греми“ лауреатка Сесил Меклорин Салвант вечерва во отвора 43. Скопски џез фестивал

Време на читање: 2 минути
- банер -

Една од најдобрите светски вокалистки на нашето време, Сесил Меклорин Салвант вечерва во 20 часот во Националната опера и балет во Скопје ќе го отвори Скопски џез фестивал. Супериорно најдобрата и популарна џез-пејачка во светот, трикратната „Греми“ лауреатка ќе настапи со нејзиниот блескав квартет во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти, Саливан Фортнер.

Опишана од Џеси Норман како „уникатен глас поткрепен со интелигенција и апсолутна музикалност“, Салвант се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Концертите на Сесил Меклорин Салвант се неповторливи доживувања, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни.

Во 23 часот во Младинскиот културен центар ќе настапи македонскиот состав Next to Silence, a ќе му биде врачена и наградата за најдобар млад џез музичар на Кирил Кузманов.

На 18 октомври, во НОБ концерт ќе одржи бендот „Rodrigo Amado The bridge“.

- банер -

Познат како еден од најзначајните европски импровизатори во моментов, португалскиот саксофонист Родриго Амадо е мајстор на инструментот со беспрекорна техника и фасцинантна експресивност, кој со задоволство ја прифаќа сета слобода што му ја дозволуваат фри џезот и импровизираната музика. Во квартетoт „The Bridge“, тој обединува три од своите најсилни долгогодишни влијанија, сите лидери во својот домен: маестралниот германски пијанист – Александар фон Шлипенбах, норвешкиот волшебник на контрабас – Ингебрит Хакер Флатен и легендарниот американски тапанар – Џери Хемингвеј.

Таа вечер, во НОБ ќе настапи и бендот „Тhe end“, експериментална музичка група што се појави во 2018 год., обединувајќи експлозивна екипа таленти од Норвешка, Шведска и од Австрија.

На 19 октомври, во НОБ ќе настапи Њујоршкиот пијанист и композитор по потекло од Куба, Давид Вирејес. Тој органски ги соединува кубанскиот фолклорен и њујоршкиот импровизаторски свет, интерес што го пројавува уште на 14-годишна возраст.

Истата вечер во НОБ, свој настап ќе има „Rob Mazurek Exploding star orchestra“. Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, апстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите. А на полноќ, во Младинскиот културен центар, пак, ќе настапи бендот на Алабастер де Плум.

Последната фестивалска вечер ќе започне во Националната опера со настап на дуото Никол Мичел – Марк Сандерс. Никол Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор. Повеќе од дваесет години, Мичел ја користи својата уметност за создавање светови кои „градат мост меѓу познатото и непознатото“, со нејзиниот ансамбл Black Earth.

Во 22:00 ч. во НOБ пак, настапува „Fire! Orchestra“, идејна творба на шведските музичари Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (тапани), која низ годините прерасна во опасен колектив што им пркоси на конвенционалните жанровски граници, развивајќи свеж пристап кон импровизираната музика со влијанија од фри џез, психоделичниот рок, пост-боп, ноиз, краутрок и даб- музиката.

Повеќе за програмата на фестивалот, на следниот ЛИНК.

Напишете коментар