Лице в лице тема

Училишни спомени – лузни и носталгии

Време на читање: 9 минути

Често се навраќам на приказните од моето училиште. За да не ми станат здодевни, или, во краен случај – патетични, почнав да собирам и искуства од моите другарчиња. Сите наши приказни се врзани за нашите учителки, наставници и професорки, кои се дел од нашето детство – од образовно-воспитните процеси со кои сме растеле и преку кои сме „фаќале ука“. Во нив е јасно на што се радуваме и смееме, кому сме му благодарни или бесни, какви спомени носиме од нашето образование и какви наставници/професори ни се потребни.

Тијана Радеска

Сите си чуваме многу приказни од училишните денови, а ако сакаме, можеме да се сетиме и на многу повеќе.  Еве, на пример, одредени периоди од моите училишни денови ми се многу драги, ама, има и такви што до денес ме прават многу бесна. И секогаш кога ќе помислам дека сум голема и дека е срамота да им се лутам на наставничките од основно, доаѓам до заклучок дека тоа и не е толку едноставно. Наставничко–ученичкиот однос е долгогодишна врска, која треба да се негува и гради, во која треба да се вложува, во која „попаметниот (во овој случај повозрасниот, пообразованиот и поискусниот просветен работник) треба да попушта“ и да го прифати ученикот, да го насочува, да ги препознае неговите добри страни и да придонесе во неговото градење.

Моето училишно сеќавање го насловив: „’Училиштето е нашиот втор дом‘, ама не ме сакаше како втора мајка, жено!“, а покрај мојата лична приказна, еве можност да „ѕирнете“ и во училишните сцени на мои пријатели, преку текстовите: „Тито и глувчето“, „Потрага по одговори, место наметнување лажни вистини“, „Суптилен начин на воспитување на ’загубената‘ генерација“, „Губење на колективната поврзаност и емпатија“, „Аналитичност, дисциплина и солидарност“,„Почит кон различноста“…

„Училиштето е нашиот втор дом“, ама не ме сакаше како втора мајка, жено!

Припаѓам на една од генерациите што беше во потрага по „Хогвортс училиште за магија“ (Hogwarts School of Magic), а во секој професор се надеваше дека го препознае Албус Дамблдор (Albus Dumbledore). Имав бујна фантазија, како и најголемиот дел од мојата генерација. Очекував  во мојот живот спонтано да се случат сите филмови што сум ги гледала и сите книги што сум ги прочитала, а кога не се случуваа, се мачев да ги режирам. Секое утро се будев во филм во кој јас бев хиперактивна Пипи Долгиот Чорап, која беше вљубена во Петар Пан (искрено веруваше во него и верно го очекуваше да ја земе да летаат), која сакаше да се дружи со Хари Потер и со Хермиона, која од сè срце сакаше приказни, која  сакаше да оди на училиште, која сакаше петки ама ја мрзеше да учи и која секој ден се надеваше на писмо за регрутација во „Хогвортс“. Денес, знам дека не сум била единствена што ги помешала приказните и реалноста, но не можам да се сетам кога се трансформирав од Пипи Долгиот Чорап во едно од ученичињата што пееја We don’t need no education, We don’t need no thought control…All in all you’re just another brick in the wall, уште пред воопшто да го разберам преводот на стиховите, не па територијалната политичка и историска заднина на песната. Како исчезнаа Петар Пан и Хари Потер од мојот секојдневен живот и како станав безнадежна дека училиштето е место каде што професорите се тие што ќе ја претворат мојата фантазија во реалност? Како сета таа надеж, почит и верба се претворија во разочарување? Зошто моите добри и лоши наставници што ги сакав или не ги сакав, но кои безусловно ги почитував прерано ми покажаа дека се „обични смртници“? Денес, можеби, го имам одговорот. А, можеби, ќе најдам друг со тек на време. Мислам дека, пред сѐ, главниот проблем беше бинарниот педагошки систем на моите наставници: добар ученик – лош ученик, проблематично дете – непроблематично дете, дете со педигре – дете на „непознати родители“, примерно облечено дете – непримерно облечено дете итн…

Моите проблеми почнаа кога мојата класна почна моето однесување, облекување, дружење и учење да ги оценува како негативни. И колку што повеќе се трудев да ја задоволам и да бидам секој друг што таа го симпатизира, само да не бидам јас, толку повеќе бев укорувана. Бев укорувана што носам зимска капа во март или што носам кошула врзана на половината, бев укорувана дека попуштам во учењето, иако бев одлична ученичка, бев укорувана што сум се здружила со деца што учат во другите паралелки, а ги избегнувам моите соученици (а за да ги има сите овие информации им даваше задача на „добрите и примерни ученички“ да ги набљудуваат моите потези и да ѝ даваат рапорт, а воедно да го кажат и нивниот личен суд за моето однесување), бев укорувана што се смеам, што сум намуртена, што сум весела, итн. Тој константен притисок за тоа што е правилно, а што погрешно и активно демонстрирање на нејзините асимпатии не го заслужува ниедно дете, а го добија многу. Нејзиниот суд и забелешки ме прогонуваа долго по завршувањето на основното образование. Уште долго се сомневав дека мојот профил на личност, кој постојано се менува соодветно на годините, времето и пријателствата, е погрешен, лош или „непримерен“ – што и да значи тоа. Не сакав да ја осудувам, мислев дека со тек на време ќе го согледам „позитивниот, едукативен ефект“ од нејзиниот однос, но, единственото нешто што, за жал, го согледав се четири одвратни, тажни, школски години, а јас исполнета со спектар на негативни чувства кон неа и кон целото училиште.

Тито и глувчето

Кога бев многу мала, мислам дека беше второ или трето одделение, наставничката ни зададе писмена работа на тема „Како го поминав летниот распуст“. Се сеќавам дека за разлика од другите деца во одделението, кои одеа во Охрид или на море, јас секоја година за летен распуст одев на исто место, во куќата на баба и на дедо. Летата поминуваа убаво, но еднолично и јас се чувствував како и да немам нешто посебно да опишам. Но тоа лето, под тремот на куќата на баба и на дедо, во едно празно пластично шише од зејтин „Кристал“ се беше заглавило едно глувче. Крзното му се беше измастило од зејтинот па тоа кутрото беше целото разлизгано и уплашено, а згора на тоа околу шишето се мотаа и маалски мачки. Јас, нормално, како мало дете се испорасплакав за глувчето, па некој од возрасните го беше пресекол пластичното шише и го беше пуштил глувчето на слобода, (или барем ми беше така претставено дека глушецот беше ослободен.) Тоа беа големи радости. И така, возбудена од уникатниот настан си ја раскажав оваа случка во мојата писмена работа.
Наредниот час, за писмената по македонски јазик добив двојче. ДВОЈЧЕ! Целосен пораз, крах, терор… посебно потресно за една „учачка“ како мене што никогаш и никаде дотогаш немаше видено помала оценка, не од петка, туку од пет плус. Се чини дека разочарувањето беше јасно видливо зашто без ништо да прашам, наставничката ми се обрати и ми рече: „Убаво пишуваш, ама си ја утнала темата“. Не се сеќавам многу на раните училишни денови, но ете, се сеќавам на таа случка и на уште една. Кога за една друга писмената задача по македонски јазик на тема „Еден есенски ден“ добив една петка со црвено пенкало испишана толку голема колку целата страница на тетратката. Составот беше – како еден есенски ден се шетам низ скопскиот парк, се вртам и ја гледам бистата на маршалот Тито како пушта солза. Денес, кога го пишувам ова, не знам точно на што се однесуваше измислената солза на Тито, но се сеќавам на среќата и на гордоста за добиената голема, најголема петка, која кој било некогаш ја добил.
Едно глувче и една петка. Ете, тоа е најдлабоко врежано во моето сеќавање за една наставничка, во едно скопско училиште при крајот на осумдесеттите. Времето кога за првпат во светот се издадени „Сатанските стихови“ на Салман Ружди, „Фуковото нишало“ на Умберто Еко, „Друштвото на мртвите поети“ на Ненси Клејнбаум и „Холивуд“ на Чарлс Буковски, а јас сè уште бев мала за Буковски. 

Катерина

Потрага по одговори, место наметнување лажни вистини

Професорот си го замислував како упориште каде што сите мои стравови и недоумици би наишле на појаснувања, а сите мои знаења и ставови би биле испрашувани и ревидирани. Од професорот не очекував да знае сè, но очекував, заедно со мене, да тргне во потрага по одговорот, место да ми „наметнува“ лажни вистини. Од професорот не очекував да биде идеален, но очекував место да биде подвижно его да ја прифати својата несовршеност и заедно со нас студентите да трага по вистината. Жал ми е што ќе кажам дека од моето искуство, одвај неколку професори се имаат доближено до ваквата слика на вистински професор, а во текот на моите студии ми предавале доктори, магистри и професори. Мојата груба перцепција е дека нивото на одговорност кај овие личности често оди обратнопропорционално со висината на нивната титула. Но, сепак, имаше еден професор што достоинствено се носеше со својата професија. Авторитет што ја исполнуваше училницата со својата енергија и знаење. Дисциплина, креативност и брутална искреност поради која и многу од професорите го озборуваат. Предавања на кои ретко кој од нас можеше да му се спротивстави со сопствено мислење. Секое предавање кај овој професор беше толку длабоко и темелно обработено и притоа поинакво од претходното. Голем визионер, морам да признаам, а секоја чест и за објективноста – ниту доза пристрасност.

Кате

Суптилен начин на воспитување „загубена“ генерација

Имав еден професор што имаше многу чудни методи на работа – се разликуваше од сите други и по самата појава, одот, говорењето, гестикулациите, да не зборуваме за предавањата. Тие секогаш беа проткаени со чудни шеги, кои често не ги разбиравме. Се случуваше да дојде на час со торта, балони, некакво изненадување, што нè правеше сите среќни и овозможуваше излез од таа секојдневна рутина, која нè убиваше во поим. Мислам дека ова беше една од работите што најмногу влијаеше на конструирање на тоа што сум денес. Проникливите досетки што ги кажуваше на почеток и на крајот од часот влијаеја позитивно на тие што ги разбираа – често се наоѓав дома, по училиште, „обесен“ на „Гугл“, пробувајќи да најдам некој цитат кажан на час. Суптилниот начин на воспитување една генерација „загубени“ деца, со правење огромна жртва, е тоа што ме восхитува. Со тоа што отскокнуваше од „пропишаните норми“ на однесување, не беше прифатен од повеќето ученици, не им беше јасна неговата вистинска цел, не го разбираа. Не можам да кажам дека јас сум  го „решил“ како личност, дека знам што значел точно секој потег, но мислам дека суштината на неговото залагање ја разбрав уште тогаш. Ова многу ми помогна во натамошниот развој како личност; согледав дека некои работи, кои отпрвин изгледаат, би се осмелил да кажам, глупаво, всушност се сосема спротивното. Често ни велеше дека не го интересираме како личности, дека тој се залага само за подобрување на нашиот образовниот аспект, но ова, според мене, беше само една тактика за да  ја задржи дистанцијата, која му помагаше да влијае на нас како личности. 

Андреј

Губење на колективната поврзаност и емпатија

Случајност или не, секогаш учев во класови што брзо добиваа репутација „најдобри”. Тие што ги мрази цела генерација, а ги обожава цел професорски колегиум. Меѓутоа ние толку бевме заглавени во рутината наложена од самата атмосфера во една таква заедница, што за впечатокот што сме го оставале наоколу дознавав дури откако ќе преминев во нова фаза на моето образование, кога ќе дојдеше време за прегрупирање на учениците. Сè уште не сум сигурна дали таа изолираност била благослов или хендикеп. Целиот тој стремеж кон совршеност нè држеше фокусирани над книга, не дозволувајќи да залутаме по неизвесни и опасни патишта. Меѓутоа, осакати една друга страна на нашите личности. Во такви перфекционистички средини каде што се мислеше само на тоа параграфите на дневникот да се навезени само со највисоки оценки се губеше секаква колективна поврзаност и емпатија. Самата јас не можам да си поверувам колку пати имам добивано екстра-поени на сметка на мој соученик, кој не се подготвил доволно добро за одговор, па сум користела ситуација да грабнам јавна пофалба или оценка плус. Самите по себе, таквите чинови не се толку невообичаени и девијантни за деца, сите имаме вроден натпреварувачки инстинкт, меѓутоа фаворизирањето на таквото однесување од страна на професорите ѝ дава една опасна димензија на таа социјална појава. 

Јоки

Аналитичност, дисциплина и солидарност

Вера Димова, професорката по историја, на начин својствен за неа, нè научи на солидарност. Кога доаѓаше време за испрашување, таа не испрашуваше. Ќе нѐ издвоеше во три групи – тие што претендираат за петка, во една група, другите што мислеа дека знаат за четворка, во втора група и тие што би биле задоволни со тројка, во трета група. „Четворките“ им поставуваа прашања на „тројките“, а „петките“ дополнуваа, или ги даваа точните одговори, ако некој не го знаеше одговорот на прашањето. Каде би била тука солидарноста? Во изборот на прашањата, во дополнувањето, свесно или потсвесно, внимававме да им помогнеме на другарчињата. Димова многу добро знаеше да го процени и оцени другарството.

Тоа би биле уките што сум ги добила од мојата наставничка – аналитичност, дисциплина и солидарност. Другото беше лесно.

Гордана

Почит кон различноста

Мојата професорка по македонски јазик беше прекрасна класна. Во периоди кога се издвојував од мојот клас, почнував да се оддалечувам и однесувам негативно кон дотогашните другари, таа секогаш ми даваше до знаење дека е тука  да ме поддржи и да ми помогне во сè што ми е потребно. Едно време почнав да се пронаоѓам во одреден стил и се дистанцирав од пријателите што не припаѓаа во таа група, иако претходно истите луѓе ми беа блиски другари. Класната, иако никогаш тоа експлицитно не ми го кажа или наметна, имаше клучна улога да сфатам дека не е потребно да си ист, или да припаѓаш во ист стил за да изградиш друштво и пријателство, или, пак, на кој било друг начин да се зближиш со одредена личност. 

Еда

Кои се вашите најврежани приказни од школските денови?

Илустрации: Ивана Лазовска

(Се потсетуваме на содржини на „Лице в лице“ кои се актуелни и денес. Текстот е оригинално објавен во 18. број на „Лице в лице“)

Напишете коментар