Актуелно

Јас сум следната Росица си помислив, а во МВР ми рекоа – Господ нека ти е на помош!

Ме нападна на улица. Ликот му беше изобличен, исто како последниот пат кога ме претепа до непрепознатливост. Си помислив „Готово, јас сум следната Росица!“ Партнерот ми помогна да се извлечам и со возило веднаш отидовме да пријавиме во МВР, вознемирено изјави В. И кога дојде во нашата редакција изминатава недела.
Го објавуваме сведоштвото на В.И, која беше дел од програмата Социјално менторство на „Паблик“. Преку оваа програма, таа се вработи, се зајакна, ги надмина трауматичните искуства со семејно насилство и стана задоволна од животот… Сè додека не го пресретна поранешниот сопруг на улица во Скопје.

Дури давала изјава во полиција, добивала телефонски закани од сторителот.

– Ми се закануваше дека до вечер нема да бидам жива. Полицискиот службеник го слушаше разговорот. Поранешниот сопруг кажа дека ме чека надвор. Кога го прашав полицаецот како сега да излезам надвор за да појдам таму каде што ме препрати, ми рече „Ваљда нема да се тепате пред полициска станица“. Му одговорив дека се плашам да не извади пиштол и да ме убие на лице место. Одговорот беше „Господ нека ви е на помош“.  

Веднаш се обративме и до МВР, за информации во однос на протоколот за постапување во дадената ситуација. До моментот на објавата денеска, не добивме повратен одговор.

В.И сподели и за реакцијата на Центарот за социјална работа (ЦСР).

– Со социјалниот работник разговаравме телефонски. Тој горе во својата канцеларија, јас долу, на портирница во Центарот. Ми рече дека не може да ме прими и дека кај нив веќе бил мојот поранешен сопруг. Ме замоли да чекам термин за прием. Знаев дека морам нешто да направам. Преку познат, побарав на социјалниот работник да му се објасни дека случајот е итен. По неколку дена ме повика социјалниот работник и ми закажа средба дури три дена подоцна од моментот на јавувањето. Веќе беше помината цела недела откако првпат отидов да пријавам – објаснува В.И.

Кога таа се појавила повторно во Центарот за социјална работа, била пречекана, како што кажа, со дрско и арогантно однесување од страна на социјалниот работник.

– Откако ја сослуша целата ситуација, односот на социјалниот работник се смени. Морам да потенцирам дека потоа беше постапено правилно: беше изготвен безбедносен план и поднесено барање за изрекување мерки за заштита. Меѓутоа, постапката за одобрување на тие мерки сè уште трае. Во моментов немам никаква заштита – нагласи жртвата.

Се обративме и до ЦСР и од таму ни објаснија дека согласно Закон, а со давање на согласност од страна на жртвата, Центарот поднесува барање до надлежниот суд кој по спроведена постапка и по нивна процена изготвува решение.

– Во случаи кога постојат директни закани по животот и безбедноста на жртвата центарот постапува мултисекторски, а безбедноста ја спроведува Министерството за внатрешни работи преку соодветна пријава- посочуваат од ЦСР.

И покрај постоењето на закони, одредени постапки и протоколи кои треба да се спроведат, сепак жртвата останува незаштитена иако пријавува во надллежните институции.

Побаравме појаснувања и од адвокатката Неда Чаловска – Димовска, која нè информираше дека во ваква ситуација, најпрво треба да се направи проценка на ризик согласно Правилникот за начинот на проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата, кој е донесен уште во 2021 година и полициските службеници мора да го следат.

Таа посочи дека иако законската рамка е прилично јасна, сепак тоа што недостасува во одредени случаи е должното внимание од страна на институциите, итната реакција и координираниот пристап на институциите

Напишете коментар