Montparnasse: кога електронската музика и креативната сцена оживуваат на уникатни локации во Македонија
Креативноста се раѓа од слободна мисла, емоција и стремеж кон убавото. Младиот креативец Дарко Јованоски, заедно со своите пријатели го создава „Montparnasse“, необичен спој на електронска музика и културно наследство. Нивните идеи се претвораат во дела каде електронската музика добива нови сцени – на Саат Кула во Кратово, на Китино Кале во Кичево, на Илинска планина итн.
„Montparnasse“ е колектив кој ја претвора идејата во акција, не само на хартија, туку во реалниот живот. Настанало кога од група пријатели, што веќе долго време создаваат заедно, одлучиле да направат нешто поинакво, во што сите ќе уживаат.
– Наместо да чекаме нешто да се случи, решивме самите да почнеме да ги правиме настаните што би сакале да ги доживееме. Од почеток идејата ни беше да ја извадиме музиката и уметноста надвор од класичните простори и да ги споиме со места што сами по себе се фасцинантни. За нас, „Montparnasse“ е заедничка авантура на музичари, диџеи, дизајнери, фотографи, визуелни артисти и креативци кои сакаат да експериментираат со нови идеи. Она што нè движи е љубопитноста и желбата да создадеме нешто искрено, забавно и инспиративно. Креативноста е најсилна кога се споделува, па затоа сакаме „Montparnasse“ да биде место кое поврзува луѓе и носи чувство на слобода и заедништво – вели Јовановски.
Во продолжение, целосното интервју со него.
Споделете со нас како го гледате развојот на музичката и пошироката креативна сцена во Македонија.
– Кога зборувам за музичката сцена во Македонија, искрено верувам дека во последните години таа станува сè подинамична и е водена од силен ентузијазам. Се појавуваат артисти со автентичен звук кои не се плашат да бараат сопствен јазик и израз. Тоа е огромен напредок и знак дека нешто се менува. Но реалноста е дека, зад таа енергија, сè уште стојат сериозни структурни проблеми. Недостатокот на сцени, минималната финансиска поддршка и слабата инфраструктура често ги сопираат тие иницијативи уште на почеток. Генерално, на музичката сцена ѝ недостасува развиена инфраструктура, затоа што таа не се состои само од изведувачи, туку и од клубови, фестивали, државни институции, издавачки куќи, букинг агенти, промотори, менаџери… Ова е мрежа што треба да функционира заедно. Ако тоа се поврзе и синхронизира, сцената би можела значително побрзо да се развива и би се изградила поголема публика, која ќе биде повеќе насочена кон слушање и поддржување на домашната музика и домашните изведувачи.

Истото нешто важи и за пошироката креативна сцена. И таму има многу енергија, и се појавуваат нови иницијативи, особено во независниот сектор, но проблемите се слични. Недостасува континуирана институционална поддршка, услови за долгорочна одржливост (особено културни центри или простори), поголема вмреженост меѓу уметниците и организациите.
Недостатоците ни се добро познати на сите што сме инволвирани на било кој начин. Но, наместо секогаш да се вртиме околу тоа, треба да си даваме повеќе поддршка, да соработуваме попрофесионално и да делуваме со искрени намери. Повеќе да ставиме фокус на заедничкиот интерес, а не на индивидуалниот престиж. Само така може да се надмине фрагментираноста и да се развие сцена што ќе биде силна локално и интернационално препознатлива и ќе инспирира нови генерации да создаваат.
Вашите настани често се одржуваат на необични, извонредни локации. Како ја поврзувате локацијата со музиката?
– За нас местото каде што се одржува настанот е исто толку важно колку и музиката. Од самиот почеток сакавме настаните/проектите да ги носиме надвор од клубовите и да ги врземе со места кои сами по себе имаат автентична атмосфера и приказна. Затоа до сега организиравме неколку настани во село Ехлоец, на Илинска планина, на планината Илиница кај Кичево, на Китино Кале во Кичево, Саат Кула во Кратово, на бреговите на Охридско Езеро… Ова се прекрасни места кои за момент се претворија во најубавата сцена која можевме да си ја замислиме. Има нешто посебно во тоа кога музиката се слуша на планина или покрај езеро. Доживувањето станува поавтентично, поинтимно, а истовремено и поголемо поради самата природа што ја опкружува.
Секако, ваквиот избор на локации доаѓа и со свои предизвици. Понекогаш местата се тешко достапни, нема струја или пак техничките услови не дозволуваат сè да изгледа баш како што сме замислиле. Има и проекти што не стигнале до крај, ама тоа го гледаме како дел од учењето. Со секој нов настан стануваме поискусни и пофлексибилни во решавањето проблеми. На крај, чувството е како да ја враќаш музиката таму каде што природно ѝ припаѓа, меѓу луѓето, во природата, на места што сами по себе раскажуваат приказна.


Кoja е вашата лична позадина? Кое животно или професионално искуство ве насочи кон ваков креативен потег?
– Љубопитноста ме насочува да бидам во некаков креативен процес. Нема некој голем момент или пресвртница. Едноставно, низ годините природно се случуваше да бидам дел од различни проекти и иницијативи што имаа врска со уметноста. Прво беше музиката, која сè уште е важен дел од мојот живот. Со текот на времето тоа водеше кон други искуства, од организација на настани, фестивали, изложби… По образование сум историчар на уметност, а професионално работам како графички дизајнер. Сите тие нешта некако природно се надоврзуваа едно на друго и ме научија како функционира креативната сцена, со сите убавини и предизвици што ги носи.
И луѓето со кои го формиравме „Montparnasse“ се со слични искуства. Музичари, диџеи, продуценти, фотографи, сниматели, дизајнери, маркетери кои ја делат истата љубов кон создавањето и креативноста. Едни со други сме пријатели повеќе од 15 години и низ годините се развивавме заедно преку продуцирање и реализирање идеи. Убаво е кога си опкружен со луѓе што постојано сакаат да создаваат. Уште подобро е чувството кога гледаш дека тоа што го правите има смисла и е добро прифатено. И за нас тоа е можеби најголемиот двигател.
Што може да очекуваме во иднина, кои се вашите следни настани?
– Во иднина сакаме „Montparnasse“ уште повеќе да се развива како отворена платформа каде што различни уметнички дисциплини се среќаваат и надополнуваат. Планот е да продолжиме да организираме настани на уникатни локации кои ќе се претворат во сцени кои ја комбинираат музиката со театар, визуелна уметност, филм, литература. Сакаме креативците со сите свои знаења, вештини, желби и идеи да ѝ понудат на публиката нови искуства.
Моментално работиме на нов проект и паралелно ја завршуваме пост-продукцијата од последниот настан во Ехлоец. Поголем фокус во иднина сакаме да ставиме на вмрежување со колективи и артисти од домашната и интернационалната сцена. Преку тие соработки можеме да придонесеме повеќе за промоција на нашите автори, но и за претставување на природата, културното наследство и уникатните места што ги вклучуваме во нашите проекти. Кога различни креативни екипи се обединуваат околу заедничка идеја, ефектот секогаш е поголем и на сцената, и во заедницата.
Фотографии: „Montparnasse“
- Montparnasse: кога електронската музика и креативната сцена оживуваат на уникатни локации во Македонија
- Иднината е циркуларна: како иновациите и креативните индустрии ја трансформираат економијата
- Сали Ертунч: Културата им припаѓа на децата и на љубопитните, не на пазарот
- Од пасивни приматели до активни граѓани: силата на социјалното менторство во животите на корисниците на социјална помош
- Јас сум следната Росица си помислив, а во МВР ми рекоа – Господ нека ти е на помош!