Блог

Од поглед до емоција: акварелот како јазик на душата во „Seen & Felt“

Да се живее уметничкиот „филм“ е едно од најкомплексните, но и најхрабрите, искрени потези кој еден човек може да ги направи. Уметноста пак, ни овозможува да осознаеме светови кои на ниеден друг начин не би можеле да ги допреме. Таа ни дозволува да создаваме без граници, чувствата да добиваат форма, а мислите слободно да летаат. Таа нуди дом на сите оние зборови кои не можат толку лесно да се изговорат. Оти, ние не треба да сме сфатени од сите, туку да бидеме верни на самите себе.

Текст и уметнички дела: Кристина Таневска (Инстаграм Профил)

Сакам да бидам дом за себе, не музеј од сеќавања на луѓе што никогаш не прашаа што има зад ѕидовите.

Потребата за искреност ме понесе да го создадам делото „Seen & Felt“. Мојот израз е врзан со акварелот кој е медиум кој, како и емоциите, тече, се разлева, исчезнува и повторно се појавува. Акварелот не дозволува целосна контрола, туку едноставно, бара доверба. Со секој потег учиме дека несовршеноста е дозволена. Така го градев ова дело, оставајќи водата да зборува таму каде што јас не можам. Ова е серија на човечки очи – најискрените сведоци кои ги носиме со себе и во себе. Погледот раскажува приказни без ниту еден збор.

Очите не лажат – тие се растопуваат, се замаглуваат, расцутуваат, исто како и акварелот.

Оваа колекција е покана за гледање – ама не само со очи, туку и со чувството кое се крие зад нив.

Ова е потсетник дека уметноста не постои само за да биде убава, туку за да не поттикне, да нè предизвика, да нè соедини.
Сакам да ги охрабрам младите, а и повозрасните, да ѝ дозволат на уметноста повторно да стане наш глас, лек и простор за слобода. Да гледаме подлабоко, да гледаме зад очите, зад срцето, да чувствуваме похрабро. И најважно, да си дозволиме да бидеме видени и почувствувани.

Не ми треба бучава
за да знам дека постојам.
Сега дишам многу бавно,
со срце што не се извинува
што чука различно.

На младите им посакувам да создаваат, не за да бидат ,,добри” уметници, туку за да се почувствуваат живи. На возрасните ќе им речам да не ,,забораваат” дека некогаш и тие сонувале, и покрај тоа што времето ве научило да бидете разумни, знам дека душата сè уште копнее да создава и да биде искрена. Дали ѝ дозволувате?

Уметноста не е возраст. Не е статус, ниту професија. Таа е човечка потреба, да видиш, да изразиш, да почувствуваш. Преку ова дело научив да дишам побавно. Да го слушам срцето без да му се извинувам што чука поинаку. Да си дозволам да бидам цела, чувствителна, човечна.

Напишете коментар