Вертикални форми на населување на градот Велес
Под визија на шест млади архитекти, ја создадовме архитектонската изложба „Вертикални форми на населување на градот Велес“, каде преку 3Д модели, макети, фотографии, технички цртежи од објекти за домување или кули, стари велешки куќи и Градската саат кула, ја претставивме приказната на градот Велес.
Пишува: Теодора Стеваноска
Визуелна и истражувачка хроника на велешките кули — вертикалните форми на живеење во градот Велес, анализирани и прикажани преку два аспекти со помош на 3D модели беше во фокусот на поставка која ја поставија шест млади архитекти во Велес минатиов месец во Ликовниот салон на градот.
Првиот аспект се однесува на формата на кулите, при што се издвоени 13 различни морфолошки решенија, од вкупно 21 вертикална станбена доминанта во градот. Тие се прикажани со транспарентен, продорен материјал чија форма се претопува во околината, нагласувајќи го протокот на светлина и леснотијата на архитектонскиот концепт на кулата за живеење. Вториот аспект го претставува конструктивниот систем на истите 13 кули, изведен со бел, полн материјал кој ја симболизира јасната и цврста структура — скелетот на формата.



Блесокот на макетите има симболична улога — да ја осветли суштината на велешките вертикали, не само како просторни артефакти, туку и како значајни инженерски и конструктивни достигнувања од втората половина на 20-тиот век. Во позадината на изложбата беа поставени фотографии од постојната состојба на кулите, заедно со нивни реинтерпретации во хартиени модели, преку кои посетителите можеа да ја следат трансформацијата на домувањето во височина — од инженерски иновации до симболи на урбаниот живот. Изложбата ги поврзува различните периоди и стилови на домување — од куќата на Касапови, која ја опиша архитектот Душан Грабријан како „куќа што лебди“, преку Жаба-зградата на Херман Јоже, првата станбена кула во Македонија надвор од Скопје, па сè до Зградата ХИВ и кулата кај Мостот на Гемиџиите, кои ја означуваат индустриската модерност на 1970-тите години.
Како професионалци, она што нè водеше додека го работевме проектот, е истражувачкиот ентузијазам, додека посетителите на изложбата ги водеше колективна љубопитност. Разгледувајќи ги макетите, заеднички ги откриваа вредностите и приказните на подзаборавените велешки кули, кои повторно оживуваат како симболи на архитектонска и културна меморија на градот.

Вертикалните форми како типологија на домување ги гледам како инспиративен и функционален облик на урбано домување, кој овозможува рационално искористување на ограничениот градски простор, а истовремено создава интересна и динамична силуета на градот.
Вертикалите нудат интеграција на различни нивоа на приватен и заеднички простор, овозможувајќи создавање на живи и раздвижени заедници во урбан контекст. Тие се истовремено симбол на модерност и инженерска иновација, но и културно-архитектонска вредност, која ги обединува минатото и сегашноста на градот. Според мене, ваквиот тип на домување е перспективен за иднината, бидејќи нуди ефикасност, естетика и урбана препознатливост.
Континуитетот на велешката вертикалност е прикажан не само како материјален, туку и како симболичен аспект на градот. Изложбата ги реафирмира станбените кули како значајни елементи на градската силуета, кои заслужуваат конструктивно-обликовна санација и нова улога во современиот урбан контекст.

Проектот е дело на тим архитекти: Марија Петрова – Фафа, Сара Јованоска, Теодора Стеваноска, Ахмед Пошка, Горан Трајановски, Кирил Кочоски, Ангела Петроска и Дејан Јанев.
- Вертикални форми на населување на градот Велес
- Извидничкиот одред „Еквинокс Скаут“ – Штип доби општинска награда „8-ми Ноември“
- Одржливиот избор е кул – „Yes for less“ организира саем на еколошки бизниси во рамки на Skopje Design Week
- Секое утро излегувам со насмевка – оваа работа ми е егзистенција
- Ако сакаш брзо, оди сам, ако сакаш далеку – оди со некого