Аха, сигурно ќе ми најде работа!
Деветнаесетгодишниот Јане почнува да работи во интернет-кафе, каде што за брзо време склучува договор со претходниот сопственик. Го откупува локалот, го проширува, инвестира во него. Станува сопственик на интернет-кафе за игри на интернет. Но, и не само тоа. Тој, во својата понуда, сега го издава локалот за родендени и за други детски забави. Продадениот термин секојдневно создава нови приходи.
Ваквите промени кај ова 19-годишно момче се резултат на фазите на програмата за менторство за работна интеграција, низ кои поминуваше заедно со неговата менторка Сандра Крстевска-Саревска
Анета Ристеска
Јане е 19-годишно момче што доаѓа од многудетно семејство и кое, за разлика од своите врсници, прилично рано решава да почне да работи нешто сам. Иако е напорно, тој е подготвен да го оди патот и да си создава егзистенција.
Но, до оваа одлука доаѓа заедно со неговата главна поддршка, менторката за работна интеграција Сандра Крстевска-Саревска.
Пред средбата и заедничката работа тој, како тазе завршен средношколец, нема никакви работни навики. Цел ден спие, а ноќе игра игри на интернет.
Неговата мајка дури била и загрижена што поминува многу време дома и не излегува.
Токму таа била иницијатор Јане да се приклучи во програмата за менторство за работна интеграција, како начин да го извлече од состојбата на апатија, неактивност, нерасположеност.
Менторка за работна интеграција – создавач на можности
– На почетокот беше изненаден зошто го прашувам кои се неговите интереси, што е тоа што сака да го прави, што би можел да работи. Му се чинеше збунувачки тоа што пристапот не беше убедување: „Ајде, ова ќе го работиш сега затоа што тука има отворено работно место“, туку беше прашан што сака да работи, што би го правело среќен. Без тон на принуда, ниту однос дека некој повозрасен треба да му каже што да прави. Јане имаше многу работи да каже, а јас слушав што го исполнува – раскажува Саревска-Крстевска за почетокот на процесот на менторска работа.
Тој за првпат бил вистински слушнат што сака да работи.
– Покажа голема самостојност во донесувањето одлуки, а, јас, како негова менторка, бев како рамноправен партнер што му ги отвора опциите, можностите што не ги гледаше, а кои беа тука. Вклучително и пречките што требаше да се надминуваат – вели Сандра.
Токму овој процес на будење на интересите, но придружен со активност и иницијативност, за кратко време влијаеле да се појави еден нов Јане. Посветен, одговорен, предаден на работата, која, во суштина, е тесно поврзана и со неговото поранешно хоби. Промените ги забележуваат и неговите блиски.
Јане почнува да работи во интернет-кафе, каде што за брзо време склучува договор со претходниот сопственик. Го откупува локалот, го проширува, инвестира во него. Станува сопственик на интернет-кафе за игри на интернет. Но, и не само тоа. Тој во својата понуда, сега го издава локалот за родендени и за други детски забави. Продадениот термин секојдневно создава нови приходи.
Претприемачкиот дух станува сè позабележлив
Крстевска-Саревска вели дека уште кога го слушала како зборува за своите интереси, знаела дека прва појдовна точка треба да биде помислата: ангажманот треба да е поврзан со компјутери.
– На предлогот за продажба преку интернет, изработка на веб-страници, графички дизајн – наидов на отпор. По некое мое истражување што би му одговарало најдобро за работа, прво дојдов до идеја дека може да им помага на децата во приклучувањето на игри во интернет-кафе. Првиот месец, кога почна, беше навистина тешко да се создадат работните навики. Станување навреме, секојдневно одење во смени, приспособувањето на работното место, градење однос со работодавецот. Но, по еден месец на работното место, Јане сам почнува да дава идеи за тоа како може да се подобри работата во интернет-кафето – раскажува Крстевска-Саревска.
Претприемачкиот дух станува сè позабележлив, а промените сè поприсутни. Станува посветен, одговорен, предаден на работата.
– Почнав сè повеќе да го охрабрувам да биде гласен и јасен во своите идеи. Заедно ги разгледувавме и донесувавме одлуки што е можно да се реализира, а за што е потребно повеќе време. Што носи приход, а што не. Низ целиот овој процес, тој самиот дојде до идеја дека може да си отвори игротека за деца, ама за игри на интернет. Јане го откупи локалот од својот сопственик, вложи средства во бизнисот, направи трансформација на кафулето. И сега, од место со 10 деца, направи атрактивен простор за собирање и на средношколци, но и место за прослава на родендени за деца од основно образование – открива Сандра.
Наоѓањето соодветна работа за Јане било вистински предизвик. Зашто било важно да го интересира, но и да го задржи неговото внимание, да ги здобие потребните работни навики, но и да дојдат до израз неговите скриени потенцијали и способности.
– Од едно неактивно момче што седи дома цело време затворено, без приходи и без работни навики, сега Јане е посветено момче, кое гледа напред. Гледа како да вложи повеќе во себе, како да се подобри. Пронаоѓа начини како да го подобри својот бизнис, остварува соработка со сите што се потребни за неговото успешно работење – од сметководителот за неговата компанија – па до снабдувачот за пијалаци во кафето, изработка на покани за роденден и слично – раскажува Крстевска-Саревска и нагласува дека се чувствува исполнето што веќе во неговата работа гледа потенцијално бизнис-јадро, кое може да даде поддршка и на други лица.
„Биди јасен и гласен“
„Што ќе правиш?“, „Само пред компјутер седиш“, „Кога ќе почнеш да работиш?“, „Што мислиш да правиш во животот?“
Ова биле иницијалните прашања што го поместиле Јане од неговата комфорна зона и решил да го прифати предлогот од мајка му да се приклучи на програмата за менторство за работна интеграција.
– Прво што си помислив беше: „Аха, сигурно ќе ми најде работа“. Ама, во тоа наше прво седнување со менторката јас не бев некој што ништо не работи и денгуби на компјутер. Кога ѝ кажав што правам по цел ден и како ми поминува времето, таа почна со муабетот: „Ајде, да видиме дали ова може да го искористиме во нашата намера“. Првпат некој да ми каже: „А, ти, што мислиш?“. Не влезе во разговорот со: „Вака е подобро“, туку ја интересираше што мислам јас, и со неа дојдов до 101 начин сам да си поставам некои прашања и сам да си дадам одговор. Сè со цел да стигнам до избор и одлука зад кои ќе стојам, ќе бидам одговорен. Ми значеше што имав некој што беше до мене. Сега имам и поголема самодоверба, знам дека можам – раскажува Јане од своја перспектива за патот до работното, но и претприемачко ангажирање и за улогата на менторката Сандра во неговите промени.
За крај, го прашавме ова 19-годишно момче како се чувствува сега на работното место. Не го крие задоволството од придобивките за кои и сам е заслужен. Зборува и за средината, за блиските, за опкружувањето, кои ја прифатија неговата одлука за самостоен бизнис.
– Среќен сум. Прво не ми веруваа кога им кажав дека сакам сам да почнам. Требаше време да се убедиме, ама цело време го повторував тоа што ме учеше менторката Сандра: „Биди јасен и гласен“. Мајка ми беше таа што прва ми помогна откако ја донесов одлуката. Ми вика: „Не можам да те препознам во зборувањето. Знаеш точно што сакаш и се бориш за тоа“. Слободно можам да кажам дека мојот живот прилично се промени. На подобро – вели Јане.
Но, дејствувањата не застануваат тука. Постојат и нови идеи, следни планови.
– Сакам да се проширам. Имам замисли за нови вложувања, ама не брзам. Пополека, едно по едно, па се надевам, со време, на уште еден локал – открива Јане.
(Името на лицето е променето со цел заштита на идентитетот).
Еден коментар на “Аха, сигурно ќе ми најде работа!”