Ај не биди ѓубре!
Граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ е вистински индикатор дека секој од нас има моќ и одговорност да посочува аномалии, ама на еден афирмативен начин. Не покажува само со прст, туку покажува „како“, наспроти заразата со клик-револуционерство во Македонија
Си беше еднаш една група млади луѓе, кои решија да ја заметат неодговорноста на системот, неговата зачмаеност, инертност, заедно со ѓубрето пикнато под чергиче, покрај канта, околу контејнерите…
Не, не е приказна. Овие млади луѓе, навистина, постојат и со метли и ставови ѝ пркосат на поплавата од отпад и од неажурност во нашето опкружување. Мотивираат, поттикнуваат и ни покажуваат дека кога ѓубрето ќе го исфрлиме од дома – тоа не исчезнува од лицето на земјата. Постои! Сѐ додека за него не се погрижиме соодветно!
И сѐ додека не ни помине во навика што ќе ја живееме, и нема да ѝ се восхитуваме како на некаков исклучок, туку ќе биде наш постојан императив, нема да ни биде добро!
За жал, во моментов сѐ уште го одиме тој пат, ама граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ направи џиновски чекори и ни покажа уште еднаш, по којзнае кој пат, дека успехот е тука, само со граѓанска свесност, будност, реакција, здружена со системската одговорност.
Колку верувате дека акцијата ќе влијае заразно и ќе ја менува свеста кај јавноста и кај институциите за одговорноста што треба да ја имаме и практикуваме? Чувствувате ли веќе некакви промени, ги прашувам членовите на оваа граѓанска неформална група.
Дваесет и седумгодишниот Ариан Јусуфи, сметководител по професија, вели дека тоа што со години сме сведоци на алармантното загадување и нечистотијата во градовите во кои живееме раѓа револт кај луѓето. Но, дека тој истиот е неопходно да се канализира во нешто продуктивно.
– Мораме и самите да преземеме нешто. „Не биди ѓубре“ е начин преку кој луѓето можат да се соберат, дружат и да придонесат нашата средина да биде барем малку подобра. Но, поентата на ова што го правиме е повеќе да ги потсетиме граѓаните што нѐ гледаат како работиме – да не фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат. Ако имаат отпад со нив и нема канта во близина, да го чуваат до најблиската канта и да не фрлаат кеси од трети кат. Акцијата влијае заразно, а тоа го имам видено со тоа што на местата каде што чистиме, понекогаш има и граѓани што сосема спонтано доаѓаат да ни помогнат. Во последно време имаме и поддршка од други иницијативи од други градови – појаснува Јусуфи.
Институциите оставаат впечаток дека решавањето на проблемите во врска со загадувањето е некаде на крајот на нивната листа на проблеми, за кои би требало да се преземе нешто побрзо.
– Затоа, оваа иницијатива има цел да изврши притисок на институциите дека треба да си ја завршат работата како што треба и да ги потсети дека данокот што го плаќа секој од нас е за да можат тие да направат конкретни позитивни работи за општеството. Засега, имам впечаток дека тие, еден куп советници што се вработуваат во нашите институции, најверојатно се советуваат меѓу себе што треба да се прави, а никако да се направи – додава Ариан.
За универзитетската професорка Катерина Колозова, целта на потфатите на „Не биди ѓубре“, пред сѐ, е да се подигне свеста на граѓаните за нивната сопствена одговорност за создавање и за одржување чиста и здрава животна средина, и тоа особено во урбаните подрачја.
– Чистењето претставува и перформанс за властите, кој има двојна улога – да ја разбуди нивната совест, потсетувајќи ги што е нивна работа и одговорност, и, исто така, да покаже дека ако се сака – сѐ се може. Имено, се побива постојаното правдање на новоизбраната локална власт дека не може да се зафати со своите дневни редовни обврски затоа што веќе една година „транзитира“ од „стариот кон новиот начин“ на управување. Со други зборови, покажува дека „царот е гол“: обврските се едноставни за спроведување, ако се сака, бидејќи активистите, во своето слободно време и без никаков буџет, го прават тоа за што локалните власти се платени да го работат. Ова е ужасно непријатно демаскирање на лагите на локалните власти и на челниците на нивните претпријатија. Движењето е масовно зелено движење од широки димензии, кое има способност да се шири како вирус и има хоризонтален принцип на организирање, сличен на пленумите од пред некоја година – објаснува Колозова.
„Не биди ѓубре“ според својот интензитет на случувања и енергијата што ја носи во поглед на мобилизирањето на граѓаните, се издвои како една од посилните граѓански иницијативи кај нас во последно време. Особено, затоа што сме сведоци дека граѓаните стануваат апатични во своите барања и настојувања, па тешко е понекогаш да зборуваме за вистинска граѓанска будност и за дејствување во насока на остварување на нивните права и бранење на тоа што сите нѐ засега.
Виктор Ристовски, правник и дел од оваа иницијатива, многу попрецизно ја дообјаснува ваквата констатација.
Вели „нашето граѓанство е исклучително успешно во мобилизирање, но почесто за целите на политикантскиот активизам“.
– Мнозина од македонските граѓани се поддржувачи на веќе создадена и сервирана политика, место да бидат учесници во создавањето на политиката. Скопје има регистрирано околу 700.000 жители. На нашите акции, кои имаат цел подигање на свеста за животната средина, присуствуваат 30 до 50 активисти. Тоа, практично, значи дека во активизмот за будење на свеста кај населението и кај институциите, во однос на животната средина, партиципираат 0,007 проценти од вкупниот број жители на главниот град. Среќа наша што Македонија не е само Скопје, па ѓубрето почна да нѐ буди насекаде. Струга, Охрид, Битола и Прилеп се разбудија преку разграноците на „Не биди ѓубре“, и уриваат рекорди во број на собрани вреќи полни со отпад. Има активности и најави за масовно будење на свеста во Тетово, Гевгелија, Штип и во Велес. Ми мириса на екореволуција – вели тој.
Во однос на прашањето за системот и неговата отвореност кон различните форми на прогресивен активизам, Ристовски вели дека тој сѐ уште важи за брутален и решителен кога се соочува со критика на своја кожа, но и дека „доволно сме силни да ја проголтаме целата бруталност во име на чистата околина“.
За Ива Апостолска, активистка, идеално би било кога не би морало воопшто да постојат вакви акции, односно кога екологијата би била на врвот на многу агенди.
– Ме радува континуитетот што успеваат да го одржат активностите за чистење. Сакам и морам да верувам дека овој процес, кој обединува многу различни граѓани на заедничка основа – идеал за подобри и почисти градови, ќе донесе позначајни и поодржливи промени во начинот на создавањето и на третирањето на отпадот, во граѓанска и во системско-институционална смисла – вели Апостолска.
Но, и таа, како и Ристовски, негува доза скептицизам за успешноста на сериозната и конзистентна граѓанската мобилизација за важни прашања. Највлијателен фактор за оваа генерална апатијата, вели таа, е што многу квалитетни иницијативи се „изгорени“ од затвореноста и од инертноста на нашиот општествен систем, независно од менувањето на политичките владејачки гарнитури:
– Системски гледано, многу предизвици, како и овој со отпадот, и општо – еколошката состојба на државата, остануваат едни од најжешките прашања, а воедно се и најмалку третирани. Но, ова не треба да биде толкувано како сигнал да се откажеме, туку само да ја препознаеме сегашната реалност и да продолжиме поорганизирано и похрабро со активностите – децидна е таа.
Сите членови на оваа граѓанска група се единствени во ставот дека ќе продолжат со „чистките“, со надеж дека ќе успеат да дотуркаат до тој стадиум каде што и самите ќе станат непотребни зашто веќе нема да има потреба од нив.
– И проекциите и плановите на нашата формација се сведуваат на една, можеби, во моментов неостварлива желба: да ја престигнеме Словенија. Некои ќе речат дека сме преамбициозни, но не гледам поента во поставувањето скромни цели само затоа што се полесно остварливи… Ние одиме со мали чекори, но и така се стигнува далеку. Имаме план да ни се придружуваат сѐ поголем број граѓани и тоа добро ни оди. Од ден на ден сме сѐ помногубројни и поразлични по структура. Би сакале да останеме во ваква цврста формација сѐ до моментот дури не се оформи најавената комунална полиција, која ќе се грижи за редот на нештата. Свесни сме дека тоа ќе потрае, но и подготвени, низ континуирана акција, да почекаме – вели актерката и еден од основачите на оваа граѓанска иницијатива, Ирена Ристиќ.
Да, „Не биди ѓубре“ е вистински индикатор дека граѓанинот ја има моќта и одговорноста да посочува аномалии, ама на еден афирмативен начин. Не покажува само со прст, туку покажува „како“, наспроти заразата со клик-револуционерство во Македонија.