Актуелно, Доза вести

Ајде да бидеме родители од акција!

Време на читање: 10 минути

Не е добро родителот да ги остварува своите желби и амбиции преку детето, туку е пожелно да му овозможи на детето да осознае кое е тоа самото и да му помогне да работи на остварување на својата цел. И додека мотивацијата извира од детето, стратегијата и водството се задача на родителот. Затоа ајде да не ги обвинуваме децата дека не се мотивирани, ајде да го преземеме нашиот дел од одговорноста и да водиме свесно и низ пример. Ајде да бидеме родители од акција и да одгледаме генерација што е доволно мотивирана да биде двигател на промени во општеството. Ако секое дете е мотивирано да го промени својот мал свет, замислете колкав ќе биде заедничкиот ефект на сите нас. Од нас зависи!

Кога бевме деца, на училиште имавме секакви оцени. Имаше неколку најдобри ученици со сите петки, уште неколку одлични со по некоја четворка, многу добри, добри, а имаше и повторувачи. Денес речиси сите се одлични и по некој многу добар. Добар и доволен речиси и да нема, а повторување одделение не постои како опција. Што се случи? Денешните деца се многу попаметни од нас? Веројатно, не. Истражувањата покажуваат спротивни податоци: денешните деца заостануваат во знаењата за три години во споредба со децата од пред 30 години (тоа е мојата генерација)!

Верувам дека одговорот на прашањето што се случи е повеќеслоен, дека има многу фактори во игра и цврсто верувам дека родителите се дефинитивно еден од нив. Меѓу родителите што ги среќавам има сè повеќе родители што се жалат дека мора да учат со своите деца, дека детето не седнува да учи или да пишува домашна задача без родителот. Секако дека на детето му треба помош во првите години од образованието, но денес има родители што учат со своите осмоодделенци или деветоодделенци. Се прашувам дали ќе продолжат да учат со нив и во средно или дури и на факултет?!

Трка по петки: улогата на родителот

Задачата на родителот е да му помогне на детето да се осамостои и да го води низ тој процес. Помошта е неопходна на почетокот додека детето не ги усвои вештините на учење, на организација на времето и на управување со задачите, но убаво е чекор по чекор да се намалува и да се сведе на поддршка само кога детето навистина не разбира нешто или не може да го усвои самостојно.

Се прашувам дали трката по петки е искрена желба на денешното дете водена од неговата амбиција и од интересот за добивање знаења или е желба водена од амбицијата на родителот. Дали заедничкото учење произлегува од потребите на детето или од желбата на родителот да има совршен ученик преку кој ќе проектира слика за себе како совршен родител и ќе го обликува детето за таа цел?

Не е реално да очекуваме дека сите деца имаат искрен интерес да ги изучуваат сите предмети подеднакво или дека сите имаат подеднаков капацитет за тоа. Разликите постојат и ќе постојат. Прашањето е како ќе се постави родителот и дали ќе се труди да ги открие и поддржи вистинските интереси кај детето или ќе ја турка својата агенда. Најчестиот одговор е дека петките се потребни за упис во саканото средно училиште, а потоа на саканиот факултет. И тоа е точно, така функционира системот кај нас, но вистинското прашање е дали детето има внатрешна или идентификувана мотивација да учи. Без внатрешна или идентификувана мотивација, резултатите ќе бидат краткорочни. Детето можеби ќе постигнува добри резултати додека работи со помош и под надзор на родителот или додека е под притисок, закани од казни и ветувања за награди. Штом ги снема тие надворешни мотиватори (страв или награда), резултатите ќе изостанат затоа што добиеното знаење на таков начин е површно.

Наместо да ја презема одговорноста за детското учење (став “Ако не сум јас, ништо нема да направи!”), пожелно е родителот да му ја препушти одговорноста за учењето на детето и да му помогне да изгради свој систем на учење (став “Верувам и знам дека можеш сам. Јас сум тука ако ти треба помош”). Обично проблемот со учењето не е во недостигот на способности кај детето, туку во отсуството на мотивација, искрена заинтересираност за учење. Со оглед дека успехот во учењето е комбинација на вештина и желба, главната задача на родителот е да му помогне на детето да развие внатрешна мотивација за учење и да ги развие вештините за учење кај детето.

Надворешните мотиватори, како казни и награди, може во некои случаи да ги поттикнат децата да остварат некои краткорочни цели, да го променат однесувањето или да развијат добри навики. Но, со нив се поттикнува соработка, не внатрешна мотивација што е потребна на долг рок, не внатрешен поттик со кој децата би се посветиле на нешто и би опстојале, би го развиле својот потенцијал и би презеле чекори за да го живеат животот што го посакуваат. Всушност, истражувањата покажуваат дека табелите со поени или последиците (што служат како надворешни мотиватори) го поткопуваат овој вид мотивација.

Мотивираното учење, од друга страна, има низа предности: ја зголемува истрајноста, ја подобрува концентрацијата, го зголемува задоволството од работата. Децата што имаат внатрешен поттик користат поразумни и поефикасни стратегии за учење и добиваат подобри оцени, а наученото останува подолго во нивната меморија.

Оттука, потребен е фокус на способностите на детето. Ако на детето нешто добро му оди, во која и да е област, убаво е да се охрабрува да го прави тоа и да поминува повеќе време на тоа. Не е добро истото да му се ускратува под закана или уцена заради учење други предмети во кое не е толку добро. Пожелно е детето да се поттикне да работи во тие области во кои е добро. Конечно, не е убаво родителот да ги остварува своите желби и амбиции преку детето, туку пожелно е да му овозможи на детето да осознае кое е тоа самото и да му помогне да работи на остварување на својата цел.

Зошто детето губи мотивација за учење?

Кога детето ќе изгуби мотивација за учење, може да помогне ако влеземе во неговиот свет и ја откриеме причината за неговото однесување. Најчесто немањето мотивација се должи на фактот што детето е принудено да прави нешто што не сака. Многу често истото тоа дете е многу мотивирано да прави работи што го интересираат. Со тоа што не учи, детето може сака да ви каже различни работи. Можеби сфатило дека добива ексклузивно внимание од вас само кога се работи за учење, па ја користи секоја можност да го добие таквото ваше неподелено внимание барајќи да учите со него. Или, неучењето може да го доживува како можност да ви докаже дека не може да го натерате. Во постојаната борба за моќ, неучењето се покажало како одлична можност да успее да ве победи. Друга причина може да биде тоа што чувствува преголем притисок од вас и условена љубов (став „Тебе ти се важни само оцените, не ти е гајле за мене“), што многу го боли, и неучењето е начин да ви ја возврати болката. Причина може да бидат и вашите превисоки очекувања што никако не успева да ги достигне. Детето почнува да се сомнева во сопствените способности и едноставно крева раце затоа што откажувањето е полесно отколку доживувањето постојани неуспеси. Секако, причина може да бидат и многу други лоши навики, како прекумерно гледање телевизија, присуство на социјалните мрежи или играње видеоигри.

Предуслови за развој на внатрешната мотивација кај детето

Односот на детето кон учењето се развива во семејството, уште пред да тргне детето во училиште, и во голема мера зависи од воспитувањето и од примерот и ставот на родителите кон учењето. Науката покажала дека мозокот функционира на тој начин што секогаш ги складира знаењата со посредство на доживеаните чувства. Ова значи дека сè што го поврзуваме со силни чувства (позитивни или негативни) останува подолго во меморијата. Добро би било овде да се запрашаме какви чувства доживува детето кога учи, дали учењето е поврзано со доминантно негативни или со доминантно позитивни чувства. Многу е веројатно дека учењето под притисок се врзува со негативни чувства. Одовде значи дека за да ја поттикнеме мотивацијата за учење, помага ако учењето го врземе со позитивни чувства. Знаењето што се поврзува со позитивна чувства останува во меморијата подолго време.

Науката, исто така, докажала дека топлите односи во семејството каде што детето се чувствува сакано и заштитено се најважна основа за здрав развој на мозокот, па и на системот за мотивација. За да функционира системот за мотивација, потребни се три елементи: интерес, признание од околината и самопочитување. Секој од нас сака да биде прифатен, сакан, да биде самостоен, да го добие вниманието и признанието од другите и оттука да изгради чувство на способност и на самопочитување. Во раните години од животот, општо, и од училиштниот живот, особено, задача на родителите е да овозможат услови детето да ги задоволи овие неопходни потреби.

Најновите истражувања од психологијата и невронауката, исто така, нудат „рецепт“ за развој на внатрешната мотивација, во кој главни состојки се: развоен ментален став; автономија, компетентност и поврзаност; оптимално ниво на допамин; и проток/внесеност.

За родителите ова значи дека:

– го фалат напорот, наместо исходот („Ти се восхитувам колку многу се потруди за овој тест“ наместо „Ти се восхитувам колку си паметен“);

– објаснуваат зошто некоја задача е важна и му даваат колку што е можно поголемо чувство на контрола и лична слобода на детето во спроведувањето на задачата, му помагаат на детето да развие чувство на компетентност („Навистина напорно работеше и се гордеам со тебе иако не ја доби оцената што ја сакаше. Јасно е дека се подобруваш и дека си поблиску до целта“) и поврзаност со безусловна љубов („Знам дека не ти се допаѓа ова. Знам дека напорно работеше. Ако ти треба помош за следниот пат, кажи ми. Те сакам без оглед на сè“ наместо постојано прекорување кога детето ќе добие ниска оцена, што му сигнализира дека љубовта е условена);

– го охрабруваат да работи напорно на она што го сака за да влезе во т.н. состојба на проток/внесеност, каде што се губи осет за времето, времето брзо поминува, а вниманието е целосно насочено и ангажирано, а детето не е под стрес. Ова го овозможува и високото ниво на допамин во таква состојба, што, пак, помага за подобро размислување и обработка на информациите. За да се дојде до оваа состојба на внесеност, потребни се задачи што се доволен предизвик за да не бидат здодевни, но и не се претешки за да предизвикаат стрес. На овој начин мозокот учи да ги поврзе насоченото внимание, вежбањето и напорната работа со интензивно задоволство. Тоа понатаму може да се пренесе и на други области на интерес.

Позитивна дисциплина како средство за поттикнување внатрешна мотивација

Алатките на позитивна дисциплина (ПД), метод на воспитување деца што се заснова врз достоинство и почит кон личноста на детето, помагаат за поттикнување на мотивацијата кај децата (всушност, кај сите со коишто се користат!) бидејќи се изградени токму имајќи ги предвид основните човекови потреби. Потпирајќи се врз учењата на Алфред Адлер и Рудолф Драјкурс, позитивна дисциплина се заснова на истите принципи што претставуваат основни градбени елементи на мотивацијата: разговор со почит, истовремено нежно и цврсто, задоволување на потребата за припадност и важност, влевање чувство на способност и давање моќ. Во позитивна дисциплина се избегнуваат надворешни мотиватори во форма на казни и награди и, наместо тоа, детето активно се вклучува во барање решенија преку поставување прашања, охрабрување, критичко мислење.

Тоа може да изгледа вака преку примена на основните принципи на позитивната дисциплина:

а. Родителот го преиспитува сопственото однесување и анализира дали не поминува доволно време со детето, па тоа е принудено да привлекува внимание со неучење; дали сака да држи сè под контрола и со тоа предизвикува отпор, судир и бунт кај детето; дали врши толку голем притисок што детето чувствува дека добива условена љубов и се одмаздува; дали има толку високи очекувања што детето е уверено дека не е способно. Ако одговорот на некое од овие прашања е ДА, родителот се труди да го промени своето однесување (принцип на ПД: разбирање на уверувањето што го поттикнува однесувањето, грешките се можност за учење).

б. Наместо да очекува детето да ги спроведе зборовите на дело, родителот ги спроведува своите зборови на дело нежно и цврсто. Го погледнува детето в очи и со одлучност и нежност, само со еден збор, кажува: „Домашната“. Ако детето се спротивставува, не влегува во борба за моќ, туку без збор, го гушка, се насмевнува или му намигнува и му покажува што треба да направи. Ако детето е мало, го фаќа за рака и без збор го носи на бирото (принцип на ПД: меѓусебно почитување).

в. Родителот искрено зборува за своите чувства: „Вознемирен/а сум и не ми се допаѓа кога гледам дека имаш време за сè освен за учење. Би сакал/а да посветиш повеќе време на учењето“ (принцип на ПД: ефективна комуникација).

г. Родителот бара решение заедно со детето. Прво го кажува проблемот од своја гледна точка, па му дава простор на детето да го претстави проблемот од негова гледна точка, без осуди, критики и држење лекции. Потоа заедно предлагаат решенија и избираат едно што им одговара на двајцата (принцип на ПД: фокус на решенија наместо на казни).

д. Родителот го остава детето да ги почувствува природните последици од неучењето (на пр. остава детето да добие лоши оцени) и ако детето не е задоволно од нив, покажува емпатија „Сосема разбирам како се чувствуваш. И јас не би била среќна да сум на твое место/И јас сум се чувствувала така.“ (без „Ти реков!“) (принцип на ПД: конекција пред корекција, грешките се можност за учење).

ѓ. Потоа родителот се впушта во разговор со детето со прашања „Што“ и „Како“ за да му помогне на детето да ги сфати причината и последицата и да смисли план за успех. На пр. „Како се чувствуваш поради тоа што се случи?“, „Што ти е тебе важно?/Што сакаш да правиш ти?/Кога си ти среќен/а?“, „Што би правел/а кога би имала магично стапче и би можел/а да правиш што сакаш?“, „Што ќе се случи сега или во иднина ако (не) го направиш тоа?“, „Во што си добар/а?“, „Која е твојата цел?“, „Каков план би можел/а да направиш за да ја исполниш целта?“ (принцип на ПД: љубопитност).

е. Родителот и детето заедно бараат решение. Прво заедно го дефинираат проблемот. Родителот кажува „Забележав дека во последно време не си многу посветен/а на учењето и не ги работиш домашните“ и му остава простор на детето да ја каже својата верзија на приказната, без да го осудува или да му држи лекции. Потоа нудат повеќе можни решенија, при што родителот прво го прашува детето да даде свое мислење за тоа што може да се поправи. Заедно избираат едно што се согласуваат да го тестираат и при тоа договараат што ќе прави детето, а што ќе прави родителот за да му помогне (принцип на ПД: фокус на решенија наместо на казни).

ж. Родителот му допушта на детето да го реши проблемот без премногу да се меша. Ова не значи дека родителот крева раце. Родителот јасно му става на знаење на детето дека е тука и дека детето може да побара помош или да се потпре на него во секое време ако е потребно. Но, родителот му ја препушта одговорноста за решавањето на проблемот на детето и не се меша. На пр. „Работата е во твои раце. Ако ти треба помош, тука сум.“ (принцип на ПД: охрабрување).

з. Родителот влева верба во детето: „Верувам во тебе. Знам дека знаеш што треба да направиш и верувам дека си способен/а да го направиш тоа што е потребно за да успееш“, „Забележав дека не се откажуваш кога ти е тешко“ (принцип на ПД: охрабрување).

ѕ. Родителот предводи со пример. Со сопственото однесување и љубов кон предизвици и неоткажување пред тешкотии, самиот тој дава модел што детето може да го следи (принцип на ПД: придонес).

Со ваквиот пристап родителот разговара со почит и кон себе и кон детето. Детето учи да преземе одговорност за своите проблеми. Учи и дека грешките се одлична можност за учење. Вклучено е во носењето одлуки, со што е помотивирано да се придржува до нив. Исто така, кога детето разбира зошто нешто е важно, поголеми се шансите да го направи тоа. Најважно од сè, учи важни животни вештини. Позитивна дисциплина помага да се развие автономијата кај детето, го учи детето да поставува цели и да го следи напредокот. Сите овие се предуслови за развој на внатрешна мотивација кај детето.

И додека мотивацијата извира од детето, стратегијата и водството се задача на родителот. Затоа ајде да не ги обвинуваме децата дека не се мотивирани, ајде да го преземеме нашиот дел од одговорноста и да водиме свесно и низ пример. Ајде да бидeме родители од акција и да одгледаме генерација што е доволно мотивирана да биде двигател на промени во општеството. Ако секое дете е мотивирано да го промени својот мал свет, замислете колкав ќе биде заедничкиот ефект на сите нас. Од нас зависи!

проф. д-р Соња Китановска-Кимовска

(Авторката е едукаторка за позитивна дисциплина, авторка на книгата „Разбуди го родителот во себе: како родителството да стане уживање“, основач на профилите „Родители од акција“, @roditeli.od.akcija и на веб-страниците www.roditeliodakcija.mk и www.pozitivnadisciplina.mk )

Photo: Freepik

Напишете коментар