Ако насловот е „нема да ви се верува“, обично не е за верување

Интернетот е ризница на непроценливи знаења и информации, но, исто така, и на еден куп лаги и измислици. Вештината е во тоа да се научи како да се разликуваат корисните од намерно заведувачките информации
Пелагија Стојанчова
Фотографии: Ирина Крстевска
Кога си 24 / 7 поврзан не е многу тешко да наидеш на навредливи, лажни или погрешни информации. Прашавме неколку средношколци од Кратово, гратче во североисточниот дел на Македонија, кога последен пат биле прелажани на интернет.
– Знам да кликнам на наслови како – „Нема да ви се верува“ или ексклузивна фотографија или видео, а кога ќе ја отворам страницата да има само стари фотографии или видеа за личноста за која се пишува или, пак, во текстот да нема ништо од тоа што го има во насловот
средношколец Никола Ефремовски.
Тој најчесто посетува страници за технологија и програмирање. Па бидејќи го интересира тоа, може да препознае фотографии што се дотерани или се создадени со помош на вештачка интелигенција.
Младите најчесто се информираат преку медиуми на интернет, а за класичните медиуми велат дека се извор на информации за возрасни.
-Се сомневам во тоа што ќе го прочитам, знам и да споредам од неколку извори или, ако ми треба нешто да го проверам на алатката „Чет Џи-Пи-Ти“ (ChatGPT), но и таму има лажни информации. Верувам дека можам да препознаам лажни вести, но не е дека не сум паднала на некој атрактивен наслов – вели средношколката Сара.
Статистиката покажува дека повеќе од 90 отсто од домаќинствата во Македонија имаат пристап до интернет, а 100 отсто млади од 15 до 24 години користат интернет секојдневно.
-Немам навика да го проверувам изворот или авторот на веста, а мислам дека можам да препознаам дали фотографијата е можеби лажна – вели средношколецот Горазд Ковачевски.
Тој им одолева на таканаречените наслови-јадица, а најмногу го интересираат спортските вести.
Бројот на жители во гратчето во кое живее – Кратово, во последните две децении се намалил за една третина, од 10 илјади на седум. За една третина е намален и бројот на ученици. Во градот има само еден локален медиум, а случувањата во малото место на стотина километри оддалечено од главниот град стигнуваат до националните медиумите само кога се работи за црна хроника или во емисиите за забава и кулинарство, кога се промовира кратовскиот специјалитет – пастрмалија.
Но, од тоа што се случува во другиот дел од земјата и во светот, младите во Кратово ги дели само еден клик.
Медиумската писменост се учи
За да можат да ја дознаат вистината и да им одолеат на лагите, потребно е младите да бидат медиумски писмени.
Медиумска писменост е кога можете да ја разберете пораката што ви се нуди, да разберете како може да влијае на вас, како сте ја нашле, кој ја направил. За добиените информации треба да се размислува критички и аналитички.
Но, медиумската писменост е процес што се учи, како што, на пример, се учи пишување или математика.
Што треба да ви ја запали црвената светилка кога ќе прочитате некој наслов?
Специјалистот за комуникации Бојан Кордалов вели дека младите треба да си го постават прашањето: Што ме привлече за да го читам ова?
Ако му се пристапи критички на ова прашање, вели тој, лесно може да се забележи дали некој манипулира со нашите чувства и стравови само за кликови или поради некоја друга цел.
Стручњакот за медиуми и комуникации Михајло Лахтов објаснува дека дезинформации се намерно ширење невистинити информации со цел некој поединец или група да се доведе во заблуда.
Фокусот е во намерата и затоа кога целта е намерно да се доведе некој во заблуда, едноставно, зборуваме за лаги – вели Лахтов.
Тој додава дека лажење постои откога постои човештвото, но за дезинформациите денес се зборува толку многу затоа што светот е целосно вмрежен, па новиот тип медиуми овозможуваат брзо размножување и пренесување со неверојатна брзина и на вестите и на дезинформациите до неверојатен број луѓе.
-Затоа се бараат начини како да се подготват луѓето да ги препознаат лагите и да се соочат со нив – вели Лахтов.
Како да се борите против дезинформациите
Во ноември 2024 година е објавена публикацијата „Не наседнувај на дезинформации“ изработена по барање на канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Северна Македонија. Истражувањето се однесува на сите, не само на младите. Повеќе од една половина, односно 54 проценти од испитаниците изјавиле дека често се соочуваат со дезинформации, а речиси една половина од нив (45 отсто), сметаат дека борбата против дезинформациите не е доволна.
Но медиумската писменост е повеќе од откривање лажни вести. Институтот за комуникациски студии (ИКС) неколку години наназад, со разни активности, им помага на ученици, училишта, институции, граѓански организации да ги користат медиумските платформи умно и критички. Со поддршка на ИКС, медиумската писменост се воведе и во високото образование на осум факултети.
Само во последните три години во овие активности се вклучени повеќе од 1.000 средношколци, студенти и други млади луѓе, а ИКС постојано соработува со 40 средни училишта.
По многубројни работилници и обуки, учесниците биле способни да ја анализираат вистинитоста на медиумските содржини, да разликуваат точни од погрешни информации, да проверуваат дополнителни извори за вестите и кога се погрешно информирани да направат нешто во врска со тоа – вели програмскиот координатор во ИКС, Дејан Андонов.
Новинарката Марија Митевска е дел од обуките за медиумска писменост. Посетила многу училишта и разговарала со стотици ученици во изминатите неколку години. Вели дека искуството ѝ покажало дека младите имаат проблем да препознаат лажни вести, особено сега кога се шират брзо на социјалните мрежи.
Воопшто не ја ни проверуваат веродостојноста на вестите. Но кај сите забележувам желба да научат како да препознаваат што е точна, а што погрешна информација и вест – вели таа, додавајќи дека им се потребни постојани обуки затоа што и технологијата постојано оди напред.
Една четвртина од младите се во критична зона на зависност од социјалните медиуми
Младите најчесто се информираат од социјалните мрежи, но не бараат вести, туку доаѓаат до нив барајќи нешто друго, покажува истражувањето на ИКС насловено „Поттикнување на граѓанскиот активизам на младите луѓе преку медиумско ангажирање“. За информацијата што ќе ја добијат најчесто разговараат со нивните пријатели или коментираат на социјалните мрежи. Сметаат дека во политичките вести често има дезинформации. Истражувањето покажало дека младите се зависни од социјални медиуми – дури една четвртина од испитаниците се наоѓаат во критичните нивоа на зависност.
Македонија на европското дно според медиумска писменост
Истражувањата покажале дека младите во земјава имаат поголем проблем да ја препознаат лагата од нивните врсници во Европа. Лахтов посочува дека Индексот на медиумска писменост, кој го подготвува Институтот за отворено општество од Софија, покажува дека земјите што имаат најквалитетно образование и висока медиумска слобода, како Финска, Данска и Норвешка имаат и највисоко ниво на медиумска писменост.
Македонија на оваа листа е на 39. место од 41 земја, со оценка 5 (1 е највисоката, а 5 најниската оцена во Индексот).
Кордалов се согласува со овие оценки и вели дека е неопходен фокус на образованието.
-Клучно е да разбереме дека кредата и сунѓерот, или содржините што беа според последен крик на технологијата пред 30 или 40 години денес се „кринџ“ за младите и не се воопшто дел од нивниот начин на комуникација, живот, добивање информации, учење – вели тој.
Каде да се обратите ако наидете на лажна вест или дезинформација?
Медиумската писменост како посебен предмет не се изучува во училиштата, туку како тема по предметот мајчин јазик, а може преку разни активности да се најде и во другите предмети. За медиумска писменост се остава простор и во рамки на слободните изборни предмети.
– Младите, сепак, признаваат дека и понатаму им се случува да се лизнат и да споделат или да поверуваат во некоја манипулација – вели Андонов.
Според неговото мислење, неопходно е секоја нова генерација млади луѓе да учат да користат нови и различни техники за проверка на информации и алатки за препознавање визуелни манипулации.
– Нивниот впечаток е дека дезинформациите се масовно присутни во медиумите на интернет и на социјалните мрежи и дека со подемот на вештачката интелигенција потешко можат да ги препознаат вештачки генерираните содржини и манипулативните длабоки лаги (deepfake). Затоа медиумската писменост треба да еволуира како што растат предизвиците од новите технологии – вели Андонов.
Уште во 2017 година Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) основаше Мрежа за медиумска писменост. Во неа прво беа опфатени 35 високообразовни институции, медиуми и граѓански организации, а сега се двојно повеќе – 87.
Емилија Петревска-Камењарова од ААВМУ вели дека Мрежата си ја остварила целта – да ја олесни комуникацијата и соработката меѓу различните фактори што се активни на полето на подигање на нивото на медиумска писменост кај сите возрасни групи во македонското општество.
Доколку наидете на сомнителна информација не е лошо да посветите време и да проверите дали има печатни грешки, дали има име на автор, кој е медиумот што ја објавува, дали има импресум (уредник, сопственик, имиња на новинари) дали и какви реклами има, па ако на повеќето од прашањата нема одговор, тогаш прескокнете ја таа информација.
Исто е и со фотографиите и видеата – дали под нив има опис каде и кога се снимени, односно фотографирани, кој ги направил, дали соодветствуваат со реалноста. И доколку се сомневате во веродостојноста не ги препраќајте.

СЕ СОМНЕВАТЕ ВО ВЕРОДОСТОЈНОСТА НА НЕКОЈА ФОТОГРАФИЈА?
За да проверите дали некоја фотографија е вистинска, може да се послужите со некоја од следниве алатки – „Фотофорекзинкс“ (Fotoforensics), „Трупик“ (Truepic), „Ревај“ (RevEye), „Тинај“ (TinEye), „Јандекс“ (Yandex) или може да пребарувате фотографии преку „Гугл“ (Google).
Отворете некоја од посочените алатки и во полето за пребарување внесете ја посакуваната фотографија и почекајте ги резултатите. Резултатот може да биде дека фотографијата што ви ја испратил пријателот не е вистинска, туку некој вмешал прсти и со помош на „Фотошоп“ додал или избришал одредени работи. Или, пак, фотографијата е снимена на сосема друго место и време од тоа што го тврди вашиот пријател.
Со помош на вештачка интелигенција тие што се малку повешти со компјутери може да создадат цели видеа и да зајмат лик или глас од позната личност. Проверете кој го објавил тоа видео и дали станува збор за веродостоен медиум. Добро погледнете дали нешто ви е сомнително, дали има неприродни движења, разлики во резолуцијата или, пак, едноставно, може да се посомневате дали тоа што го зборуваат е логично.
КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ ЛАЖНА ВЕСТ?
Проверете кој е изворот, дали има автор или редакција што стои зад таа вест, има ли контакт на кој може да се обратите. Добро проверете и дали има датум кога е објавена веста за да не ве манипулира некој со вест што е стара. Проверете дали некој друг медиум пишувал за тоа, што велат другите извори и какви докази се пласираат во информацијата?
Во Македонија постои Регистар на професионални медиуми на интернет.
На овој линк може да најдете неколку прирачници за медиумска писменост, кои може да ви помогнат.
Доколку сте родител и вашите деца имаат прашања за лажни вести, можеби ќе ви помогнат советите од прирачникот на следнивe линкoви – https://resis.mk/images/abut-us/PDF/-_Final.pdf
https://www.irex.org/YouThink_Media_Literacy_Guide_Macedonian.pdf
На овој линк, пак, постои и курс за медиумска писменост.
Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
