Ако сакаш брзо, оди сам, ако сакаш далеку – оди со некого
Во своето излагање на Форумот на добри компании, Бојан Симиќ, основач на српската компанија „Clean Air Solution“, сподели инспиративна приказна за тоа како од лична визија, отвореност и приспособливост создал работна култура, која не само што ги задржува, туку и ги охрабрува младите талентирани луѓе. Неговиот пристап ја става личноста пред процесите, ги признава различностите како предност и вложува сериозни ресурси во едукација и човечки развој создавајќи средина во која секој вработен се чувствува доволно добро за да не сака да замине.
Текст: Анета Ристевска
Фотографија: Ирина Крстевска
„Отпуштена атмосфера, а во исто време огромна можност за развој и напредок. Тоа се двете работи што прво ги забележувате во ‘Clean Air Solution’. Се препознавме по тие вредности: мојата компанија и јас“, вели Тијана, една од вработените во српската компанија CAS, на нивната веб-страница.
Овој впечаток не е случаен. Тоа е плод на визијата и пристапот на Бојан Симиќ, основач и директор на компанијата, кој на Форумот на добри компании 2025 година зборуваше за културата на работното место и зошто токму таа е клучна за задржување на талентираните луѓе.
Во приказната на Симиќ нема ни трошка од класичното „работа како работа“. Неговата филозофија е едноставна, но револуционерна – фокусот е на луѓето.
– Сакавме да одиме далеку и затоа тргнавме со луѓе. Во секој поединец има богатство, само треба да го препознаеш и да му дадеш простор да блесне – рече Симиќ.
Од визија до реалност
„Clean Air Solution“ е создадена од лична потреба за слобода на визијата. Откако неговите идеи не нашле простор кај поранешниот работодавец, Симиќ го направил чекорот сам.
– Не беше отворен за комуникација, па јас отворив фирма. Му благодарам, но тој изгуби многу.
Почетокот бил со двајца вработени, а фирмата сега има повеќе од 200 млади и мотивирани луѓе, со просечна возраст од 24 години, имаат целосно дигитализиран процес, но човечки пристап. Или, како што вели самиот Симиќ:
– На младите не им треба воведување со месеци, туку алат в рака и доверба.
За да се приспособи на навиките на вработените, CAS креирала интерна апликација што функционира како „Фејсбук“ за фирмата – ѕид за информации, задачи, комуникација. Место класичен и бавен пристап, апликацијата за 10 дена ја користеле сите.
– Младите се брзи, итри, сакаат сè и веднаш – и ние им го дадовме тоа – објаснува Симиќ.
Тој пристап резултира со нешто поважно од продуктивност – резултира со лојалност.
– Нашата цел е да им направиме да им биде толку добро, што нема да сакаат да си одат. И, во најголем број случаи – успеваме. Таму каде што други компании гледаат трошок, ние гледаме инвестиција во човекот. И токму затоа, „Clean Air Solution“ не е само фирма. Таа е култура што инспирира – рече Бојан.
Обуки, мотивација и вистинска вклученост
Во „Clean Air Solution“ обуките не се формалност – тие се култура. Компанијата вложува 100.000 евра годишно во обуки, мотивација и лидерство, но најголемиот фокус е на внатрешното знаење.
Особено внимание посветуваат на лицата со попреченост, не како на обврска, туку како на можност.
– Фокусот треба да биде на талентот што ги имаат, не на недостатоците. Кај нас тие имаат супермоќ – вели Симиќ.
Тој зборуваше за слепа девојка, која работи во регрутација и ги реализира интервјуата со неверојатна емпатија затоа што е добар слушател, но и за вработен со попреченост што научил програмирање и е клучен во дигиталните процеси.
Со вистински пристап, секој човек може да биде злато во корпоративниот рудник
Кога компанијата „Clean Air Solution“ се соочила со прашањето дали надворешни консултанти можат навистина да ѝ донесат додадена вредност, одговорот пристигнал преку соработката со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.
Иако дотогаш веќе инвестирале значителни ресурси во обуки и развој, токму интервенциите на „Паблик“ овозможиле нови перспективи и трансформации.
– Теоријата У, според која работи „Паблик“, ни отвори нови перспективи. Од страна некој може подобро да те види, отколку што можеш самиот да се видиш. Кога ни беа укажани некои работи од консултантите од „Паблик“, ни беше појасно како можеме да го подобриме процесот на регрутирање и воведувањето во работа. Затоа што вие може да регрутирате 1.000 луѓе, ама ако нема кој да ги прими, подготви, тогаш никој нема да остане и џабе сте вложиле пари. Така што се отвори нов поглед во нашата компанија… – објаснува Симиќ.
Тој се осврна и на перцепцијата кон лицата со попреченост во нивната организација.
– „Паблик“ ни ја отвори вратата и за едно поинакво размислување за луѓето со попреченост – не како за лица со ограничувања, туку како за носители на уникатен талент и „супермоќ“. Овој пристап не само што ја збогати културата во компанијата, туку и ја зацврсти нејзината конкурентност на пазарот покажувајќи дека со вистински пристап, секој човек може да биде злато во корпоративниот рудник – додава Симиќ.
Приспособи се на генерацијата!
Препораки од Бојан Симиќ – за секој лидер што сака да задржи талент
- Откриј го богатството во секој човек – не барај само функција – барај потенцијал.
- Луѓето, не процедурите, се срцето на фирмата – процеси можеш да ги купиш. Луѓето – мораш да ги заслужиш.
- Приспособи се на генерацијата, не очекувај таа да се приспособи на тебе – ако не го направиш тоа, ќе останеш без луѓе.
- Вложувај во мотивација што не зависи само од плата – едукација, можности, доверба – тоа ги држи луѓето.
- Вработувај луѓе со попреченост не од сожалување, туку од препознавање на нивната супермоќ – талентот не познава граници.
- Отвореноста е сила, не слабост – ако не си подготвен да слушаш – ќе изгубиш многу.
- Ако сакаш брзо, оди сам, ако сакаш далеку – оди со некого
- Од поглед до емоција: акварелот како јазик на душата во „Seen & Felt“
- По 40 години, нешто ново од „Бушава азбука“ – „Буквождер“ пристигнува на 8 ноември
- Од „ТикТок“ до бурек: Сибел Абдиу и шаренилото на серијата „Чаршија“
- Модата како глас за промена -пораки против булинг и ревија за одржлива иднина