People of Change, Интерактивни приказни

Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“

Портретна фотографија на Иштван Фаркаш, продавач на српското улично списание „Лицеулице“ во Нови Сад

Иштван Фаркаш од Нови Сад, продавач на „Лицеулице“, покажува дека солидарноста не е милостина, туку заедничка борба за подобри услови. Неговата приказна е пример за социјална инклузија, активизам и достоинство.

Исклучителен човек. Речиси секој што поминал во кампусот на Универзитетот во Нови Сад, го пресретнал Иштван Фаркаш, продавач на српското улично списание „Лицеулице“ (линк до веб сајтот овде). Тој е претставник на гласот на луѓето од општествените маргини. Преку ангажманот во „Лицеулице“, тој добива и простор каде што социјалните прашања стануваат видливи во јавноста.

„Да се живее слободно“ -напис на беџ на униформата на Иштван
„Да се живее слободно“ -напис на беџ на униформата на Иштван

– Никогаш не извикувам „Лицеулице“, не им приоѓам на луѓето и не им се обраќам директно, туку имам поинакви начини на комуникација – преку овие натписи. Дури кога тие ќе ми пријдат, ако сакаат, тогаш започнувам разговор со нив – вели тој.

Фаркаш го продава списанието во Нови Сад од 2021 година. На продажбата на списанието тој не гледа како на егзистенција, туку како личен и општествен ангажман.

– Другите продавачи веројатно би ја ставиле во преден план можноста за заработка, можноста за гола егзистенција. Кај мене таа промена не се случи. Денес живеам во истите тие егзистенцијални услови како и пред да почнам да го продавам списанието. Но, главната промена – тоа што добив можност повидливо да го работам она што го правам целиот живот. Токму тоа – укажувањето на негативностите, на негативните појави и можноста на тој начин лично да придонесам за промени- вели Фаркаш.

По вокација е педагошки асистент, но Иштван денес е и активист, книжевник, актер, ромолог. Пишува поезија и кратка проза, преведува поезија од српски на унгарски и обратно, организира културни настани и им отвора простор на луѓето да ѝ се претстават на јавноста.

Во Нови Сад моментално има 13 продавачи на „Лицеулице“, а во овој град списанието функционира во рамки на здружението на граѓани „Патрија“. Јована Ќојдер од „Патрија“, вели дека Иштван е пример за тоа како „Лицеулице“ е многу повеќе од магазин.

– Иштван е еден од продавачите кој својата улога не ја доживува само преку продажбата на магазинот, туку на „Лицеулице“ гледа како на јавен простор во рамките на кој лично може да придонесе во борбата за поправедно и посолидарно општество, како и за различни општествени прашања. Поголемиот дел од луѓето повторно се враќаат да купат откако еднаш веќе купиле магазин од него. Тие пораки нè поттикнуваат и инспирираат повторно да размислуваме за различни социјални прашања и за тоа каде е нашата одговорност во ова општество – вели Ќојдер.

Еден од слоганите на „Лицеулице“ е „Да бидеме солидарни“, но за Иштван солидарноста не значи милостина.

За мене, солидарноста не значи да му дадам на некого еден динар, векна леб или едно ќебе со кое ќе се покрие. Бидејќи, со тоа можеби му се решава само следната ноќ…
Но тоа не е солидарност, тоа е милостина.
Солидарност е да се биде со него во борбата за промена на условите, за да нема потреба од таква помош – порачува тој.

Иако зад себе има децении волонтерска работа, образование и креативен ангажман, неговиот пат често бил обележан со несигурност и исклученост од формалниот систем. Сето тоа го прави она што отсекогаш го водело – да поттикнува размислување, да отвора општествени прашања и да биде дел од промени кои значат повеќе од лична егзистенција.

– Мислам дека го имам тој оптимизам, затоа што токму тоа ми помага од ден на ден да правам нешто, да не се откажам – вели тој.

Пристапната видео приказна за Иштван Фаркаш и неговиот поглед на солидарноста, погледнете ја во видеото.
Видео прилогот ќе биде достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.


Новинарка: Милена Маџгаљ
Видео и фотографии: Роберт Гонди
Монтажа: Ратомир Цениќ
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев  и Ванеса Лазарева
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“
февруари/март 2026

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change



Напишете коментар