Умин Дол: Како една жена го претвори малото село во рурална туристичка приказна што привлекува гости?
Жените од Умин Дол преку рурален туризам и домашна храна создаваат нова локална економија и заеднички развој. Сè почна од идејата на една жена, Роза Трајковиќ.
Креиравме пристапна мултимедијална приказна, која ја дава перспективата на жените од ова кумановско село, кои се двигателки на промени.
Во селото Умин Дол, меѓу тивки дворови, стари куќи и мирис на домашна храна, една приказна полека го менува текот на секојдневието во малата заедница. Приказната на Роза Трајковиќ. Таа е жена која решила да не чека можности, туку сама да ги создаде, и тоа токму во родното место, каде се навраќала со иста желба. Нејзината визија за Умин Дол почнува за да направи промена и да му ги покаже на светот убавините на ова мало кумановско село.
Додека ги храни гуските, влегува во куќарката со кокошките или подготвува храна во дворот , Роза го трансформира селскиот живот во туристичко рурално доживување. На овој пат, таа успева да ги вклопи и останатите жени од селото. Преку Здружението за локален и рурален развој „Ума сто“ (линк тука), тие развиваат социјално женско претприемаштво кое прави важни промени во селото.
– Со ова работа започнав пред три- четири години. Имав голема желба да ја раскажам историјата и да ја покажам традицијата на селото Умин Дол, каде што сум родена и каде што живеам – вели Роза.

Трајковиќ додава дека сакала приказната да биде поширока, да не зборуваат само за едно селско домаќинство, туку да ја раскажат приказната за целото село. Она што започнало како идеја, денес прераснува во жив пример за рурален туризам и женско претприемништво. Но, патот до таму не бил лесен.
– Можностите никој не ни ги нуди, доколку самите не си ги создадеме. Ние навистина се потрудивме, и сега почнуваме да ги береме плодовите од таа напорна работа – додава таа.
На почетокот, приказната не била прифатена со ентузијазам. Напротив.
– На почетокот се соочив со голем скептицизам меѓу мештаните. Не веруваа дека можеме да успееме и дека ќе бидеме интересни за посетители – раскажува Роза.

Но денес, сликата е поинаква. Во Умин Дол веќе има посетители, домашни и странски. Се организираат сезонски настани, локални базари, а жените од селото заедно подготвуваат традиционална храна: ајвар, мармалади, сокови, зимници. Она што некогаш било само дел од приватниот живот, сега станува автентично искуство за посетителите.
– После неколку години истрајност, интересот порасна. Луѓето се отворија, веруваат дека можеме да се промовираме и дека ова има иднина- вели таа.

Најважната промена била кај луѓето од Умин Дол
Покрај храната, селото нуди и други содржини, како: сместување во селски домаќинства, посета на етно-музеј, стара дрвена куќа стара повеќе од еден век, како и активности за посетителите – од велосипедски тури до прошетки низ природата.
Можеби најважната промена не е во инфраструктурата, туку во луѓето. Роза посебно ја истакнува улогата на жените во оваа приказна.
– Во руралните средини, нема многу можности за жените, особено за млади мајки. Нема градинки, нема каде да ги остават децата. Ако има локална можност за работа, сите би биле благодарни- вели таа.
Токму затоа, ова што го прави Роза и жените во селото, не е само туризам, туку и простор за нивна економска и општествена активација.
– Жените во Македонија имаат многу квалитети. Изработуваат ракотворби, храна… сето тоа е автентично и искрено, и луѓето тоа го препознаваат. Таа приказна може да се сподели и да се вреднува – додава Роза.
Приказната за Умин Дол не е индивидуална сторија за успех. Таа постепено станува колективна. Виолета Петковиќ, која заедно со Роза е дел од развојот на селскиот туризам, зборува за тоа како заедништвото ја менува динамиката во селото.

Она што почнало како иницијатива, денес носи и конкретни резултати.
– Имаме и приход, и заработувачка, но најважно, го сакаме тоа што го работиме – додава таа со насмевка.
Оваа изјава на Петковиќ сведочи за суштината на промената: не само економска, туку и емотивна.
Во време кога многу села се празнат, Умин Дол нуди поинаков пример: традицијата може да биде ресурс, а не товар. Дека, кога се раскажани искрено, малите приказни можат да привлечат внимание и да создадат нови можности.
За Трајковиќ пак, успехот не се мери само во бројки.
– Успехот што го постигнавме ме прави особено горда. Но, уште повеќе сум горда на секој човек што ќе дојде, ќе научи нешто за Умин Дол и ќе си замине со спомени- вели таа.
Промената не секогаш доаѓа гласно. Понекогаш започнува тивко, со идеја, со упорност и со верба дека и малото место може да стане голема приказна.
Пристапната видео приказна за Роза, Виолета и нивната приказна за промена, погледнете ја во видеото:
Видео-прилогот е достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.
На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој серијал. Погледнете ги и останатите видео-приказни од овој пристапен серијал, за Валентин и за Иштван, на линковите подолу.
Новинарка: Адријана Георгиев
Камера и фотографии: Димитар Атанасоски
Монтажа: Ратомир Цениќ
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.
„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“, во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

- Кој ја слуша женската сцена? „Женски Земјотрес Битола“ отвора простор за гласовите што недостигаат
- Книгите излегуваат на плоштад: Скопје го слави Светскиот ден на книгата со бесплатни изданија и настани
- Скопје ќе дише поезија: Над 100 поети од 8 земји на Скопски поетски фестивал
- Умин Дол: Како една жена го претвори малото село во рурална туристичка приказна што привлекува гости?
- „Прво па женско“ ја носи темата „Мајчинствување“ – колективен труд на грижа за животот во време на колапс