Актив арт, Доза вести

Скопје ќе дише поезија: Над 100 поети од 8 земји на Скопски поетски фестивал

Поезија - Скопски поетски фестивал - автор на постер Андреј Павлов

Стихот како отпор, поезијата како одговор на наративите што нè обликуваат. Од тука почнува шестото издание на Скопскиот поетски фестивал, кој ќе се одржи од 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар и во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, обединувајќи безмалку стотина поети од земјава и од странство. Мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…).

– Мотото на годинешниот фестивал е „(Со) стих спроти наратив! (Поезија, политика, пропаганда…). Со ова мото сакаме да ја одбележиме 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот – велат организаторите.

Автор на постерот на ова издание на фестивалот е Андреј Павлов.

Богата програма, многу поезија, но и музика и промоции

 Организаторите најавуваат гости од Кина, Хрватска, Словенија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и од Црна Гора. Официјалното отворање е закажано за 7-ми мај во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ), на кое ќе настапат 20 поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска, што беше одбрана за најдобра од 12-те што настапија на „Отскочна даска #5“, преднастан на фестивалот наменет за млади поети. По ова прво интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.

Следниот ден програмата ќе продолжи во МКЦ, каде што ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана по повик. Следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а потоа ќе следува уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.

Последниот ден на фестивалот, 9-ти мај, публиката ќе се „пресели“ во „Буква“ и ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува интернационалното поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат 15 поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.

– Пред сите овие збиднувања, како еден од преднастаните на фестивалот, на 7-ми мај, од 18 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоцијата на поетската панорама што по повод минијубилејот, пет години „Отскочна даска“, ја подготви „ПНВ Публикации“ и во која ќе бидат застапени песните на сите 66 досегашни учесници на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автори застапени во панорамата – најавуваат организаторите.

Напишете коментар