Доза вести, Лице в лице

Кој ја слуша женската сцена? „Женски Земјотрес Битола“ отвора простор за гласовите што недостигаат

постер и две најави за Женски Земјотрес во Битола

Фестивалот на свежа домашна музика „Земјотрес“, се враќа во Битола со специјално, децентрализирано, женско издание, кое ќе се одржи на 9-ти мај. Дел од програмата се младите и талентирани македонски музичарки кои се етаблирани и на регионалната сцена – Дина Јашари и Елена Васова.

Со 13 изданија во Скопје и три во Битола, „Земјотрес“ веќе се етаблира како значајна платформа за промоција на свежата македонска музика. Овој фестивал ја афирмира независната продукција, но и активно ја вклучува во јавниот културен дискурс, создавајќи континуитет меѓу различни генерации музичари.

Ова издание го поставува прашањето: ако жените се присутни во музиката – колку сцената е присутна за нив?

Македонската музичка сцена изобилува со музичарки чии талент и сензибилитет инспирираат различни генерации. Сепак, социјалните и општествените релации, како и предизвиците во независната музичка сцена, често ги ставаат музичарките во поранлива позиција.

– Ова резултира со дисконтинуитет и исчезнување на квалитетни авторки од сцената – велат организаторите на „Земјотрес“.

Но, новото време носи нови „гласови“ – силни, резилијентни и автентични музичарки кои го освојуваат домашниот и меѓународниот простор.

 –  Токму ова специјално издание на Женски „Земјотрес“ во Битола има за цел да го претстави ставот и гласот на женската сцена, отворајќи го прашањето за родовата еднаквост во музиката како освестено поле што бара конкретни акции за развој и поддршка. Составен од музичка и дискурзивна програма, фестивалот ги носи најзначајните претставнички на независната сцена и создава простор за дискусија за условите во кои се развива жената како музичар во различни професионални улоги – велат организаторите.

Фестивалот ќе се одвива на повеќе локации: Пацио на Музеј Битола, Кино Манаки и Кафе Тигре во градот на конзулите. Женски ЗЕМЈОТРЕС Битола се развива во соработка со локални партнери We Pretend It’s a City и МИДС Битола и ја носи оваа енергија поблиску до публиката надвор од Скопје – затоа што музичката култура припаѓа и треба да биде достапна за сите.

Дина Јашари е млада пејачка, авторка на песни и продуцентка. Таа е препознатлив и автентичен глас што сè повеќе ги освојува срцата на публиката низ целиот Балкан. Нејзиното животно искуство и емоции се целосно преточени во пишувањето песни кои со леснотија се движат помеѓу поп и нео-соул звукот. Таа е добитничка на наградата „Милан Младеновиќ“ во 2022 година, која ѝ донесе признание од некои од најпочитуваните музички имиња во регионот.
Нејзиниот звук и авторски израз произлегуваат од простор на автентична игривост и интроспекција, втемелени врз нејзините студии по џез на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Дина Јашари (вокал/клавијатури) ќе настапи со својот бенд во состав: Лука Тошев (гитара), Андреја Мирчевска (бас) и Драган Теодосиев (тапани).

Елена Васова е пејачка и авторка од Скопје чија музика плови помеѓу современиот R&B, соул и интимниот поп. Глас што носи топлина и суптилна емоција, создава свет во кој мелодијата и исповедта се преплетуваат. Нејзиниот израз е искрен и атмосферичен, обележан со нежна интерпретација и внимателно обликувани текстови. Во нејзините песни, секој звук има простор да дише, а секој збор остава трага. Синглот „Пријател“ (2024) ја лансира како автор на сцената, по што следи и ко-авторска соработка со Ненад Стефановски на албумот „Wu Wei“. Набргу со вториот сингл „Љубов“ (2025) добива и регионално признание со престижната награда „Милан Младеновиќ“.
На „Женски ЗЕМЈОТРЕС Битола“ Елена Васова (вокал) ќе настапи со својот бенд во состав: Наталија Калајџиеска (клавијатури), Јоана Ристеска (гитара) и Тејка Василевиќ (тапани).

Целосната програма ќе биде објавена наскоро.
Билетите се достапни на овој линк.

Напишете коментар