„Прво па женско“ ја носи темата „Мајчинствување“ – колективен труд на грижа за животот во време на колапс
Програмата на 14-тото издание на фестивалот „Прво па женско“ ја носи темата „Мајчинствување“ и го истражува мајчинството како политички, општествен и солидарен чин преку интердисциплинарна програма што започнува во мај.
Мајчинството често се чита како приватна, биолошка или семејна улога. Но што се случува кога тоа ќе се извади од таа рамка и ќе се гледа како општествена сила на грижа, отпор и колективно преживување?
Токму ова прашање го отвора годинешното издание на фестивалот „Прво па женско“, кој оваа година го доживува своето 14-то издание со кое го позиционира мајчинството како активен, радикално солидарен труд на грижа за спас на животот, во услови на општествен, политички и еколошки колапс. Фестивалот годинава се одвива под наслов „Мајчинствување“ и претставува интердисциплинарна програма што започнува во мај и ќе трае до крајот на годината.
Во фокусот на програмата е преиспитување на мајчинството како идеологија, труд и општествена позиција, но и како форма на грижа што може да се спротивстави на насилството, нееднаквоста и системските облици на експлоатација. Фестивалот ги отвора прашањата за мајчинството како политичка категорија – од класни и родови односи, до репродуктивен труд, емоционална работа и општествена грижа.
Во фокусот се различни форми на мајчинствување и грижа, вклучително и маргинализирани и квир перспективи кои не го разбираат мајчинството како сопственост или индивидуална улога, туку како колективна практика што создава небиолошки форми на сродство и заедништво. Преку оваа перспектива, фестивалот отвора простор за критичко размислување за тоа како трудот на грижата може да функционира како начин на опстанок, отпор и градење на поинакви, поинклузивни општествени односи во услови на повеќекратни кризи и нееднаквости.
– Фестивалот ги става во фокус интерпретациите на мајката како глагол наспроти мајката како институција – грижата, отпорот, одржливоста, и солидарната борба наспроти насилството и фемицидот, експлоатацијата на женските тела и емотивната експлоатација, неплатениот домашен труд, негрижата за репродуктивното и менталното здравје на мајките – велат организаторите од „Тиииит! Инк“.
Организатори на фестивалот се организацијата „Тиииит! Инк.“, кои најавија дека во наредниов период ќе ја објават и деталната програма. Повеќе на веб сајтот на овој линк.

Дизајн на постер: Вања Штркова