Кога институциите ќе застанат, „Сепак се врти“ продолжува: фестивалот отвори повик за поддршка на младата музика
Кога музиката не добива институционална поддршка, сцената не престанува да се активира, само го менува начинот на кој преживува. Наместо билети и грантови, овој пат ритамот на фестивалот за алтернативна музика „Сепак се врти“ зависи од една друга сила: директната поддршка од публиката.
Фестивалот „Сепак се врти“ отвори кампања за онлајн донации за финансирање на овогодишното издание, која се спроведува преку македонската краудфандинг платформа eCrowd. Организаторите, музичкиот колектив Гола планина, посочуваат дека ваквиот модел на финансирање доаѓа откако фестивалот не добил поддршка од Министерството за култура и туризам, и покрај тоа што истата институција го поддржала претходното издание.
Линкот до платформата за поддршка е овде.
„Сепак се врти“ е музички фестивал од патувачки тип, чија цел е децентрализација на културата и промоција на млада авторска музика и акција, преку концерти на централни и лесно пристапни локации низ повеќе градови во државата.
– Оваа година, колективот „Гола планина“ ќе го однесе караванот до Охрид, Кичево, Кавадарци и Скопје во текот на четири саботи во мај. Фестивалот започна со еднодневно издание во Скопје во 2024 година, а во 2025 година се прошири и стигна до шест македонски градови. Покрај успешното и амбициозно ланско издание, Министерството за култура и туризам одлучи дека оваа година не ни е потребна финансиска поддршка. Затоа ни е потребна вашата финансиска помош, за да можеме да ја продолжиме нашата мисија на поддржување на младите луѓе кои ни го прават животот поубав за живеење во оваа држава. Секоја донација ни значи – велат организаторите.
Со текот на годините, „Сепак се врти“ прерасна во препознатлива платформа за промоција на независната музичка сцена и младите бендови, а колективот „Гола планина“ годинава одбележува и пет години постоење. Нивната работа опфаќа издаваштво, организирање концерти и турнеи, со континуирана поддршка на локалната авторска музика и алтернативната културна сцена.
- Сè додека не дојдов на планина, мислев дека сум слободен
- „Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес“ – приказната на Ивона за промената, силата и движењето
- Како младите во Струга учат дека бизнисот може да создава и општествена промена?
- Блокчејн Скопје ја заокружува програмата со Самит и награди за млади иноватори
- Шест години по Законот за млади: Во најголем дел од општините механизмите сè уште не функционираат