„Чија вистина?“ – Работилница за млади во Скопје што отвора прашања за гласовите што недостасуваат во општеството
Чиј глас се слуша, а чиј останува на маргините?
Кога различни приказни за истите настани се судираат, а „вистината“ зависи од тоа од каде доаѓа, младите сè почесто се наоѓаат пред предизвик да препознаат, преиспитаат и да разберат што навистина стои зад информациите што ги добиваат.
Токму од оваа потреба за критичко читање на реалноста и отворање простор за различни перспективи произлегува работилницата „Чија вистина?“, која ги поканува младите да ги истражат сопствените гледишта и да слушнат гласови што често остануваат надвор од јавниот дискурс. Работилницата ја организира Мрежа „Стела“, која објави и повик за учесници. Станува збор за интерсекциска работилница за раскажување вистини, која ќе се одржи на 29 април 2026 година од 10 до 15 часот во Europe House Скопје.
Работилницата е наменета за млади на возраст од 17 до 24 години од цела држава и има за цел да создаде безбеден и инклузивен простор за дијалог, споделување и креативно изразување. Преку интерактивни активности, анализа на медиумски содржини и креативна работа, учесниците ќе имаат можност да ги истражат сопствените перспективи, да препознаат различни искуства и да придонесат кон поинклузивни општествени наративи.
Фокусот на програмата е развивање критичко размислување и медиумска писменост, како и поттикнување разбирање за тоа како идентитетот, искуствата и општествената позиција влијаат врз начинот на кој ја перцепираме реалноста. Учесниците ќе работат и на анализа на медиуми и различни содржини, со цел да идентификуваат кои гласови се застапени, а кои недостасуваат во јавниот простор, како и да создадат креативни формати како постери, социјални објави и писма.
Рокот за учество е 23 април 2026 година, а линкот за аплицирање е овде. Патните трошоци се покриени за учесници кои доаѓаат надвор од Скопје.
Работилницата ја водат Сара Миленковска и Вљора Речица, кои доаѓаат од области поврзани со феминистички активизам, политики на еднаквост, демократски процеси и градење инклузивни заедници. Нивниот пристап се темели на интерсекциска анализа, критичко размислување и создавање безбедни простори за младинско учество и општествена трансформација.

Сите информации за овој повик се достапни на овој линк.
Постер: Теано Кардула
Фотографија: Freepik.com
- Сè додека не дојдов на планина, мислев дека сум слободен
- „Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес“ – приказната на Ивона за промената, силата и движењето
- Како младите во Струга учат дека бизнисот може да создава и општествена промена?
- Блокчејн Скопје ја заокружува програмата со Самит и награди за млади иноватори
- Шест години по Законот за млади: Во најголем дел од општините механизмите сè уште не функционираат