Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2026: Шанса за млади визуелни уметници до 35 години
Апликациите се отворени до 31 мај, а победникот/победничката ќе добие двомесечен престој во Њујорк и учество во меѓународна уметничка програма
Отворен е нов повик што директно ја засега младата уметничка сцена во земјава, можност која не носи само признание, туку и интернационално искуство и видливост. Организациjaта Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ Њујорк
го објави повикот за наградата ДЕНЕС 2026 со кој ги повикува младите визуелни уметници до 35 години да аплицираат и да станат дел од една од најзначајните платформи за современа уметност во земјава.
– Наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид – велат организаторите.
Покрај признанието, добитникот/добитничката ќе добие двомесечен резиденцијален престој во Њујорк во Residency Unlimited, како и можност за учество во едукативната програма „Совршениот уметник“. Финалистите ќе имаат средби и презентации со интернационална жири-комисија и ќе продуцираат ново дело кое ќе биде изложено во рамки на финалната изложба.
Отворениот повик трае од 16 април до 31 мај 2026 година, и е на овој линк. додека тројцата финалисти ќе бидат објавени на 5 јуни 2026. Финалната изложба ќе се отвори на 2 октомври 2026 во Сули-ан, при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, кога ќе биде соопштен и добитникот/добитничката на наградата. Резиденцијалниот престој во Њујорк е предвиден за јуни–јули 2027 година.
Во изминатите две децении, наградата ја имаат добиено бројни релевантни имиња од домашната сцена, меѓу кои Крсто Глигорјадис, Ивана Мирчевска, Филип Јовановски, Ана Ивановска, Славица Јанешлиева и други.
Наградата ДЕНЕС е дел од поширока интернационална мрежа на награди за млади визуелни уметници (YVAA), која опфаќа 12 европски земји. Потеклото на оваа иницијатива датира од 1990 година, кога е основана наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка, со цел поддршка и интернационализација на младите уметници.
Во Северна Македонија, наградата започнува во 2002/2003 година, додека од 2015 година организацијата и имплементацијата ја презема ФРУ. Од 2023 година, наградата се доделува на годишно ниво и постојано се надградува со нови програми и резиденции.
- Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2026: Шанса за млади визуелни уметници до 35 години
- Ден на добри дела: „За првпат се чувствувам како дел од тим“ – инклузија што се живее, не се учи од книга
- „Опстанокот е можен само ако си поинаков“ – „Умно.мк“ пет години гради медиум со доверба и без кликбејт
- Од „невидлив“ до готвач: приказната на Валентин кој 20 години не постоеше за системот
- Имаш идеја што може да стане стартап? Отворен е повик за млади иноватори