Лице в лице интервју

„Опстанокот е можен само ако си поинаков“ – „Умно.мк“ пет години гради медиум со доверба и без кликбејт

Сребра и Весна од Умно.мк

По повод роденденот на порталот „Умно.мк“, разговараме со основачките, Сребра Ѓорѓијевска и Весна Ивановска – Илиевска, за борбата со алгоритмите, интегритетот во новинарството и зошто културата, науката и образованието имаат своја публика  

Пет години без кликбејт, без трка по сензации и без компромис со интегритетот. Звучи како ризик, но, за „Умно.мк“ тоа е умна стратегија. Медиумот почнал „од нула“, а денес има публика што чита внимателно, коментира со аргументи и се враќа по содржини што не се трошат за неколку секунди. Со основачките на медиумот, зборуваме за тоа како се гради доверба наместо кликови, зошто алгоритмите не се алиби за лошо новинарство и дали навистина има простор за култура, наука и образование во дигиталниот медиумски хаос.

Пет години „Умно.мк“, да се множат!  Да беше дете, оваа пролет ќе го спремавте за прваче. Како ги помина „детските болести“?

Весна: Благодариме. Да ни се множат на сите, да растеме заедно.
Сребра: Оф… како со прво дете, како по книга. За некои работи тргнавме младешки, ентузијастички, баш како кога имаш дете, а си во помлади години, полетен, без стравови, без задршки. За повеќето работи во врска со растењето на ова наше умно дете, сепак, го избравме потешкиот пат, ама би рекла, сепак, наш пат. Го создадовме детето со многу љубов и желба, го планиравме, чекавме да ни созрее во нас и си дојде на светов. Како што ни рече пред некој ден нашата драга колешка и пријателка, Ана Зафирова, подарувајќи ни чоколадно јајце – го испиливте! И како и со секое прво дете, постојано во мисла дали добро го растеме, дали можеме поинаку, дали треба поинаку. Ама во ниеден момент, со сомнеж дали воопшто треба ова умно дете. Публиката ни покажа многу брзо дека умни деца му требаат на светот, му требаат на нашето општество.

Што најмногу ве изненади во развојот на медиумот (позитивно и негативно)?

Весна:
„Умно.мк“ почна од нула, без добиен проект, без инвестициски капитал. Имавме идеја, огромно искуство во новинарската работа, никакво искуство во бизнис. Никогаш нема да ја заборавам поддршката што на почетокот ја добивме од наши блиски, но и од луѓе што воопшто не ги познававме. Тие беа познати на наши познати кои безрезервно помогнаа во подготовката на сајтот. Денес сме им неизмерно благодарни.
Луѓето од културата веќе нè познаваа поради долгогодишната работа на ова поле, па и од образованието, но за многумина од научната заедница бевме нови. Како растеше „Умно“, така се создаваа соработки, силни врски и пријателства, многу лесно и природно како да се знаеме и соработуваме со децении. Како капки жива – кога се доволно блиску незибежно ќе се спојат.

Сиве овие линкови за нас се многу значајни затоа што тоа беше и е основната суштина на „Умно“- да биде платформа за сите коишто вредно работат, за оваа земја да биде подобро место за живеење. И мислам дека успеваме во тоа. Ако немаме одлучувачка моќ, можеме да дадеме насоки, критики во кој правец треба да се
движат нештата.

Изминативе пет години почнавме да развиваме повеќе сегменти од работата на „Умно“, покрај новинарскиот дел, за да може да обезбедиме самоодржливост на медиумот. Очекувавме овие сегменти полесно да растат и да донесат стабилност. Сè уште не сме таму каде што сакаме да бидеме, но на прав пат сме.

Во пејзаж во кој медиумите, за да опстојат, мораат да следат пазарни логики и да се „додворуваат“ на центрите на моќ, како е да се „плива“ спротиводно?

Сребра: Во медиумската дејност, како и во секоја бизнис-средина сигурно треба да следите некои правила на игра за да опстанувате. Затоа што треба да бидете и реални во вашето опкружување и можности. Не може на сè да се оди со глава в ѕид. Во „Умно.мк“ политиката како дневна игра на одлучување не нè интересира и не ѝ даваме значење и простор. Ниту пред „Умно“, ниту денес, припаѓање или симпатизирање на една или друга или трета политичка страна во нашето работење и живеење, моето и на Весна, не било одлучувачко за вреднувањето и нашето опстојување како професионалци.

Секој што нè следи, знае дека која партија и да е на власт, тогаш кога не се работи вредно и домаќински, или кога се носи лоша одлука а ги засега сферите на интерес на „Умно“, тогаш не остануваме тивки, на овој или оној начин. Сочувувањето на интегритетот и чесното работење за нашиот мал тим е гесло.

Што се однесува до пазарното работење, како што се соработки со маркетинг-агенции, кои што се важен фактор во оваа дејност, условите таму се малку сурови и многу тешко се отстапува простор за помали медиуми, или т.н niche медиуми како што е „Умно“. Верувам дека и агенциите мораат да спроведуваат агенди на своите клиенти и да очекуваат кликови и слично, но многу малку се гледа реалното влијание на медиумите. Во просек, „Умно“ има читаност по една минута задржување на сајтот, што е важен податок. Тоа значи дека нè читаат со внимание тие неколку илјади луѓе што денес ќе го отворат сајтот, не се фиктивни кликови.

Се трудиме и да работиме проектно, и таа борба не е едноставна, ама стануваме подобри и на тоа поле.

Како денес опстојува медиум, кој не се потпира на кликбејт содржина и пишува за уметност, образование, наука, култура?

Весна: Со многу работа, со малку луѓе. Во моментот тоа е најтешко. Но, определбата нема да се смени, затоа што во нашево море од медиуми со кликбејт содржини, опстанокот е можен само ако си поинаков. На почетокот бевме решени дека мора да имаме различни извори на финансирање, ако некаде запне работата, да може да се пренасочи опстојувањето на друга страна. Затоа, покрај новинарството, работиме и на проекти од невладиниот сектор, објавуваме повици за донации, влеговме во креативните индустрии кои имаат голем потенцијал, тука е делот за маркетинг што е основен модел за финасисирање секаде во светот. Последниот малку потешко ни оди, но и тоа ќе се смени.

Уверена сум дека бизнис-заедницата ќе препознае дека импактот е голем ако се рекламираат во медиум со квалитетна содржина кој публиката навистина го чита и довербата е на исклучително високо ниво. Така ја поддржуваат и културата, науката во Македонија, за вистинските приказни да стигнат до пошироката публика. Затоа што информирањето е само еден столб на нашата дејност, едукацијата е вториот.

Сака ли, навистина, нашава публика, содржини на овие теми?

Весна: Сака! „Умно.мк“ е потврда дека сака. Имаме феноменална публика која ја градиме пет години и нејзиниот број сосема природно расте. Задоволството е огромно кога ќе прочитате коментар на некој текст за кој баш сте се помачиле да го сработите, и гледате дека го читаат, коментираат, се интересираат. Просечната читаност на текстовите на „Умно.мк“ ни е потврда дека Македонија сè уште има публика што чита. Имаше едно мега-интервју објавено лани – просечната читаност беше 2 минути и 21 секунда! И тоа како читаат! Посебно ни е драго што ни се јавуваат млади луѓе, кои пишуваат и сакаат нивните текстиви да бидат објавени. Има ли поголемо задоволство од ова?!

Алгоритмите се „уредниците“ на денешнината. Тие ни ја филтрираат содржината што ја „вариме“ како консументи на онлајн вести, наративи… Така, публиката останува „затворена“ во сопствени меури, изложена на исти идеи, извори, луѓе, медиуми… Душа дало за поларизација, за говор на омраза, штетни наративи, а пристапот до квалитетни содржини е ограничен (бидејќи нели, тешко е мозок да уклучиме и да мислиме). Што треба да направиме ние како медиуми, за да се справиме со ефектот на „меури? Се справувате ли вие воопшто?

Сребра: Тешко е да се борите со светски трендови. Машинеријата е страшна, алгоритмите префригани и подмолни. Ние во „Умно“ сме свесни дека не можеме да допреме до стотици илјади публика, тоа не е возможно. Ќе се навратам на интегритетот, сакаме да нè издвојуваат од меурот, да ни кажат, „да не постоевте, требаше да ве создадеме“, да ни кажат „без вас и ние немаше да опстанеме“.

Ние навистина веруваме дека поединците и искрените идеи можат да победат и да направат промена. Инаку, не се бориме со нелојалната конкуренција што нуди сензационализам, црна хроника во секоја втора информација, и тоа се подрско и неетично, жолт печат… Таа слава им ја отстапуваме на други.

Како (дали) ја „воспитувате“ публиката? Кои се вашите читател(к)и денес? Гледате ли промена од пред пет години и сега, се менуваат ли?

Сребра: Ако нешто погодивме од почетоците пред пет години, тоа дефинитно е нашата целна група. И по пет години, таа многу не е променета. Да, на почетокот тоа беа наши познати, беа луѓе што ги интересираат областите култура, образование, наука, но со текот на времето, публиката стана и поширока. Среќни сме што многу ретко ни се случуваат „залутани“ коментари на наши објави. Дури и кога има забелешки, тие се конструктивни и ги прифаќаме добронамерно. Да, читателки имаме повеќе од читатели, на тоа ќе работиме за да се промени и да станеме што порамноправни.

Каква поддршка ви недостига? Како гледате на иднината на медиумите?

Весна: Ни фали поддршка од агенциите за маркетинг и од бизнис-заедницата, ни фалат субвенции. Оваа поддршка не ни треба само да опстоиме, туку и да растеме. Работевме напорно изминативе години, конечно направиме услови за да можеме да се зачлениме во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми кој лани произлезе од измените на Законот за медиуми.

Иднината на медиумите, секако ќе биде многу интересна. Голем дел од медиумите во Македонија наголемо користат вештачка интелигенција (ВИ) во својата работа, но малку размислуваат за етичкото работење, очигледно е дека не ги проверуваат креираните содржини итн. Опасноста не ја гледам во ВИ, туку во луѓето и како тие ја користат. Несомнено ќе биде дел од нашата работа, и треба да биде. Но, додека чекаме светот и државата да донесе легислатива, ние треба брзо да дејствуваме. „Умно.мк“ е првиот онлајн медиум во Македонија која објави водич и политика на етичко користење на ВИ. Верувам дека иднината е во тоа, користење на алатките кои ја олеснуваат работата, но сепак, работата треба да ја водиме и да ја завршиме ние, луѓето.

Кои се следните чекори за развој на „Умно“?

Весна: Годинава ќе работиме уште повеќе во креативните индустрии. Ќе работиме на развој на производи од областа на културното наследство, од проект што го добивме од Министерството за култура и туризам. Македонија располага со фантастично наследство за кое јавноста малку знае. Тоа мора да се смени! Само со кревањето на свеста за важноста и неговото значење, народот ќе научи да си го цени и штити тоа што го има.

Работиме на нови епизоди „Умен поткаст“ што го работиме партнерски со колегите-продуценти Бранко Ристовски од „Зоотроп продукција“ и Илија Тирицовски од „Флатформ филм“. Годинава фокус ни е зголемување на тимот.

Ако „Умно.мк“ беше жена, каков карактер и кои специфики ќе ги имаше?

Весна: Ќе беше комбинација од две жени. Неформална, опуштена, упорна до бесвест и истрајна како желка од Галапагос. Креативна, грижлива, цврста како карпа. Со
авантуристички дух, со брза мисла, но темелна во сè што прави. Понекогаш прави грешки и оди со глава в ѕид, но реално ги расудува нештата и е многу прониклива. Не е секогаш прагматична и верува во идеали.

Сребра: Весна нè опиша многу убаво двете и како нашите карактери се дел од „Умно“. Жени коишто се многу свесни за доблестите и маните една на друга, жени кои знаат да се извинат кога ќе згрешат од брзање, импуливност и итање. Жени кои знаат да седнат и да разговараат кога нешто ќе зачкрипи, за да се продолжи одново во новиот ден.

Што читате, гледате и слушате во моментов? Што би им препорачале на читателите?

Весна: По 30 години ја препрочитувам „Прекрасен нов свет“ од Олдус Хаксли, која за роденденот на „Умно“ ми ја подари колегата Игор Шегавиќ. Симболичен подарок, еден од многуте што ги добивме. Евергрин што одвреме-навреме треба да се препрочита. Ја препорачувам и репортажната поезија за Андалузија „Ex nihilo“ од Звонко Димоски, во издание на „Полица“ која деновиве треба да има скопска промоција.

Веќе еден месец се обидувам да најдам два часа за да го изгледам „Хамнет“, а пола година на УСБ чека „Последното танго во Париз“ на Бертолучи кој одамна го немам гледано. За музика имам најмногу време. Додека работам во позадина одат Боуви, „Ред хот чили пеперс“, „Квин“, „Ролинг стоунс“ и „Соун роузис“, Ејми Вајнхаус, Молоко, џез-компилации од 20 и 30 години, „Мизар“, „Архангел“…

Сребра: Без многу музика не осамнува, ниту стемнува денот. „Д дивајн комеди“, Чет Бејкер, Шопен, Коен, Кејв, Ени Ленокс, „Некст ту сајленс“, Мелоди Гардо, Сиверт Хојем, Телемама… Кога ми треба поткревање на енергијата, слушам „Џетро тал“, „Нирвана“, Аланис, „Сканк ананси“ (кога ми се вика), Каро Емералд – за чистење.

Сакам да имам повеќе време за филм, книга. Тоа ми недостига последните месеци, ама крадам време. Поезијата на Јосип Коцев, Ана Стојаноска, кратките раскази на Ненад Јолдески… Во моментов читам „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска. Го прерпорачувам филмот „Cafe de Flore“. „Хамнет“ ме измести да, особено глумата на Џеси Бакли. Серијата „Marty Supreme“ го заслужува вниманието, каде Тимоте има одлична улога.

Фотографии: Архива на „Умно.мк“

Напишете коментар