Ден на добри дела: „За првпат се чувствувам како дел од тим“ – инклузија што се живее, не се учи од книга
Околу 30 средношколци од „Јахја Кемал“ во Скопје учествуваа во инклузивна волонтерска акција Ден на добри дела, преку спорт, дружење и социјално претприемништво – со порака дека добрите дела се учат преку заедништво
Секогаш ме исклучувале, но овојпат беше поинаку! Навистина се чувствувам како дел од тим – сподели нашиот продавач Кристијан Пешевски Кико, еден од учесниците во инклузивната волонтерска активност на „Лице в лице“ која се одржа денеска во соработка со волонтери, средношколци и тимот на приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје.
Во активностите учествуваа околу 30 млади луѓе, кои беа вклучени во интерактивна програма посветена на инклузија, волонтерство, спорт и социјално претприемништво. Целта беше да се поттикне поголема свесност кај младите за важноста на еднаквите можности и за волонтерските активности. „Лице в лице“ го организираше овој настан во рамките на глобалното одбележување на Денот на добри дела.
– Сите што ги запознав имаат големо срце и душа и прифаќаат различност. За првпат почувствував што значи да си дел од еден преубав тим -додаде Кико, кој доаѓа од партнерската организација Црвен крст на Град Скопје.
Токму од вакви лични приказни се состави атмосферата на оваа инклузивна волонтерска акција. Настанот започна со едукативно предавање на социјалната менторка на „Паблик“, Магдалена Чадиноска-Кузманоски, која зборуваше за тоа што значи да се биде вклучен или исклучен во општеството и како се гради еднакво учество во заедницата.
– Овие активности се важни, за да научиме повеќе за улогата на поединецот во општеството. Не се работи за милост, туку за тоа да му покажете на некого што значи добро дело и зошто е важно – рече Магдалена.
Таа додаде дека инклузијата има пошироко општествено значење.
– Инклузијата значи промена. Таа почнува од секој од нас. Наша обврска е да работиме на тоа и да го направиме опкружувањето подобро.
Учениците беа поделени во два тима и учествуваа во спортски активности, заедно со продавачите на „Лице в лице“ – Анабела Мередиева, која доаѓа од партнерската организација „Порака Неготино – Волково“ и Кристијан Пешевски, од Црвен крст на Град Скопје. Тие играа пинг-понг, билијард, кошарка, ракомет и фудбал со средношколците, имаа можност да се дружат и да учат преку тимска игра. Активностите покажаа како преку заедничко учество се гради разбирање и поврзување.
Магдалена сподели дека со овој настан, откриено е уште нешто:
– Анабела има неверојатен фокус кога спортува. Сите бевме пријатно изненадени од нејзиниот талент за пинг-понг. Ова е нејзина вештина за која и јас сега прв пат дознавам. Таа сите ги „растури“ – рече социјалната менторка.
Анабела Мередиева, која е продавачка на „Лице в лице“ од партнерската организација „Порака Неготино – Волково“, сподели дека преку својата работа секојдневно запознава нови луѓе.

– Секој ден е различен и полн со нови средби. Овој ден ми е омилен, вистински уживав! – рече таа.
Покрај спортот, дел од активностите беше и разговорот за социјалното претприемништво, каде Кико и Анабела на учениците им понудија „Добри картички“ како модел на економско зајакнување и поддршка на ранливи сограѓани.
– Пред „Лице в лице“, јас бев без ниеден пријател. Сега, се чувствувам како дома низ Дебар Маало. Паузите од продажба ги користам да се одморам, но и да се сретнам со многуте поддржувачи што ги запознав низ кафулињата. Сите нив ги доживувам како блиски пријатели – вели Кико, нагласувајќи дека „Лице в лице“ за него значи нова заедница и припадност.
По заедничкиот ручек и неформалната дружба, денот заврши со порака дека инклузијата не е теорија, туку искуство што се гради преку заедничко време, разбирање и учество. Ваквите настани имаат значајна улога во градење на емпатија, разбирање и активна граѓанска свест кај младите, особено преку директно учество и искуствено учење.

Бескрајни бранови на правење добро
Волонтерската акција Ден на добри дела се одржува по трет пат во Македонија и „Лице в лице“ учествува трета година по ред. Оваа национална акција се одржува со мотото „Мисли добро, зборувај добро, прави добро“, а координатор во земјава е МКЦ -Битола.

– На светско ниво се вклучуваат над 4.500.000 волонтери во над 115 држави. Денот на добри дела ја промовира солидарноста и помагањето на ранливи и маргинализирани групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите за правење на добро во своите локални заедници – велат од МКЦ – Битола.
До крајот на овој месец, слични волонтерски акции ќе спроведат и Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар, Организацијата на жените на општина Свети Николее, Совет за превентива против малолетничка деликвенција од Кавадарци, „Станица ПЕТ“ од Прилеп и Ротари Клуб Битола Широк Сокак.
Фотографии: тим волонтери од училиштето „Јахја Кемал“
- Ден на добри дела: „За првпат се чувствувам како дел од тим“ – инклузија што се живее, не се учи од книга
- „Опстанокот е можен само ако си поинаков“ – „Умно.мк“ пет години гради медиум со доверба и без кликбејт
- Од „невидлив“ до готвач: приказната на Валентин кој 20 години не постоеше за системот
- Имаш идеја што може да стане стартап? Отворен е повик за млади иноватори
- Економската независност на жената не е прашање на индивидуален избор туку на структурни бариери