Граѓаните свесни за дезинформации, но сè понесигурни да ги препознаат – помеѓу доверба и манипулација
Иако свесноста за дезинформациите кај граѓаните расте, нивното препознавање станува сè поголем предизвик. Новото истражување кое се однесува на состојбата во 2025 година открива сложена слика во која информациите се консумираат брзо, довербата е поделена, а границата меѓу факт и манипулација сè потешко се разликува. Во ваков информациски простор, дезинформациите активно влијаат врз ставовите, перцепциите и одлуките на граѓаните.
Дезинформациите остануваат сериозен предизвик за демократијата во земјава, со директно влијание врз довербата во институциите, медиумите и безбедносната перцепција на граѓаните, покажува новото истражување на фондацијата „Метаморфозис“, „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2025 година“ (достапно на овој линк).
Истражувањето покажува дека и покрај зголемената свесност, граѓаните и понатаму се високо изложени и подложни на манипулативни наративи.
Клучни наоди: доверба, медиуми и растечка ранливост
Граѓаните најчесто се информираат преку домашните телевизии (89%) и социјалните мрежи (80%). Иако социјалните мрежи се масовно користени, довербата во нив е значително пониска (26%) во споредба со традиционалните медиуми. Радиото, иако најмалку користено, ужива најголема доверба (52%).
Дури 85% од граѓаните добиваат информации преку лични контакти, што овозможува брзо ширење на непроверени информации.
Иако 65% од граѓаните се свесни за сериозноста на дезинформациите, расте несигурноста во нивното препознавање – дури 40% не се сигурни дали можат да идентификуваат лажни вести. Ова укажува на потреба од посилна медиумска писменост и развој на критичко размислување.
Теории на заговор и геополитички влијанија
Истражувањето покажува дека голем дел од населението и понатаму верува во теории на заговор: 65% веруваат во „тајна група што го контролира светот“, 37% во „chemtrails“ а 66% сметаат дека COVID-19 е создаден намерно.
Загрижува и падот на вербата во климатските промени: од 52% во 2022 на 41% во 2025 година.
Во однос на геополитиката, подложноста на проруски наративи останува стабилна, а 39% од граѓаните веруваат во тврдењето за американски биолошки лаборатории во Украина. Сепак, се бележи промена во стратешката ориентација: 43% од граѓаните поддржуваат приближување кон ЕУ и САД, наспроти 22% кои се за сојуз со Русија.
Скепса кон ЕУ, но и очекувања за реформи
Иако поддршката за европската интеграција постои, скепсата расте. Дури 82% сметаат дека процесот на пристапување е предолг, а 69% веруваат дека ЕУ поставува неправедни услови. Истовремено, 36% од граѓаните гледаат во ЕУ потенцијал за подобрување на владеењето и борбата против корупцијата.
Доверба во институциите и потреба од системски мерки
Довербата во способноста на државата да се справи со дезинформации расте: 39% сметаат дека има капацитет, наспроти 32% кои не се согласуваат. Сепак, 67% од граѓаните бараат дезинформациите да бидат санкционирани со закон.
Истражувањето има за цел да го утврди нивото на изложеност и влијание на дезинформациите врз граѓаните, преку анализа на нивните карактеристики и анкета на национално репрезентативен примерок. Методологијата овозможува споредба со претходни истражувања од 2022 и 2023 година, со цел да се следат трендовите, да се дефинираат приоритети за справување со овој феномен и да се обезбеди основа за поинформирана јавна дебата и поголема општествена отпорност.
Фотографијата е генерирана со вештачка интелигенција и е преземена од Freepik.com
- „Прво па женско“ ја носи темата „Мајчинствување“ – колективен труд на грижа за животот во време на колапс
- Кога институциите ќе застанат, „Сепак се врти“ продолжува: фестивалот отвори повик за поддршка на младата музика
- „Чија вистина?“ – Работилница за млади во Скопје што отвора прашања за гласовите што недостасуваат во општеството
- Граѓаните свесни за дезинформации, но сè понесигурни да ги препознаат – помеѓу доверба и манипулација
- Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2026: Шанса за млади визуелни уметници до 35 години