Книгите излегуваат на плоштад: Скопје го слави Светскиот ден на книгата со бесплатни изданија и настани
Книгата овој април излегува од полиците и се сели на плоштад, меѓу луѓето. Скопје ќе го одбележи Светскиот ден на книгата и авторското право со неколкудневна програма што ја претвора културата на читање во јавно, достапно и интерактивно искуство.
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), заедно со Амбасадата на Кралството Шпанија, Францускиот институт во Скопје и Град Скопје, годинава подготвуваат проширена програма што започнува на 20 април на плоштадот Македонија во главниот град.
Во периодот од 20-ти до 22-ри април, секој ден од 10 до 18 часот, на плоштадот граѓаните ќе можат да добијат бесплатни книги, да учествуваат во интерактивни активности и да се пријават за специјалните тури низ НУБ, што ќе се реализираат на 23-ти април. Посетителите ќе имаат можност и да извлечат бројчиња за изненадување кое ќе биде откриено токму на Светскиот ден на книгата.
Она што ја прави оваа година поразлична е токму идејата книгата да се „измести“ од институционалниот простор и да се доближи до секојдневието на граѓаните. Наместо тивка читалница, книгата добива јавен простор – место за средба, разговор и заедничко искуство.
-Кулминацијата на одбележувањето ќе се случи на 23 април, со настан во новиот дел на Библиотеката – Мултимедијалната читалница, каде од 11 часот ќе се одржат книжевни средби, прошетки низ просторот и музичка програма за сите генерации – најавуваат од НУБ.
Во дел од програмата ќе учествуваат и претставници од Македонскиот народен театар, Археолошкиот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј на Македонија, кои ќе придонесат со свои содржини и активности.
Организаторите упатуваат отворена покана до сите љубители на книгата и до оние што допрва ќе станат, да бидат дел од оваа заедничка прослава на читањето, авторството и културата.
- Тоа е што е
- Шведска има и свој „Див Запад“: три места што функционираат по свои правила
- Секој четврти ученик на 15-16 години се коцкал за пари, предупредува ХЕРА Млади
- „МакеДокс“ од 20 до 27 август: 71 документарец, Шпанија во фокус и над 100 гости
- Различни патишта, исти желби: Битола го одбележува 12-ти август, Меѓународниот ден на младите