Блог, Лице в лице

Апокалипса во доба на „Бриџертон“

Илустрација на Зоран Свилар за „Лицеулице“ - апокалипса ескапизам.

Од почетокот на годинава, во светот официјално се активни повеќе од 120 воени конфликти. Од вестите за бомбардирање на Блискиот Исток и злосторствата врз цивилното население во Палестина, до разурнувањето на Либан, окупацијата на Украина и судирите во Судан, Мјанмар и Буркина Фасо, оправдано би било во медиумите за ништо друго да не се зборува. А сепак, актуелни се и новите сезони на серии на „Нетфликс“, доделувањата на „Оскарите“ ги преплавуваа социјалните мрежи, а резултатите од натпреварите и спортските настани доминираат на листите на најпребарувани поими на „Гугл“. Што ни зборува ова, истовременото следење на геноцид и „Бриџертон“, за времето во кое живееме?

„Нетфликс“ објави која романса ќе биде во фокусот на петтата сезона на „Бриџертон“.
САД за само шест дена потрошија 12.7 милијарди долари за војната во Иран.
Лемур ужива во утринското сонце.
Во Либан се убиени 1.094 луѓе од почетокот на војната со Израел.
Мајмунчето Панч има другарка и полека се одвојува од својата портокалова кадифена играчка.
Во Газа се убиени 1.722 медицински работници.

Во пишана форма, ваква низа информации нема многу смисла. Но, кога вестите ги следиме преку социјалните мрежи, начелата на логиката и драматургијата се подредени на начелата на алгоритмите. Фрагментираните информации за тоа што се случува во светот, се менуваат со забавни содржини, во вртлог од подвижни слики чија главна цел е што подолго да го задржат вниманието. На социјалните мрежи од пред 10 години, едно од главните алгоритамски начела беше потенцијалот да се предизвика бес или раздор. Таквиот алгоритам ѝ потпомогна и на, една, тогаш неочекувана претседателска кампања, но и на перцепцијата дека општествениот дијалог не е можен бидејќи јазот меѓу црвените и сините, десните и левите, едноставно е непремостлив.

Светот е во пламен, тоа сите го знаеме, но ако инсистираме на пламенот, се создава лош вајб

Поларизирачките, шокантни и контроверзни политички изјави тогаш беа најмоќниот начин да се привлече и задржи вниманието. Тоа правило важи и денес, со тоа што политичките теми повеќе не се фаворит на алгоритмите. За низата информации што ја гледаме кога ќе го отвориме фидот да наликува на онаа од почетокот на текстот, потребен е труд од корисникот. Ова е дополнителен чекор за да се активира опцијата за политички содржини, дополнителен чекор за да се отстрани ознаката за „чувствителна содржина“, дополнителен чекор за да се пребаруваат, бележат, споделуваат и лајкуваат информациите.

Вртлогот ја преферира забавата, бидејќи во последните десетина години научивме дека корисниците не можат да се справат со поплавата од негативни информации.

Светот е во пламен, тоа сите го знаеме, но ако инсистираме на пламенот, се создава лош вајб. Лош вајб е, на пример, да се зборува за геноцидот во Газа. Така, новинарите и новинарките кои сакаат да ја информираат јавноста за тоа, мораат да применуваат цела низа механизми со кои се заобиколува алгоритмот – од различни деминутиви со кои се прикриваат поимите Газа, геноцид и Израел и пиктограмот лубеница кој треба да сумира децении дехуманизација и злосторства, до трендови од „Тикток“ и фотографии од доделувањето на „Оскарите“, преку кои се залепени вести за бомбардирања.

Механизмите засега функционираат, дотолку што вестите повремено стигнуваат до публиката. Прашање е во која мера допираат до свеста, кога со едно движење на палецот можеме да ги замениме со нешто повесело.

Уметност или политичка пропаганда

Историјата на медиумите ни покажува колкаво влијание има визуелната содржина врз општествената перцепција, но и колку е важен контекстот во кој се среќаваме со таа содржина. Од многуте нешта што го обележаа долгиот 19-ти век, за времето во кое живееме значајни се изумите на неколку Французи и на една Англичанка. Можноста на хартија, на цинкани, бакарни плочки и на целулоид да се забележи прво момент, а потоа и низа моменти што го сочинуваат движењето, ја развиваа научници и уметници во текот на целиот 19-ти век. Тие не насетуваа во колкава мера, фотографијата и филмот ќе го трансформираат општеството.

Денес овие медиуми, со повеќекратните надградби што ги донесе дигиталното доба, се неразделни од сликата што ја имаме за светот, но и од политичките, општествените и технолошките сили што влијаат на таа слика.

Во време кога една од најразорните политички сили во историјата го ширеше своето влијание во Германија, филмовите на режисерката Лени Рифенштал служеа за индоктринација, поттикнување омраза и идеолошка подготовка на општеството за војна.

Еден од тие филмови, „Триумф на волјата“ (1935), го мотивираше американскиот режисер Џорџ Стивенс да се приклучи во борбата против нацистичкиот режим. Документарните снимки на Стивенс направени за време на ослободувањето на концентрациониот логор Дахау беа користени како доказен материјал на Нирнбершките судења. Малку кој пишан документ во таа мера придонел за јавното разбирање, осуда и сеќавање на злосторствата од Втората светска војна, како тие црно-бели секвенци од масовни гробници и изгладнети и измачени затвореници.

По војната, Стивенс освојува „Оскар“ за најдобар режисер во 1952 година, додека Лени Рифенштал започнува долгогодишна битка за репутацијата откако во рамки на Нирнбершките судења беше обележана како приврзаник на нацистичкиот режим. Една од главните пораки од кои Рифенштал не се откажа до својата 101 година беше дека се занимавала со уметност, а не со политичка пропаганда. Треба да се спомене дека, со исклучок на „Триумф на волјата“, повеќето нејзини дела не ја ширеа толку експлицитно нацистичката идеологија. Првиот голем (и скап) филм што го снима по нарачка на Гебелс и Хитлер по 1935 година е „Олимпија“, документарен филм за Летните олимписки игри во Берлин 1936.

Колкаво влијание би имале Лени Рифенштал и Џорџ Стивенс ако дозволената рамка им беше 7 секунди

Министерството за народно просветлување и пропаганда на Гебелс ја разбираше моќта на подвижните слики да го обликуваат јавното мислење, не само директно, преку технолошки напредни прикази на моќта на германската војска, туку и индиректно, преку забава и уметнички и естетски неспорни достигнувања. Подвижните слики придвижуваат, го задржуваат вниманието, будат емоции и, по потреба смируваат. Во ерата на преплавеност со подвижни слики, веројатно, многу повеќе од Гебелс, знаеме за врската меѓу филмот и физиолошките промени што ги предизвикува во мозокот. На пример, влијанието врз нивото на важни невротрансмитери како допамин и серотонин, потенцијалното создавање зависност или различните ефекти врз вниманието.

Она што е голема разлика денес, во однос на периодот од пред 80-100 години е количината и контекстот во кои сме изложени на подвижни слики, или, со современ речник, содржина.

Сликите од воени разурнувања се менуваат со инсерти од видео-игри, кои се менуваат со снимки од климатски катастрофи, кои се менуваат со смешни мачиња, кои се менуваат со ВИ-генерирани brainrot анимации, кои се менуваат со шокантни изјави на екстремни десничари на чело на водечките светски сили, и сето тоа во максимум 90 секунди, од кои повеќето луѓе ги гледаат само првите седум.

Гебелс можеби брзо би го совладал двосмислениот свет на алгоритмите и вештачката интелигенција, но прашање е колкаво влијание врз публиката би имале Лени Рифенштал и Џорџ Стивенс ако дозволената рамка им беше седум секунди.

„Триумф на волјата“ го згрозил Стивенс, но и го поттикнал да замине во војна. Голем број Германци, гледајќи го тој филм почувствувале гордост. Исто толку голем број почувствувале срам по гледањето на снимките на Стивенс од 1945 година.

За сите тие емоции, гордост, воодушевување, бес и срам,  потребно е време и внимание. Две нешта кои денес имаат речиси неизмерна пазарна вредност, а кои сè повеќе ни недостигаат. Она што останува кога ќе завршиме со скролање низ морето од подвижни слики, од јапонското мајмунче Панч и неговата плишана играчка од Икеа, до застрашувачките сцени од Газа и Иран, се замор и безнадежност – две емоции кои тешко дека можат да нè придвижат.


Избегнувањето е одбранбен механизам кој има своја психолошка функција и вредност

Со константната анксиозност на која сме претплатени со животот во 20-тите години од 21-виот век, голем број луѓе се справуваат преку бегство во фиктивни или барем привидно уредени светови. Тоа го знаеме врз основа на тоа што четвртата сезона на серијата „Бриџертон“ која се емитува на„Нетфликс“, во првата недела достигна гледаност од повеќе од три милијарди минути. Канадската серија „Heated Rivalry“ („Жестоки ривали“), само во САД ја следеа околу 10 милиони луѓе по епизода. Зимските олимписки игри во Италија на стриминг сервисите достигнаа гледаност од повеќе од 16 милијарди минути, додека настапот на Бед Бани на „Супербоулот“ имаше рекордни 4,157 милијарди прегледи за само 24 часа. Од 50-те најпребарувани поими на „Гугл“ во првите три месеци од оваа година, „Нетфликс“ се наоѓа на 25 место, пред Иран и Трамп, единствените политички поими на оваа Top 50 листа.

Ескапизмот отсекогаш бил присутен во човечкото општество бидејќи избегнувањето е одбранбен механизам кој има своја психолошка функција и вредност, но кога се мери во милијарди минути, прегледи и кликови, станува застрашувачки.

Позната е изјавата на германскиот филозоф Теодор Адорно дека е варварство да се пишуваат песни по Аушвиц. Сосема сигурно дека овој сентимент може да се примени на гледањето „Бриџертон“ во момент кога повторно се кршат сите начела на меѓународното хуманитарно право. Во денешниот свет, да се биде свесен за страдањето и неправдата во светот бара постојано престојување во алгоритамскиот вртлог без чувство дека можеме нешто да преземеме.

Она што го нудат фиктивните светови и спектаклите како „Супербоул“, доделувањето на „Оскарите“ или замислениот свет на регентското доба што го создаде Шонда Рајмс се чувство на контрола и сигурност, јасни правила и релативно предвидливи наративни текови со доволно неизвесност за да го задржат вниманието, но без да вознемируваат.

Во реалниот свет, напротив, се редат катастрофи кои нè трауматизираат и ретрауматизираат, а единствената акција што ни е достапна е да скроламе понатаму. Со други зборови, не би било фер бинџувањето да се нарече варварство, бидејќи живееме во време кое е на многу начини покомплексно од времето на Адорно, но не треба ни да се препуштиме на вртлогот. Дури и „Бриџертон“ и „Супербоулот“ можат да отворат простор за политички дијалог. Тоа ни го покажуваат, на пример, ирската актерка Никола Кафлан, која својата слава ја користи за да зборува за Палестина, или Бед Бани, кој своите 4,157 милијарди прегледи ги искористи за да укаже на расизмот и колонијалното насилство во САД. Или сите светски ѕвезди кои на доделувањата на „Оскарите“ побараа прекин на огнот.

Умереното и контролирано следење на вестите е лек за doomscrolling, а одморот и грижата за себе не се престап ако не нè одвраќаат од работите над кои сè уште имаме контрола – што ќе читаме и гледаме, на што трошиме пари, за кого ќе гласаме и кога и со кого ќе излеземе на улица.


Пишува: Дуња Карановиќ
Илустрациja: Зоран Свилар

Текстот е изворно објавен во 121. издание на српското улично списание „Лицеулице“, а „Лице в лице“ го пренесува со нивна дозвола oд редакцијата.
Оригиналната објава е на српски јазик на овој линк.

Напишете коментар