Доза вести

Светски ден на креативноста и иновациите: Повик за мапирање на македонските социјални претпријатија

Банер на АРНО за да се пополни анкетата за социјални претпријатија

На Светскиот ден на креативноста и иновациите, 21 април, здружението „АРНО“ заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемништво „ИНОВА“, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Здружението „Конект“ и Бизнис Импакт Лаб, ги повикуваат сите македонски социјални претприемачи да се приклучат на најважната европска анкета „Европски монитор за социјални претпријатија“ (ESEM). Анкетата е кратка, трае околу 15 минути, а податоците ќе бидат прикажани во компаративен европски извештај.

Повеќе информации за пополувањето и пристап до самата анкета има на овој линк.

– Потсетуваме дека најголемите иновации не доаѓаат секогаш од лабораториите, туку од потребата да се реши конкретен општествен или еколошки проблем – велат организаторите „АРНО“.

Тие потсетуваат дека социјалните претпријатија се токму тоа, иновативни модели кои „отскокнуваат“ од класичниот бизнис за да понудат решенија таму каде што каде што постоечкиот систем сè уште нема одговор.

– Ние сме мала земја, ама сме иновативни и сега е време да покажеме што имаме. Ги повикуваме сите кои се идентификуваат како социјално претпријатие – здруженија со економски активности, задруги, занаетчии или земјоделци со социјална мисија, фирми со работна интеграција – да ја пополнат анкетата. Ем за да покажеме што имаме од локални примери, ем за да добиеме податоци до каде сме и што следно треба да се преземе во делот на давање соодветна поддршка – изјави Ирина Јаневска од „АРНО“.

Дека иновациите во овој сектор носат реални промени, потврдуваат бројните светски и домашни примери. На глобално ниво, социјалните иновации како „Fairphone“ го револуционизираат пазарот на електроника преку поправливи телефони, додека виенското кафуле „Vollpension“ ги претвора вештините на пензионерите со помали примања во хит туристичка атракција.

Во Македонија, АРНО низ годините поддржува ентузијасти кои преку креативност решаваат локални предизвици. Примери за вакви иновативни модели се Мирјана Јосифоска, која од текстилен отпад создава дизајнерски шапки нудејќи фер работа за шивачките од Полог, Кристијан Шопов (Кико Магико), кој преку магионичарски настапи ги едуцира најмладите за зачувување на природата, како и Марија Дуда со нејзиниот ранч за спасени животни во Ранковце, каде се спроведува терапија со коњи за дечиња со аутизам.

На овој линк прочитајте го интервјуто на „Лице в лице“ со Мирјана Јосифоска од „Мија“.

Од фабрички вишок до јаготка на шлагот – шапки што ја редефинираат одржливата мода во Македонија

„Европскиот монитор за социјални претпријатија“ е најголемата студија во Европа која обединува над 30 земји. Поседувањето повеќе знаење за секторот овозможува финансирањето и политиките на ЕУ и националните стратегии подобро да се прилагодат на потребите на социјалните претприемачи. Анкетата се спроведува во 42 држави, на 32 јазици.

– Сè повеќе се зборува за инвестиции, кредитни линии, а сè помалку за грантови. Ова е одлична вежба да се преброиме кои сме, колку сме и до каде сме во Македонија, за да знаеме што е следно. Ние се вклучивме во овој процес про-боно, од искрена желба, ем да добиеме податоци, ем да се појават македонски ентитети на платформата. Помогнете ни да ги поставиме и македонските социјални претпријатија на мапата, со што ќе отвориме пат кон економија во која луѓето и планетата ќе бидат на прво место! -пренесуваат од АРНО.

Oбјавата е дел од проектот ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија’ имплементиран од страна на Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023.

Напишете коментар