Доза вести

Алгоритмите ја убиваат вистината: JTI бара промена од технолошките платформи

Време на читање: 2 минути

Апелот е насочен кон платформите како Google, Facebook и други, кои со своите алгоритми имаат огромно влијание врз тоа каква информација стигнува до публиката:
„Како чувари на онлајн сообраќајот, вие би можеле да ја информирате јавноста навремено и квалитетно — доколку навистина сакате“, се вели во иницијативата.

Повеќе од 190 медиумски куќи ширум светот (меѓу кои и големата AFP News Agency, но и нашето „Лице в лице“), на иницијатива на „Репортери без граници“ (RSF) се здружија во повикот до технолошките гиганти да ја поддржат доверливата новинарска работа преку прифаќање на Иницијативата за доверба во новинарството (JTI) , меѓународен стандард кој го промовира професионалното, транспарентно и етичко новинарство.

Тие упатуваат повик до дигиталните платформи да:

📌Го препознаат новинарството како јавно добро од суштинско значење
📌 Го интегрираат стандардот JTI во алгоритмите (пребарување, социјални мрежи, препораки)
📌 Обезбедат поголема видливост за медиумите сертифицирани со JTI, за да им помогнат на корисниците полесно да дојдат до веродостојни информации

Во време кога дезинформациите се шират со невидена брзина, а квалитетното новинарство се соочува со сериозна финансиска криза, JTI нуди конкретно решение. Овој стандард, развиен со учество на над 130 експерти, овозможува сертифицирање на медиуми кои ги исполнуваат највисоките професионални критериуми.

„ Хаосот е новата нормалност во денешниот медиумски пејзаж. Дезинформациите се шират неконтролирано, никој не знае на кои извори може да им се верува, а новинарството засновано на темелно и одговорно известување, се гуши поради екстремен недостиг на финансии. Оваа „совршена бура“ го наруши информацискиот простор, го загрози квалитетот на јавната дебата и ја доведе во опасност демократијата ширум светот“, се наведува во отвореното писмо.

Апелот е насочен кон платформите како Google, Facebook и други, кои со своите алгоритми имаат огромно влијание врз тоа каква информација стигнува до публиката:
„Како чувари на онлајн сообраќајот, вие би можеле да ја информирате јавноста навремено и квалитетно — доколку навистина сакате“, се вели во иницијативата.

Медиумите бараат овие платформи итно да го интегрираат JTI во своите системи за рангирање и препораки, со цел да се истакне доверливото новинарство и да се потисне ширењето на лажни вести.

„Ова не е само апел, туку конкретна можност за враќање на довербата во медиумите и за заштита на демократијата“, се наведува во заедничката изјава.

Медиумите посочуваат дека предизвиците со кои се соочува новинарството се бројни, но сите се сублимираат на Интернет:
„Првиот и најочигледен проблем е распадот на економскиот модел за квалитетно новинарство. Интернетот нуди бесплатни информации, кои во голема мера се несигурни и непроверени. Приходите од рекламирање во голема мера се префрлија на технолошките платформи, оставајќи ги редакциите да се борат за опстанок. Оваа економска ранливост принудува многу медиуми да го стават квантитетот пред квалитетот, со што се компромитира нивната способност да спроведуваат темелни и професионални истражувања“.

„Дополнително, алгоритмите што ги движат социјалните мрежи, пребарувачите и другите онлајн платформи се дизајнирани да го максимизираат ангажманот на публиката на начин што често ги засилува сензационалните, манипулативни или целосно лажни содржини. Оваа „економија на внимание“ работи против професионалното новинарство, создавајќи плодна почва за ширење на дезинформации и потиснување на доверливото известување“, се вели во дописот.

Иницијативата ја поддржуваат медиуми од сите континенти, кои веруваат дека само со заедничка акција може да се обезбеди информирана јавност и стабилна медиумска иднина. Дел од нив е и „Лице в лице“, повеќе за тоа на овој линк.

Повеќе информации за отвореното писмо има на овој линк.

Напишете коментар