Ало Скопје, критично е! Го губиме чекорот кон одржлив сообраќај, „НаТочак“ повикува на будност и акција

„Годишно на улиците низ Македонија ни се случуваат две дискотеки „Пулс“, со над 120 жртви. Зарем тоа ќе го прифатиме како нешто редовно и вообичаено? Ќе молчиме ли? Дали ќе бидеме неми сведоци на црната статистика?
Автоцентричноста на Скопје е во пораст. Сѐ повеќе луѓе се зависни од автомобилот како најподдржана опција. Сѐ повеќе автомобили на коловозите, но и онаму каде не треба: по тротоари, на велосипедските патеки „фраерски“ ја заобиколуваат гужвата, по парковите и во школските дворови“
Ова е дел од апелот кој го испраќа иницијативата „На Точак“, во пресрет на 91-вата Критична Маса насловена „Ало 091, Критично е!“, која ќе се одржи денес, со почеток во 17.30 часот. Апелот е најмногу насочен до институциите и идните градоначалници да преземат сериозни и визионерски чекори за подобар сообраќајен систем и урбана мобилност во Скопје.
„НаТочак“ бара системско преиспитување и целосна реформа: визија за нула жртви, развој на јавен превоз со приоритетни ленти, пешачки и велосипедски пристап до секој јавен простор, и град со отворени институции што соработуваат со граѓаните.
„ Ви даваме шанса да ги истражите најновите трендови во урбанизмот и сообраќајот и да понудите нова визија за Скопје. Скопје не е точак во сала, па да го вртите во место! Станува критично и чувствуваме одговорност да ја пратиме пораката дека мора да се придвижиме напред!“, велат од „На Точак“ и додаваат дека со ова се прославува 13 години од иницијативата
Линк до рутата.
Повеќе информации на овој линк.
Дизајн на постер: Игор Делов