Ана Петровска: Кога инспекторите прават компромиси, загадувањето станува „нормално“
Замислете инспектор кој го познава законот, но одејќи на теренски надзор се соочува со сопственик на фабрика кој има политички врски и влијание во правосудните лавиринти. Притисокот е реален – да се затворат очите, да се одложи контрола, да се прифати документ што не одговара на реалноста… Најголемиот предизвик е да се остане професионален и да се каже: „Јавниот интерес е поважен од личниот мир.“
Пишува: Адријана Георгиев
Инспекторите се на првата линија на одбрана на јавниот интерес, но нивната работа често е под притисок од политички влијанија и економски интереси. Во интервјуто со Ана Петровска, искусна аналитичарка и поранешна инспекторка и директорка на Државниот инспекторат за животна средина, зборуваме за предизвиците со кои се соочуваат јавните институции при спроведување на законот, како корупцијата ја поткопува заштитата на животната средина и што е потребно за институциите да станат навистина одговорни пред граѓаните.
Петровска испраќа охрабрувачка порака до младите жени кои се стремат да работат во јавни институции: принципиелноста и храброста се нивната најсилна алатка.
Ова интервју не зборува само за загадување, туку за значењето на политичкиот интегритет на дело. Кога инспекциските служби се под политички притисок, а законот се применува селективно, државата престанува да го штити јавниот интерес. Загадениот воздух и уништените реки се директна последица на институции без независност, каде корупцијата го заменува владеењето на правото. Затоа борбата за чиста животна средина е истовремено борба за чесна власт и одговорни институции.
Со кои предизвици се соочува институција кога треба да спроведува закон, а постојат притисоци?
– Замислете инспектор кој го познава законот, но одејќи на теренски надзор се соочува со сопственик на фабрика кој има политички врски и влијание во правосудните лавиринти. Притисокот е реален – да се затворат очите, да се одложи контрола, да се прифати документ што не одговара на реалноста (мерења од лабораторија без соодветна акредитација, нереално високо поставени гранични вредности за емисија). Најголемиот предизвик е да се остане професионален и да се каже: „Јавниот интерес е поважен од личниот мир.“
Колку политичкото влијание ја поткопува независноста на инспекциските служби?
– Кога инспекторите чувствуваат дека мора да прашаат „каде и кога“ пред да излезат на терен, независноста исчезнува. Тоа е како да имате судија кој мора да се консултира со политичар пред да донесе пресуда. Во пракса сум видела инспектори кои се договарале со сопственици на постројки, а граѓаните тоа го чувствуваат и губат доверба дека законот важи еднакво за сите.
Можете ли да ни дадете пример каде недостигот на интегритет довел до штети за граѓаните?
– Една бетонска база работеше со одобрен Елаборат за заштита на животната средина, иако за тој капацитет на производство требало да добие Б-интегрирана еколошка дозвола. Базата беше лоцирана покрај река и куќи: реката беше бела од истурен вишок бетон, а покривите на куќите беа целите со прашина. Граѓаните немаа мир од бучава. Тоа е само еден од многуте примери кога граѓаните ја плаќаат цената на изневерен интегритет.
Како се поврзани корупцијата и слабата заштита на животната средина?
– Корупцијата е како рак што го разјадува општеството. Кога инспекторите прифаќаат компромиси било од незнаење, било од притисок или мито, загадувањето станува „нормално“. Тогаш не се оди навремено на терен за да се земат мостри токму кога загадувањето на реката е најголемо, или воопшто не се земаат мостри, а јавноста се замајува со пораки дека „нема хемиско загадување“. Се дозволува автолакери да лакираат возила на отворено, под прозорците на жители во станбени згради, наместо во затворени кабини со контролирани услови – емитирајќи отровни супстанци, без дозвола за работа и без инспекциски надзор по завршување на работното време, кога всушност се вршат нелегалните активности. Се дозволува механичарски работилници да се греат на отпадно масло, инсталации да „регенерираат“ отпадни масла и да произведуваат горива со сомнителен квалитет, па дури и да работат со А-интегрирана еколошка дозвола. Се дозволува увоз на отровни горива, бидејќи нема протокол за мострирање на увезеното гориво на царински терминал, не се обезбедуваат доволно средства за контрола на квалитетот на горивото што го користат болници, институции, индустриски инсталации…. Корупцијата е директна причина за зголеменото загадување и за жал,таа е навлезена многу длабоко.
Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства
Што треба да се смени за институциите да бидат одговорни пред јавноста?
– Три работи: Транспарентност: секој надзор да биде видлив за јавноста. Заштита на инспекторите: да знаат дека ако работат професионално, никој нема да им се одмазди. Јавна отчетност: институциите да одговараат пред граѓаните, не пред политичките центри. Кога надзорите ги објавував на Фејсбук, увидов дека јавноста е моќна заштита.
Која е Ваша порака за младите жени кои сакаат да работат во јавни институции?
– Не дозволувајте никој да ви каже дека сте „слаби“ или „наивни“. Вашата принципиелност е сила. Ќе се соочите со притисоци, со обиди да ве обесхрабрат, но секој исправен чекор гради доверба кај граѓаните. Бидете гласни, транспарентни и храбри – јавноста ќе ве препознае и ќе ве поддржи. А најубаво е чувството дека сте оставиле трага: чист воздух, заштитена река, или инспектор кој се одважил да работи според правилата.
Прочитајте ја и нашата анализа на оваа тема
Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!
